Македонија
Во Гостивар ќе се гради стационар за бездомни кучиња
Во организација на невладината организација „Цивил“, во салата на Советот на Општина Гостивар се одржа јавна средба со локалните власти, граѓанското општество и граѓаните во рамките на кампањата „Акција-интеграција“, која има цел промовирање на европските вредности и зелените иницијативи.
Напорите на Општина Гостивар во овие области на присутните им ги презентира градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари.
„Како Општина сме спровеле голем број активности во рамките на нашите надлежности и можностите што ни ги дозволува општинскиот буџет. Сме имале акции и проекти за раззеленување на градот, чистење на дивите депонии и нивно раззеленување. Планираме да воведеме јавен превоз со минибуси на електрична енергија. Посветени сме на конечно решавање на проблемот со регионалната депонија ‘Русино’. Ќе промовираме минималната употреба на автомобили, односно масовно користење велосипеди, и притоа планираме наесен да објавиме тендер за физибилити-студија. Сето ова со цел да се зачува животната средина, да имаме помалку загаден воздух и многу други еколошки компоненти за кои западните земји инвестираат многу, а ние како држава инвестираме многу малку. Како Општина што се соочува со разни опструкции од централната власт, се залагаме со скромниот буџет да иницираме работи што можеме да ги направиме, сето тоа за доброто на граѓаните на општина Гостивар“, истакна Таравари.
Џабир Дерала од невладината „Цивил“ му се заблагодари на градоначалникот на Гостивар за континуираната соработка со организацијата што тој ја претставува, како и неговиот коректен пристап кон граѓанскиот сектор во целина.
„Овие иницијативи, кои Општина Гостивар ги презема и планира да ги спроведе, се иницијативите што во Европа и во развиените земји се сметаат за голема работа. Јас изразив жалење како и многу мои пријатели за тоа што д-р Таравари ја напушти функцијата министер за здравство, каде што се покажа многу успешен, но сега кога гледам дека бележи последователни резултати како градоначалник, мило ми е што ја избра оваа функција и дека и покрај фактот што е градоначалник што доаѓа од редовите на опозицијата, многу придонесува за граѓаните на Гостивар“, рече, меѓу другото, Дерала.
На прашањето на присутните што презема Општина Гостивар за решавање на проблемот со кучињата скитници, градоначалникот Таравари одговори дека во тек е изградба на стационар за третман на бездомните кучиња, со што Гостивар ќе стане првиот град во Македонија што ќе го реши адекватно овој дамнешен проблем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Интересот за докуп на стаж не се намалил и во 2025 година: управниот одбор на Фондот на ПИОМ ја усвои завршната сметка
Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување ја одржа триесет и втората седница.
Директорот на Фондот, Никола Мемов ги информира членовите на Одборот за активностите што се остварени по претходната седница. Тој рече дека предвидените активности на Фондот се одвиваат согласно плановите и при тоа нагласи дека процесот на дигитализацијата на архивата се одвива непречено согласно СИАП проектот и се очекува да заврши до 30 јуни оваа година.
Мемов, исто така, информира дека состојбата со решавањето на предметите е подобрена, а особено во Комисиите за процена на способноста, и нивниот број е намален.
Управниот одбор ја усвои Завршната сметка на Фондот за 2025 година. Директорката на Секторот за финансии, Фатиме Неџипи рече дека од податоците изнесени во Завршната сметка произлегува дека Фондот навремено и во целост ги извршувал сите обврски во текот на 2025 година. Таа додаде дека приходите и расходите се избалансирани и се во согласност со предвидените параметри.
Членот на Одборот, Станка Трајкова рече дека од Завршната сметка се гледа дека финансиското работење на Фондот е позитивно, што е задоволувачки резултат.
Управниот одбор на седницата ги разгледа и Информацијата за состојбата со наплатата на закупнината на издадениот станбен простор во домовите за живеење на корисниците на пензија за период 01.01 – 31.12.2025 година и Информацијата за состојбата со наплатата на закупнината за издадениот деловен простор во домовите за живеење и клубовите за дневен престој на корисниците на пензија за истиот период.
