Македонија
Во болниците низ Македонија се лекуваат 1.036 заразени со коронавирус

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.036 и има околу 320 празни болнички кревети во ковид центрите, информираат од Министерството за здравство.
Во ковид-центрите во Скопје вкупно се лекуваат 426 пациенти. По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 44 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 56 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 34 пациенти, во Велес се лекуваат 35 болни, а во Куманово 82 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 65 пациенти, во Прилеп 74 во ковид центарот во Гостивар 40, а во Струга 37 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 55 пациент, во Кочани 15 во Кичево 18, Кавадарци 35, во Гевгелија 14 лица, а во Дебар 6 позитивни и суспектни на корона вирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.
Во текот на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.
Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ново поглавје во неврохирургијата: На Клиниката во Скопје првпат е изведена операција на мозок со помош на системот за стереотаксија

Mинатата недела на Клиниката за неврохирургија првпат се изведе операција на мозок со помош на системот за стереотаксија (framed stereotactic brain biopsy).
„Испишуваме ново поглавје во неврохирургијата. Големо е задоволството кога имаме развој во јавните здравствени установи, преку воведување нови методи. Станува збор за минимално инвазивна постапка која се изведува со помош на рамка што се поставува врз главата на пациентот. Потоа, со помош на посебни тридимензионални пресметувања се планира точната локација на интервенцијата во внатрешноста на главата и се зема материјал за анализа“, појасни министерот за здравство, Азир Алиу.
За да се дојде до овој резултат, претходеа подготовки со тим на експерти од Бразил, предводени од проф. Маноел Јакобсен Теишеира од Универзитетот Сао Паоло, како и инженерот Антонио Мартос Калво.
Работниот тим што ја изведе оваа значајна интервенција се состои од д-р Роберт Шумковски, д-р Ивица Коцевски, д-р Љуљзим Агаи (неврохирурзи) и д-р Радмила Панговска (анестезиолог).
„Посебна благодарност до тимот од неврохируршките сали и од одделот за континуираната подршка во тек на работниот процес, како и до Клиниката за радиологија за безрезервната и трпеливата подршка во процесот на организација на работниот процес. Оваа постапка нуди во иднина исклучителни можности за развој на функционалната неврохирургија и лекувањето на разните невро-дегенеративни заболувања, поради кои нашите пациенти согласно досегашната пракса се упатува на лекување во странство“, појаснува директорот на Клиниката за неврохирургија, кој е дел од тимот, д-р Љуљзим Агаи.
Македонија
Андоновски на министерскиот состанок на ЕУ: Македонија ја гради иднината на вештачката интелигенција дома со Европа како партнер

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, се обрати на панелот посветен на вештачка интелигенција и иновации во рамки на министерскиот состанок за земјите од Западен Балкан, организиран од Европската комисија и еврокомесарката Екатерина Захариева.
Во своето обраќање, Андоновски порача дека Македонија го трансформира пристапот кон иновациите, од фрагментиран систем во интегриран, ефективен и европски усогласен модел. Тој го претстави INOVA, националниот механизам за иновации и претприемништво, кој обединува три министерства – за дигитална трансформација, економија и образование – во една унифицирана структура што овозможува реални резултати на терен.
„Иновацијата веќе не е само технолошко прашање – таа е економско, општествено и стратешко прашање. Со INOVA, обезбедуваме кохерентност, интеграција и инклузивност на сите нивоа,“ изјави Андоновски.
Како дел од новата инфраструктура, беше истакнат и INNOFEIT EDIH – првиот Европски центар за дигитални иновации во Македонија, кој преку Програмата Дигитална Европа обезбедува поддршка за мали и средни претпријатија во форма на пристап до капацитети за вештачка интелигенција, дигитални близнаци, менторство и обука.
Посебен акцент беше ставен на новата Национална фабрика за вештачка интелигенција – ВЕЗИЛКА, финансирана преку програмите Horizon Europe и EuroHPC, која ја поврзува Македонија со европската AI мрежа, вклучувајќи пристап до суперкомпјутери, заеднички податочни простори и обуки за клучни сектори.
„Како што рече претседателката фон дер Лајен – ‘иднината на вештачката интелигенција треба да се создаде во Европа’. Од Скопје, би додал – ‘понекогаш таа иднина треба да се создаде токму тука, дома – но со Европа како наш партнер и со европските вредности како наш водич’,“ заклучи Андоновски.
Настанот собра министри и високи претставници од земјите од Западен Балкан и ЕУ, кои дискутираа за регионалната и европската соработка во полето на дигиталната трансформација, иновациите и примената на вештачката интелигенција.
Македонија
Муцунски – Спиропали: во фокусот инфраструктурното поврзување, со посебен акцент на стратешката важност на Коридорот 8

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски оствари телефонски разговор со министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали.
Двајцата соговорници изразија задоволство од одличната билатерална соработка и ја потврдија подготвеноста за нејзино понатамошно унапредување во сите области од заеднички интерес. Во таа насока,Муцунски ѝ упати покана на министерката Спиропали за билатерална посета на нашата земја, на која ќе бидат разгледани конкретни иницијативи за продлабочување на соработката.
Во телефонскиот разговор стана збор и за европската перспектива на двете држави и за заедничките активности на патот кон Европската унија. Во тој контекст, беше потенцирано значењето на инфраструктурното поврзување, со посебен акцент на стратешката важност на Коридорот 8 како проект од регионално значење.
Воедно, беше нагласена важноста на негувањето на добрососедските односи, како и заедничкиот придонес на двете земји кон стабилноста и безбедноста во регионот.