Македонија
Волонтери од „За почиста Македонија“ утре ќе го чистат Расадник
Утре, 1 ноември, со почеток во 11:00 часот, „За Почиста Македонија“ организира еко-акција во Расадник, Кисела Вода, со цел расчистување на едно од најголемите, но и најзапоставени зеленила во Скопје.
„Локацијата долги години е оставена без грижа и е преплавена со отпад. Со оваа акција, волонтерите на „За Почиста Македонија“ ќе покажат дека кога институциите не реагираат, постојат свесни и одговорни граѓани кои можат да ја преземат иницијативата во свои раце. Преку тимска работа, позитивна енергија и љубов кон природата, ќе се придонесе кон разубавување на просторот и враќање на неговиот природен сјај“, се вели во најавата на еколошкото друштво.
Акцијата е отворена за сите граѓани кои сакаат да помогнат во создавање на почиста и поздрава средина. Организаторите ќе обезбедат целосна опрема за чистење и логистичка поддршка.
Организаторите велат дека она што ги прави овие акции препознатливи е позитивната атмосфера, исполнета со дружба, музика и нови пријателства. По завршувањето на активностите, учесниците традиционално остануваат на неформално дружење со друштвени игри и неформално дружење во исчистениот простор.
Во изминатите години, „За Почиста Македонија“ има реализирано бројни акции низ целата земја, преку кои се испраќа порака дека секој поединец може да направи вистинска промена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.
Македонија
Делови од Центар и Зелениково денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. 5 бр. 47 во село Моране, во периодот од 08.30 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од село Моране, општина Зелениково.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација, општина Центар.