Директорот на Секторот за човечки ресурси, правни и општи работи, Влатко Ѓуроски рече дека наплатата на закупнините кај станбениот простор се одвива непречено, поради тоа што истата се одвива со задршка од пензијата на корисниците. Кај издавањето на деловниот простор, додаде тој, во два случаи се прекршени одредбите од Договорот за закуп и истите се раскинати. Ѓуровски рече дека овие простори ќе бидат дадени на лицитација за изнајмување откако ќе биде извршена проценка на вредноста за давање под закуп по метар квадратен.
Управниот одбор ги разгледа и Информацијата за остварените права од двостолбниот пензиски систем и Информацијата за утврдување на стажот на осигурување – „докуп на стаж“ во 2025 година. Директорката на Секторот за остварување на права од ПИО, Билјана Стојанова информира дека во вториот столб има 410.602 активни осигуреници. Според евиденцијата на Фондот досега 130 осигуреници оствариле право на старосна пензија со исплата од двостолбниот пензиски систем. Од нив 57 корисници кои ги потрошиле средствата од индивидуалната сметка примаат минимална пензија од Фондот.
Во однос на докупот на стаж, Стојанова рече дека интересот не се намалува и во 2025 година се поднесени 840 барања. За 791 барање е донесено позитивно решение, за 21 негативно, а 11 предмети се во тек на решавање. Стојанова рече дека по овој основ до 31.12 2025 од Фондот се наплатени 4 милијарди 222 милиони 217 илјади и 2 денари.
Македонија
Утре сончево со мала локална облачност, во наредните денови температурите во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.
Македонија
Зелени коридори на сите премини и размена на искуства и податоци: Скопје и Атина со заеднички план за побрза трговија
Блиската соработка на Царинските управи на Македонија и Република Грција носи видливи придобивки за економиите на двете земји, при што двете страни се длабоко посветени кон унапредување на безбедноста и забрзување на протокот на стока преку засилена соработка, размена на искуства и споделување податоци.
Проширување на примената на зелените коридори на сите граничните премини, споделување на најдобрите практики и искуства на државната хемиска лабораторија на Грција, како и унапредување на соработката помеѓу службите за контрола и истраги, се дел од иницијативите што ќе бидат опфатени во заедничкиот Акциски план на коишто двете страни започнуваат да работат веднаш. Ова се дел од заклучоците на денешната билатерална средба на делегации од двете царински управи предводени од директорите Бобан Николовски и Димитриос Бурикос, на која активно учествуваше и директорката на Националната лабораторија на Грција, Софија Зиси.
„Овој состанок го гледам како можност за утврдување на конструктивни заеднички активности во областа на ефикасни контроли и практични мерки за олеснување на трговијата на границата, имајќи ги предвид напорите и активностите кои Царинската управа на Република Северна Македонија ги спроведува на патот на интеграцијата кон Европската Унија“, истакна Бурикос.
Директорот Бурикос во своето обраќање особено се осврна на реформата на Царинската унија на ЕУ, која значително ќе влијае на идната соработка. Во оваа насока, тој се осврна на трите главни области кои се акцентирани со реформата – централизација на царинските податоци преку заеднички Царински податочен центар на ЕУ, целосна дигитализација, како и поедноставување на постапките преку унапредување на програмата за Овластен економски оператор како клучна за олеснување на трговијата и зајакнување на безбедноста во синџирот на снабдување преку партнерство со приватниот сектор.
Директорот Николовски нагласи дека Царинската управа е цврсто посветена кон спроведување на реформската агенда за побрза интеграција во единствениот пазар на ЕУ, при што размената на искуства со Грција, како земја членка е од големо значење за понатамошно усогласување со европските системи и практики.
„Преку соработката со грчката Царинска управа јасно потврдуваме дека нема отстапувања од нашата цел, изградба на модерна царинска служба што работи по највисоки стандарди. Во фокусот на нашата соработка во периодот што следи се модернизација на царинската лабораторија, унапредување на контролите базирани на анализа на ризик, зајакнување на истражните механизми и олеснување на трговијата преку проширување на зелените ленти и размена на податоци во реално време. Нашата блиска соработка е основа и за унапредување на условите за водење бизнис, како клучно за зголемена трговска размена помеѓу двете држави“, вели директорот Николовски.

