Македонија
Воведување ред во државата, реализација на реформската агенда: Мицкоски порача дека годинава нема да има избори
„Ќе имаме можност да отпочнеме еден циклус на средби, односно брифинзи со претставници на земјите членки на Европската Унија, кои што се резидентни во нашата земја, и ценам дека на овој начин можеме поблиску да ги доближиме активностите кои што како Влада ги правиме, а се поврзани со Реформската агенда“, вели Христијан Мицкоски претседател на Владата на Република Северна Македонија на денешниот брифинг за Реформската агенда со амбасадори на земји членки на Европската Унија.
Мицкоски посочи дека дел од реформите се реализираат, но дел, како што рече, од објективни причини нема да се реализира, и за тоа се известени претставниците на меѓународната заедница.
„Како Влада кога бевме избрани пред неполни 20 месеци имавме индикативна листа на чекори кои што треба да ги реализираме, практично првата година и половина се одобруваа, се усвојува и слично, работејќи со ЕУ. Таму некаде на почетокот на 2025 година да се заокружи тој процес, почнаа чекорите да се реализираат, нормално додека се засили тој процес, ценам дека беа испорачани одреден број чекори, а потоа се распишаа локалните избори и поради нашето домашно законодавство, ние не успеавме таа динамика да ја следиме во зависност од нашите амбиции. И бидејќи тогаш Парламентот малтене е во техничка форма и не работи и останатите институции, имавме неколку месечна пауза. Но, веднаш после локалните избори, таму некаде од ноември месец интензивно се работеше на Реформската агенда и на реализирање на чекорите кои што се дел од Реформската агенда и оние чекори кои што можеме да ги реализираме. Тие што не можеме, објективно кажуваме зошто не можеме, бидејќи не би сакале да бидеме Влада која што едно ветува пред нашите партнери од меѓународната заедница, а друго прави позади завеса. Тоа што можеме да го испорачаме, ќе го испорачаме, тоа што не можеме ќе ги дадеме нашите аргументи зошто не можеме, и сме подготвени секогаш на искрен дијалог и разговор со нашите партнери од меѓународната заедница, посебно со нашите партнери од ЕУ“, нагласи премиерот.
Мицкоски порача дека оваа година нема да има избори, бидејќи Владата е фокусирана на исполнување на реформите и воведување ред во државата.
„Нема да имаме избори оваа година. За да немаме дилема, бидејќи често пати дел од вас ме прашуваат дали ќе имаме избори, еве самата оваа амбициозна агенда вели дека нема да имаме оваа година избори, затоа што сме фокусирани на реформа и воведување ред во државата. Такви се проектите „Безбеден град“, за жал некои од опозицијата тоа го злоупотребуваат и се обидуваат повторно да политизираат, а некои да етнизираат. Потоа, борбата со криминалот и корупцијата, одредени закони кои што ќе значат безбедност за здравјето на граѓаните, како Законот за пушење. Работиме со стејкхолдери, со производителите, оние страни кои што се засегнати како што се секторот угостителство и туризам, и мислам дека во овие неколку недели ќе дојдеме до решение кое што сите заедно ќе го поддржиме. Тука, исто така, има и други закони, како што се Законот за игра на среќа, законите кои што се дел од правосудството, некои ги поминавме, а некои ќе ги поминеме во вторник на владина седница“, рече тој и додаде:
„Така што оваа година имаме прилично амбициозна реформска агенда која што сакаме да ја завршиме. Целта е да ја напишеме домашната задача, а потоа е до земјите членки на ЕУ како понатаму“, истакна тој.
Премиерот Мицкоски заклучи дека следен брифинг би одржале во март, па во јуни месец и потоа како што рече би брифирале најмалку еднаш квартално сè со цел да ги информираат меѓународните претставници во однос на реализираните чекори на Реформската агенда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

