Македонија
Во Вевчани пронајдена граната од Втората светска војна

Во Вевчани, Струшко, при чистење на одводен канал била пронајдена една рачна бомба со непознато потекло од Втората светска војна и една кесичка со барут.
Од страна на овластено лице од Дирекцијата за заштита и спасување рачната бомба била безбедно подигната и предадена за понатамошна постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Герасимовски изврши увид во училиштето Димитар Миладинов: Целосно ги реконструираме фискултурната и свечената сала

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, направи увид во реконструкцијата што се одвива во ООУ „Димитар Миладинов“, каде во тек е целосно обновување на фискултурната сала, свечената сала и меѓупросторот меѓу нив.
Во фискултурната сала се заменува целиот под со нов паркет, се обновуваат ѕидовите и плафонот, се поставуваат енергетски ефикасни светла и се оспособуваат прозорците, додека свечената сала добива целосно нова бина, нови скалила, обновен паркет и подобрени услови за користење, извести Општината.
„Подобрувањето на училиштата останува еден од нашите клучни приоритети. Со реконструкцијата во училиштето „Димитар Миладинов” создаваме современи, безбедни и инспиративни простори во кои децата ќе можат да учат, да спортуваат и да се развиваат. Инвестицијата во нивното образование и здрав развој е инвестиција во иднината на Центар“, изјави градоначалникот Герасимовски.
Реконструкцијата на Свечената сала, предвидува целосно нова бина и нови скалила, а постоечкиот паркет се струга и лакира. Во тек се молерисувањето на ѕидовите, замената на плафонските светла со штедливи, оспособувањето на прозорците за отворање и отстранување на стара остава со непотребен материјал.
Паралелно, се работи и на меѓупросторот, каде се заменува оштетениот под и се изведуваат молерисувачки зафати, се додава во соопштението од Општината.
Македонија
ДУИ: Членовите го напуштаат ВРЕДИ, Албанците се откажуваат од лагите на Меџити

Секој нов ден е нов пораз за ВРЕДИ. Членови, активисти и цели структури си заминуваат, оставајќи зад себе вештачка, празна и дискредитирана коалиција. Само во текот на овие денови, членови и структури од три општини јавно се оградија од оваа групација. Ова е јасен доказ дека Албанците не можат да се водат со лаги и дека политиката изградена врз лични интереси секогаш завршува со пораз, велат од ДУИ.
„Меџити и неговиот тесен круг ја претворија партијата, без оформени структури, во приватен бизнис – без идеја и без визија. Тие што вчера веруваа дека ВРЕДИ носи промени, денес ја гледаат вистинската слика на алчноста, поделбите и трговијата со албанските интереси. Албанците знаат да ја казнат политиката што ги потценува. ВРЕДИ е пропаднат политички експеримент на Мицкоски и граѓаните тоа го препознаа. Меџити се обидува да ја прикрие катастрофата со напади и празни изјави преку просрпската пропаганда на неговиот пријател Стоилковиќ, кој самиот призна дека во две-три ситуации го спасил од јавен срам. Сепак, Албанците повеќе не го слушаат и ја знаат вистината“, се наведува во соопштението.
Според ДУИ, додека ВРЕДИ се распаѓа пред очите на јавноста, Националната алијанса за интеграција стои цврсто и ги обединува Албанците.
„Тоа е вистинската политичка сила што расте секој ден и што ќе го води албанскиот народ напред – обединет и достоинствен. Октомври се ближи. Се ближи и часот на политичка и правна одговорност. Народот на референдум ќе им ја изрече казната“, велат од ДУИ.
Македонија
СДСМ го честита Денот на Армијата: Нашите херои во униформа се гарант за сигурна иднина

„Во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, упатуваме искрени честитки до припадниците на Армијата на Република Северна Македонија, до сите сегашни и поранешни воени лица, како и до нивните семејства, по повод 18 август – Денот на Армијата“, велат од СДСМ.
„Армијата претставува столб на сигурноста, одбраната и стабилноста на нашата држава. Со својата посветеност, дисциплина и професионалност, армиските припадници се грижат за безбедноста на нашите граѓани и за заштитата на територијалниот интегритет на земјата.
Посебно горди сме што токму во време на владеење на СДСМ, Северна Македонија стана 30. полноправна членка на НАТО – најсилниот безбедносен сојуз во светот. Со ова, нашата Армија стана дел од модерните армии на НАТО, со можност за обука, соработка и опремување според највисоки стандарди.
Членството во НАТО значи трајна гаранција за безбедноста на нашата држава, заштита на граѓаните и сигурна иднина за генерациите што доаѓаат. Тоа е и признание за квалитетот и способноста на нашата Армија, која денес рамноправно учествува во меѓународни мисии за мир и стабилност ширум светот.
Уште еднаш, срдечно честитаме и им оддаваме почит на сите припадници на Армијата на Република Северна Македонија – нашите херои во униформа“, соопшти СДСМ.