Македонија
Вториот тест на коронавирус негативен и кај премиерот Спасовски
Денеска го добив резултатот од вториот тест на коронавирус и тој е негативен, објави премиерот Оливер Спасовски на „Фејсбук“, и се заблагодари за поддршката што ја добил во времето минато во изолација.
„Останува и понатаму да внимаваме и да ги почитуваме мерките. Да носиме заштитни маски, да држиме физичка дистанца од два метра, да се чуваме, а со тоа да ги чуваме и другите“, порача премиерот додавајќи дека само со заеднички придонес полесно и побргу ќе ја добиеме битката со Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манасиевски: Наместо свеж кадар, Филипче ги врати старите истрошени кадри од времето на Заев и Ковачевски
По само еден ден од старо-новото раководство на Заев, изгласано од Филипче, летаат оставки од општински организации на СДС и бараат оставки од Филипче, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„По толку помпезното најавување од страна на Филипче за реформи во СДС, тој го тргна Зоран и го стави Заев на неговото место. Наместо свеж, чист и нов кадар, тој ги врати старите истрошени кадри од времето на Заев и Ковачевски. Филип Андов, Јон Фрчковски, Јованка Тренчевска, Андреј Жерновски, Љупчо Фармаковски, Александар Наумоски се таканаречените нови лица на СДС. Луѓе полни со скандали, со лошо минато, луѓе без кредибилитет, луѓе кои не испорачаа кога им беше побарано од граѓаните. Некомпетентни и неквалитетни кадри“, рече тој.
А дека бродот во СДС тоне, кажа Манасиевски, доказ за тоа се неколку оставки од општински организации од Ѓорче, до Битола и Крива Паланка.
„Оставки од Филипче се бараат на секој чекор, а тој гордо ги продолжува да ги исполнува задачите кои му ги дава Зоран Заев. Реформите во СДС ќе дојдат само со формална оставка на Филипче и претседателот во сенка Зоран Заев“, рече Манасиевски.
Македонија
Општина Аеродром воведува системска селекција на пластичен отпад директно од домаќинствата
Општина Аеродром денеска официјално го започна проектот за системска селекција на пластичен отпад директно од домаќинствата, при што точно 50 домаќинства добија специјални канти за селекција на пластика, а во наредните фази ќе бидат опфатени вкупно 600 домаќинства, соопштија од општината.
Воведувањето ваков модел на управување со пластичен отпад, акко што појаснуваат, претставува прв чекор кон систем што постепено ќе се проширува низ целата општина.
„Ова не е кампања, туку функционален систем што им овозможува на граѓаните активно да учествуваат во заштитата на природата, почнувајќи од сопствениот дом“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
Тој додаде дека како прва општина што воведува ваков модел, испраќа јасна порака дека одговорното управување со отпадот е можно кога постои визија, институционална поддршка и соработка со граѓаните.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, изјави дека Општина Аеродром ја покажува вистинската иницијатива и одговорност кон животната средина. Според него, она што е особено важно за имплементацијата на проектот „Clean AirDrom“ – Нулта цврст отпад во Општина Аеродром, е што, покрај неговото значење за заштитата на животната средина, тој претставува и пример за успешно партнерство помеѓу Делегацијата на Европската Унија, Владата преку Министерството за локална самоуправа, Швајцарската Влада и Општина Аеродром. Преку ова партнерство е обезбедено и специјално електрично товарно возило за еколошки транспорт на отпадот.
За спроведување на проектот, за поттикнување на селекцијата кај граѓаните и за предавање на селектираниот отпад на овластени компании на понатамошен соодветен третман е задолжено Јавното претпријатие за комунални дејности на Општина Аеродром.
Со почнувањето на овој проект Општина Аеродром, додаваат од таму, директно придонесува кон намалување на мешан комунален отпад, заштита на природните ресурси и развој на свесни граѓански навики, но исто така покажува и дека нејзините еколошки политики не се само декларативни, туку практични и применливи.
Македонија
(Видео) Тренчевска: СДСМ ќе поднесе претставка до Уставниот суд по срамната Резолуција
СДСМ ќе поднесе претставка до Уставниот суд по срамната Резолуција во Собранието, објави потпретседателката на партијата, Јована Тренчевска.
„Од овде, од пред Уставниот суд испраќаме гласна порака: СДСМ нема да дозволи гушење на демократијата и слободата на говор. Заедно со граѓаните ќе ја одбраниме Македонија, ќе ја одбраниме демократијата. ДПМНЕ–ЗНАМ усвоија неуставна Резолуција со која директно се загрозуваат слободата на говорот и слободата на политичко дејствување на опозицијата“, рече таа.
Според Тренчевска, целта на власта е да ја замолчи опозицијата и да се забрани било каква дебата за договорот -мигранти за пари, да се спречи вистината да излезе на виделина.
„Секој што ќе зборува јавно за мигранти, да се таргетира со закани за кривични пријави и затвор. Затоа и забрзано работат на воспоставување контрола врз судството и обвинителството“, рече таа и истакна дека ќе биде поднесена претставка до Уставниот суд за уривање на уставниот поредок.
Според неа, Резолуцијата е спротивна на Уставот во делот на основни човекови слободи и права на граѓанинот – слободата на изразување која е неприкосновена.
Тренчевска најави и дека ќе се обратат до сите релевантни меѓународни институции и ќе побараат помош и од институциите на ЕУ, од сестринските партии во Европа.

