Македонија
Во август социјално загрозените ученици од Кисела Вода ќе летуваат бесплатно во Охрид
Децата од социјално загрозени семејства од општина Кисела Вода ќе добијат бесплатно летување. Денес е распишан огласот и објавени се критериумите, кои на ученици од семејства приматели на социјална или каква било друга помош, еднородителски семејства, семејства чии примања не надминуваат 35.000 денари месечно, семејства со еден вработен, примател на минимална плата, ќе им овозможат овој август да поминат неколку дена со своите врсници во некое од летувалиштата на Охридското Езеро, соопштија од Општината.
„За оваа намена, Општина Кисела Вода издвои 3 милиони денари од својот буџет, со кои ќе се покријат трошоците за превоз, сместување и храна. Рокот за пријавување почнува од денес, 18.5.2023 година, и трае 10 дена, односно заклучно до 27.5.2023 година до 18 часот. Пријавите со целокупната документација се доставуваат лично или по пошта на адреса: Општина Кисела Вода, улица Петар Делјан бр. 17 или во архивата на Оштината со назнака: Пријава за избор на социјално ранлива категорија на ученици од општинските основни училишта за кои Општина Кисела Вода ќе спроведе бесплатен летен одмор – комисија)“, велат преку соопштение од Општината.
Како што дополнуваат ,пријавата и образецот со упатство за пополнување, како и сите други информации поврзани со користењето на оваа услуга, се достапни на веб-страната на Општината.
„Се работи за мерка од социјалната сфера на Општина Кисела Вода, која на децата од социјално ранливи категории, кои се редовни ученици во основните училишта во општина Кисела Вода, ќе им овозможи социјализација, дружење и нови искуства, односно ќе им понуди еднакви можности со своите врсници. Воедно, проектот за бесплатни часови по странски јазици, часови за компјутерска технологија и бесплатен спорт за овие деца, ќе продолжи и во следната учебна година, а пакет-мерките за поддршка ќе биде дополнет и со нови услуги и содржини“, велат од таму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

