Македонија
Возач на ЈСП осомничен за предизвикување тешка сообраќајна несреќа, во која загина 17-годишник: со автобусот свртел лево за да избегне кабаст отпад и преминал во спротивната лента
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 51-годишен скопјанец постапувајќи по кривична пријава бидејќи постои основано сомнение дека сторил кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 12 август, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувајќи автобус, сопственост на ЈСП „Скопје“, по општинскиот пат Шуто Оризари – Горно Оризари, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето, извести Обвинителството.
Кога дошол во близина на крстосница со сервисна улица, која го поврзува општинскиот пат со улицата Александар Урдаревски, постапил спротивно на член 25 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, па со автобусот свртел во лево за да избегне кабаст отпад, шут и друго ѓубре расфрлани по десната страна на коловозот и преминал на левата страна, односно на дел од коловозот наменет за движење на возилата од спротивната насока.
Дејството го сторил невнимателно, без претходно да се увери дека може да го направи без опасност за другите учесници во сообраќајот и имотот, не водејќи притоа сметка за положбата, правецот и брзината на движење. Како резултат на наведениот пропуст со предниот лев дел од автобусот се судрил со автомобил „форд галакси“, со скопски регистарски ознаки, со кој управувал 17-годишник, кој немал стекнато право за управување моторно возило.
При ударот оштетениот добил тешки телесни повреди, од кои починал, а неговиот сопатник во автомобилот добил тешки телесни повреди и е во животна опасност.
Надлежниот јавен обвинител за осомничениот предложи мерки на претпазливост – привремено одземање патна исправа за преминување државна граница и забрана за издавање нова, привремено одземање на возачката дозвола, забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, како и обврска осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице, се наведува во соопштението на Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Попладнево блокада на граничниот премин Евзони
Во периодот од 17 до 21 часот по македонско, односно од 18 до 22 часа по грчко време, по пауза од три дена поради празниците, грчките земјоделци повторно ќе го блокираат граничниот премин Евзони кон нашата земја за влез и излез од Грција за сите видови возила.
Земјоделците низ цела Грција од денеска повторно започнаа со постепени блокади, додека пак утре напладне кај патарините Малгара во близина на Солун ќе се одржи состанок на кој ќе присуствуваат претставници од сите блокови низ земјата и ќе се одредат следните чекори.
Македонија
Изминатото деноноќие во тетовско-гостиварскиот регион се пријавени над 20 сообраќајки
Поради пад на температурите во текот на изминатото деноноќие дојде до замрзнување на коловозите во северозападниот регион на државата, што доведе до зголемен број на пријави од граѓани и возачи, информира денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во полициската станица во Тетово се регистрирани четири сообраќајќи, а во гостиварската полиција 15 сообраќајни незгоди.
„Две сообраќајки се случиле на патот Тетово – Гостивар, една на патот Пирок – Боговиње и една на патот Тетово – селот Требош. За една сообраќајка не е извршен увид. За пријавените сообраќајќи во полицијата во Гостивар, за 10 е извршен увид, додека за пет е направен договор меѓу оштетените страни“, се вели во соопштението на ЦУК.
Според ЦУК, примени се и бројни пријави од граѓани од градовите Тетово и Гостивар, како и од околните населени места за замрзнати споредни и локални улици.
Регионалниот центар за управување со кризи – Тетово стапи во контакт со надлежните од Општините Тетово, Гостивар и Желино, од каде е потврдено дека се ангажирани фирми за зимско одржување, како и дека на терен сее врши посолување на патиштата по приоритети.
Од „Македонија пат“ – секции Тетово, Попова Шапка и Гостивар информираат дека се врши посолување на автопатите и регионалните патни правци што се под нивна надлежност.
Поради врнежи од снег, на патниот правец Лисец – Попова Шапка е воведена задолжителна употреба на зимска опрема.
ЦУК апелира до возачите да бидат внимателни и да ја прилагодуваат брзината на возење, како и да поседуваат задолжитеелна зимска опрема во возилата.
Македонија
Планинар се изгуби на Пелистер, во тек е акција за негово пронаоѓање
Планинар е изгубен на подрачјето на Националниот парк Пелистер во близина на локацијата позната како „Антена“. Акцијата за негово пронаоѓање е во тек.
– Лицето било телефонски достапно околу 10 минути, по што сигналот на мобилниот телефон бил изгубен. Потрагата првично била извршена со ратрак, но без успех, информира Центарот за управување со кризи.
Случајот е пријавен во СВР Битола и во Националниот парк Пелистер – Битола, по што екипи веднаш се упатени на терен.
– Поради непристапниот терен и густата магла, од Ситуациониот центар биле побарани координати, при што биле доставени координати кои не одговараат на пријавената локација на планинарот. Остварен е контакт со директорот на Националниот парк Пелистер, кој и самиот се наоѓа на терен. Тој стапил во комуникација со началникот на СВР Битола со цел обезбедување на точни координати за лоцирање на планинарот, информира ЦУК.

