Македонија
„Водовод“ со апел до скопјани: „Воздржете се од полнење базени и полевање бавчи“

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје апелира до граѓаните на градот Скопје за сериозен пристап кон рационалното користење и употреба на водата.
Од Јавното претпријатие велат дека последиците од климатските промени стануваат дел од нашето секојдневие. Високите температури, кои достигнуваат и до 40 степени, придонесуваат за енормно зголемување на потрошувачката на водата и намалена издашност на изворот Рашче.
„Апелираме граѓаните да се воздржат од полнење базени, наводнување на поголеми зелени површини, полевање ниви и бавчи со водата од градскиот водоснабдителен систем, со единствена цел нормално водоснабдување во секој дел од градот Скопје“, наведуваат од „Водовод и канализација“.
Оттука ги повикуваат сите граѓани кои имаат информација за злоупотреба на водоводниот систем преку диви приклучоци, истите да ги пријават на еден од следните контакти:
– 02 3073 010, Дежурно-информативен центар;
– 02 3240 300, Дирекција
– [email protected]
– www.vodovod-skopje.com.mk
– www.facebook.com/jpvodovod.skopje
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Топлотен бран ја зафаќа Македонија, температурите ќе надминат 40°C

Од утре Македонија ќе биде зафатена од нов топлотен бран.
Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи, времето утре ќе биде претежно сончево и исклучително топло, со слаб до умерен ветер од западен и југозападен правец. Утринските температури ќе се движат околу 10°C, додека дневниот максимум ќе достигне и до високи 40°C.
Во вторник, жештината ќе продолжи со иста интензивност – сончево време без врнежи, со минимални температури од 12°C и максимални до 41°C.
Среда носи слична слика – стабилно, сончево и жешко, со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Утринските температури ќе се бидат околу 11°C, а дневните ќе се искачуваат до 40°C.
Во четврток, се очекува живата во термометарот повторно да се искачи до максимални 41°C, што ќе биде четврти последователен ден со температури над 40 степени.
Министерството за здравство потсетува за почитување на општите препораки за заштита на населението од високи температури:
– Престојувајте во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11 до 17 часот;
– Внесувајте доволно течности избегнувајќи алкохол и засладени пијалаци;
– Носете лесна, светла облека и користете заштита за главата и за очите;
– Избегнувајте физичка активност во најтоплите часови од денот;
– Посветете внимание на децата, на старите лица, на лицата со хронични заболувања и на бремените жени – овие групи се особено чувствителни на високи температури;
– Во случај на симптоми, како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс, веднаш побарајте медицинска помош;
– Одложете активности на отворено во најтоплиот дел од денот;
– Обезбедете микроклиматски услови (разладени простории со температура до 25°C) на работното место и во домот.
Македонија
ЦУК: Седум активни пожари низ Македонија

Центарот за управување со кризи информира дека денеска се регистрирани вкупно 15 пожари на отворен простор, од кои 7 се активни, 2 се под контрола, а 6 се целосно изгаснати.
Активни пожари:
1. Општина Василево – с. Нивичино (нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација)
2. Општина Македонски Брод 1 – с. Грешница (мешана шума и сува трева)
3. Општина Македонски Брод 2 (реактивиран) – помеѓу с. Црешнево, с. Локвица, с. Крапа (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација)
4. Општина Прилеп – помеѓу селата Царевиќ и Смолани (мешана шума и нискостеблеста вегетација)
5. Општина Струга – помеѓу селата Октиси и Белица (сува трева)
6. Општина Ресен – с. Покрвеник (трски и сува трева)
7. Општина Маврово-Ростуше – с. Дуф (ливада)
Под контрола:
1. Општина Желино – с. Желино према Еребино – планина Жеден (нискостеблеста шума, грмушки и ниска вегетација)
2. Општина Велес – кај селата Џидимирци – Крушје – Иванковци (мешана нискостеблеста деградирана шума)
Изгаснати се пожарите во: Студеничани, Крушево, Македонски Брод, Куманово, Липково и Ранковце.
Македонија
(Фото) Успешна спасувачка акција на Пелистер

По пријава на повредено лице од страна на граѓанин преку телефонскиот број за итни повици 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побара организирано извлекување со хеликоптер на планинар од Велес, кој се здобил со повреда на Пелистер планина, во близина на Битола.
Во 12:30 часот успешно интервенираа припадници на Министерството за внатрешни работи, со хеликоптер и специјалната единица „Тигар“. Повреденото лице беше извлечено и безбедно транспортирано до Градскиот стадион во Битола, каде што беше преземено од екипа на Итната медицинска помош – Битола, и пренесено во Клиничката болница Битола, на Одделот за ортопедија.
Лицето во текот на целата акција било свесно и во контакт со спасувачките служби, велат од ЦУК.