Македонија
Во болниците од коронавирус се лекуваат 818 пациенти

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот што се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците во земјата е 818 и има околу 400 празни болнички кревети во ковид-центрите.
По извештаите на болниците, кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во Скопје се лекуваат 355 лица сомнителни и потврдени на Ковид-19.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 30 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 45 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 19 пациенти, во Велес се лекуваат 29 болни, а во Куманово 71 пациент позитивен и суспектен на Ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид се хоспитализирани 50 пациенти, во Прилеп – 55, во ковид-центарот во Гостивар – 18, а во Струга – 30 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 46 пациент, во Кочани – 18, во Кичево – 12, во Кавадарци – 22, во Гевгелија – 10 лица, а во Дебар – 10 позитивни и суспектни на коронавирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час на час според направените приеми и исписи на пациенти.
Во текот на денот се прават и исписи на оздравени пациенти, со што ќе се ослободат дополнителни легла.
Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба, одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На првиот состанок на Балканската платформа за мир во Истанбул учествуваше Муцунски

На покана на министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера во Истанбул учествуваше на првиот состанок на Балканската платформа за мир. Настанот се одржа на иницијатива на турскиот министер Фидан, со учество на министрите за надворешни работи од земјите од Западен Балкан.
Како што се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, на состанокот се разговарало за европската интеграција, регионалната поврзаност, младите, образованието, одбранбената индустрија и други актуелни регионални прашања. Учесниците се согласиле дека платформата треба да продолжи и на лидерско ниво.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакнал определбата на државата за конструктивна регионална соработка како двигател на економскиот развој. Тој укажал на сериозните предизвици со кои се соочува регионот – ниска конкурентност на економиите, недоволна енергетска и инфраструктурна поврзаност и иселување на младите. Муцунски го посочил и отсуството на предвидлив и динамичен европски пат, потенцирајќи ја потребата од поголема одлучност и лидерство во процесот на интеграција на регионот во ЕУ, особено во актуелниот геостратешки контекст.
Како позитивен пример беше посочен Планот за раст за Западен Балкан, со акцент на неговиот потенцијал за носење конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите. Муцунски ја истакна и инвестициската посветеност во коридорите 8 и 10, како клучни транспортни и енергетски врски меѓу Јадранското, Егејското и Црното Море, посочуваат од МНРиНТ.
Министерот подвлекол и дека регионот мора да вложува повеќе во човечкиот капитал, конкурентноста, туризмот, културата и образованието како предуслови за одржлив развој и поврзување.
Во обраќањето пред медиумите, министерот Фидан нагласи дека стабилноста на Балканот е приоритет за Турција и дека платформата има за цел решавање на регионалните проблеми преку зголемена соработка, енергетска стабилност и поврзаност.
На маргините на настанот, министерот Муцунски остварил и билатерална средба со својот домаќин, министерот Фидан. Разговорите биле фокусирани на билатералните односи, економската соработка, инвестициските можности и продлабочувањето на соработката во области од заемен интерес.
Македонија
Шумскиот пожар во Крива Паланка се шири кон куќите, екипите се на терен

Шумскиот пожар што од вчера напладне зафати над 50 хектари борова шума во кривопаланечкото село Нерав, според информациите од Општина Крива Паланка се проширил и на делови од територијата на општина Ранковце, село Герман како и кон општина Трговиште, Република Србија.
Командирот на територијалната противпожарна единица од Крива Паланка, Иле Коцевски, информира дека екипите се терен и работат на гасењето без престан, но пожарот се шири и доближува кон куќите во селото Нерав.
Дојава за пожарот во ТППЕ Крива Паланка е примена вчера околу 14 часот, а во гасењето активно биле вклучени екипи на: ТППЕ Крива Паланка, ТППЕ Ранковце, Противпожарна единица Трговиште, Србија, екипи од јавното претпријатие „Македонски шуми“ – Подрачно шумско стопанство “Осогово”,Крива Паланка и локално население од селата Нерав и Трговиште.
-Теренот е непристапен, во текот на ноќта гасевме заедно со сите што беа вклучени, сега на терен сме од противпожарната единица од Крива Паланка и “Македонски шуми”, направив замена на еден тим од ТППЕ, колегите се беспоштедно ангажирани, вчера успеавме да спречиме пожарот да се доближи до куќите, но денес огнот повторно се шири и претставува закана за куќите, населението е вклучено, а градоначалникот е во постојана координација со општинскиот кризен штаб, информира Коцевски.
Од општината апелираат сите граѓани строго да ги почитуваат препораките и да се воздржат од движење во планински и шумски предели, со цел заштита на сопствената безбедност и олеснување на работата на службите на терен.
Македонија
Владата тврди: Почнува стабилизацијата на здравствениот систем

По една година од преземањето на власта, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги истакнува првите резултати во, како што велат, еден од најзапоставените сектори од претходната власт – здравството.
„Почна процесот на консолидација на јавните здравствени установи низ државата, што вклучува намалување на наследените долгови и екипирање со неопходен здравствен кадар“, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, СДСМ оставила здравствен систем во колапс – болници со големи долгови и недостиг на медицински персонал. Новите раководства, со поддршка на институциите, почнале со домаќинско управување и финансиска стабилизација.
„Во изминатиот месец, реализирани се или се во завршна фаза над 950 нови вработувања во здравството, вклучувајќи лекари, медицински сестри, лаборанти, болничари, психолози, техничари, хигиеничари и друг неопходен кадар“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Меѓу болниците што веќе го започнале процесот на вработување се Прилеп, Тетово, Штип, Битола и Охрид.
Во Прилеп, на пример, според податоците, за една година долгот на болницата е намален од 200 на 109 милиони денари. Воедно, во тек е постапка за вработување на 120 здравствени работници, меѓу кои 21 доктор, а се најавува и вработување специјализанти.
Во тетовската Клиничка болница, како што информираат, по долг период е објавен конкурс за трајни вработувања на 119 медицински кадри, а за административниот дел ќе следи посебен оглас преку Агенцијата за администрација.
Во Битола, постапката е веќе започната за десет приватни специјализанти, додека во охридската болница, седум специјализанти (анестезиолог, радиолог, инфектолог, педијатар, хирург и двајца гинеколози) веќе се вклучени во работа.
„Консолидирањето на јавните здравствени институции и зајакнувањето на човечките ресурси се суштински дел од стратегијата на Владата за унапредување на здравствениот систем. Не беше лесно, но темелите полека се поставуваат“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.