Македонија
Водата нема сериозно да поскапи ако конечната цена ја одредува Регулаторната, уверува Бислимоски
Сегашниот сложен процес за одредување на цената на водата ќе се смени и одлуката за конечната цена на водата ќе ја носи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Водоводните претпријатија се согласни на оваа измена и заедно со Регулаторната комисија подготвуваат измена на законските решенија.
„Сега има еден посложен процес за определување на цените на водните услуги. РКЕ носи една одлука, со која се определува минимална и максимална цена за секоја соодветна услуга што ја даваат водоводните претпријатија и понатаму, врз основа на нашата одлука, управниот одбор на претпријатието во рамките на овој опсег од минимум и максимум носи одлука за цена што потоа се доставува на одобрување во советот на соодветната општина. Очигледно е дека тоа е еден посложен процес бидејќи има политички влијанија и не секогаш се носат одлуки што се во интерес на водоводните претпријатија, но и во интерес на потрошувачите. Ние во изминатиот период во соработка со водоводните претпријатија во државата, кои имаат свое здружение, АДКОМ, се усогласивме и работиме на доставување заеднички предлог-измени и дополнувања на, најверојатно, два закона, со кои ќе се овозможи РКЕ да ја определува крајната цена за секоја водна услуга“, рече претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски.
РКЕ ќе ја носи одлуката за крајната цена на водата на ист начин како што тоа го прави за струјата, за парното и за природниот гас. Со планираните измени одлуката за цената на водата од РКЕ ќе биде задолжителна за комуналните претпријатија.
Бислимоски очекува со измените претпријатијата да ги намалат трошоците, а да ги зголемат инвестициите во мрежата, кои ќе придонесат за намалување на загубите на вода.
„Имајќи предвид дека сите наши методологии се поттикнувачки и даваат сигнал до претпријатијата, без разлика од која дејност се, да ги намалуваат своите трошоци, веруваме дека ќе обезбедиме повеќе инвестиции во водоводната инфраструктура во државата. Сега имаме една исклучително лоша ситуација во државата. На државно ниво загубите на вода ни се 64 %. Веруваме дека со овој нов концепт ќе се придонесе за инвестиции во оваа инфраструктура, која е стара 50, 60, а некаде и 70 години. Со тоа ќе се овозможи намалување на загубите на вода, но исто така ќе се намали и процентот на ненаплатена вода. На тој начин, а тоа е во интерес и на потрошувачите, ќе имаат стабилно и сигурно снабдување со вода, но поради намалување на загубите, нема да има драстично, односно нема да има никакви сериозни зголемувања на цените за водните услуги бидејќи ќе се зголеми процентот на неоприходувана вода, тоа е нешто што досега го немаат како приход овие претпријатија и ќе се намалат загубите на вода. Значи, трошокот за загуби, ако се намали, значи дека тие пари може да се користат понатаму за нови инвестиции, без да има некакви сериозни промени на цените за водните услуги“, рече Бислимоски.
Во Скопје изминатите години загубите на вода достигнаа и 40 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

