Македонија
Во Велес утре ден на жалост поради тројцата загинати во сообраќајната несреќа
Утрешниот ден, 18 октомри, ќе биде ден на жалост во Велес поради сообраќајната несреќа кај Катланово, во која животот го загубија три лица од овој град.
Градоначалникот на Велес, Марко Колев, изрази сочувство до семејствата на загинатите сограѓани.
„Трагедиите како оваа, која се случи вчеравечер, ни ја покажуваат кревкоста на животот и нè потсетува на она што е навистина важно. Искрено сочувство до семејствата на загинатите сограѓани во сообраќајната несреќа, нашите мисли и молитви остануваат со повредените и посакуваме побргу закрепнување. На денешната седница на Советот на Општина Велес со едноминутно молчење ја искажавме нашите тага и жал и по итна точка на дневен ред Советот донесе одлука утрешниот ден да биде ден на жалост во Велес“, сподели Колев.
МВР претходно денес објави дека загинале три лица во сообраќајната несреќа која се случи вчера попладне на автопатот Скопје – Велес пред тунелот кај Катланово кога се преврте комбе.
Загинатите се А. Н. (37), Ј. А. (47) и Д. Ц. (66), сите од Велес.
Од овој град се и лицата што добија тешки телесни повреди – возачот О. Д. и сопатниците З. С. (59), В. З. (67), Н. Н. (33) и Б. П. (41).
Според информациите од МВР, до несреќата дошло кога комбето во кое се превезувале излетало од патот и се превртело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара украденото да се врати кај народот
Опозициската СДСМ обвини дека власта спроведува, како што наведуваат, грабеж преку криминални тендери, во време кога во државниот буџет недостасуваат две милијарди евра.
Од партијата посочуваат дека 161 тендер биле доделени на една фирма, 51 тендер на, како што велат, омилената фирма на ВМРО-ДПМНЕ преку општините, девет милиони евра на фирма со двајца вработени, како и 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта на Северна Македонија.
Според СДСМ, станува збор за милионски суми и голем број тендери кои, како што тврдат, завршуваат кај исти фирми.
„Украденото мора да се врати кај народот“, наведуваат од партијата, додавајќи дека за тоа да се случи мора да има одговорност за криминалните тендери.
Од СДСМ сметаат дека одговорноста треба да започне од, како што ја нарекуваат, тендер коалицијата ВМРО–ЗНАМ и дека нема борба против криминалот и корупцијата без одговорност на врвот на власта.
Во соопштението се наведува дека наместо празни зборови за промоција, премиерот Христијан Мицкоски треба да ги повика обвинителите и судиите кои ги поставува и постапките да започнат од 161 тендер, потоа од 51 тендер и од тендерот во Поштата.
Македонија
(Фото) „Водовод“ отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров
Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје, известува, дека со цел да овозможи поголема достапност на услугите за своите корисници, отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров. По тој повод, директорот на претпријатието, Иван Митровски, изврши увид во функционирањето и подготвеноста на новоотворениот наплатен пункт.

„Со отворањето на овој наплатен пункт, на корисниците им се овозможува плаќање на месечните сметки, проверка на состојбата на долгот за потрошена вода и пријавување на состојбата на водомерите.

Наплатниот пункт е лоциран во постоечкиот објект на ЈП Водовод и канализација -Скопје, на улица Ѓорче Петров, до Тинекс маркетот, и ќе работи секој работен ден од 07:30 до 15:00 часот“, соопшти „Водовод“.

Од таму информираат дека наплатниот пункт во Сарај е затворен.
Македонија
Андоновски на средби со технолошки лидери во САД: разговарано за теми од клучно значење за развојот на безбедна дигитална инфраструктура
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посетата на Соединетите Американски Држави ја започна со работна средба со MITRE Corporation, една од највлијателните и најдоверливи институции што со децении работат директно за Владата на САД во областа на сајбер безбедноста и управуваат со повеќе FFRDC центри (Federally Funded Research and Development Centers).
На средбата се разговараше за теми од клучно значење за современата држава и развојот на безбедна дигитална инфраструктура, меѓу кои: вештачка интелигенција и нови технологии со фокус на доверливост и валидација, сајбер безбедност и национална сајбер-отпорност за заштита на критична инфраструктура и државни платформи, дигитално управување и менаџмент на податоци за институционална дигитална зрелост и интероперабилност, како и области со високи безбедносни стандарди – авијација, безбедност и здравствен систем.
Средбата вклучи разговори со Beth Meinert (виш потпретседател и генерален директор), како и со Yosry Barsoum и Shamik Das од MITRE Corporation. Разговорот беше насочен кон тоа како се гради доверба во дигиталната држава, како се поставуваат јасни правила за одговорност и безбедност, и како институциите можат да носат подобри одлуки базирани на податоци, стандарди и мерливи резултати. Министерот Андоновски имаше можност да го посети и иновацискиот центар за истражување на MITRE, известува Министерството за дигитална трансформација.

Во рамки на посетата, министерот Андоновски заедно со владината делегација, која ја сочинуваат Игор Јанушев, Генерален секретар на Владата, и Златко Перински, Министер за локална самоуправа, остварија средба и со претставници на Microsoft, при што разговараа со Коззета Гарет, General Manager for Cyber Security Services во Microsoft, за актуелни предизвици и можности за унапредување на сајбер безбедноста, зајакнување на отпорноста на јавните системи и поддршка на дигиталната трансформација.
Делегацијата во САД ќе присуствува и на Молитвениот појадок, како дел од официјалната агенда на посетата.

