Македонија
Во дел од општините ГУП-от не е сменет над 20 години, има голем број дивоградби и неефикасен инспекциски надзор, објави Центарот за граѓански комуникации
Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето на тема „Застарени ГУП-ови, често менување ДУП-ови и голем број дивоградби“ и ова, како што информираат, открива дека доминантен дел од општините имаат генерални урбанистички планови (ГУП), чија формална важност е истечена. За разлика од застарените ГУП-ови, во општините што беа предмет на ова истражување за пет години се донесени многу ДУП-ови и направени се многу нивни измени.
Поконкретно, истражувањето ги покажува клучните наоди:
„Наспроти законски предвидениот плански период од 10 години, во дел од општините ГУП-от не е сменет и по повеќе од 20 години. Ненавременото ажурирање и изготвување нови ГУП-ови создава ризик од непланско управување со градежното земјиште и од загрозување на јавниот интерес и квалитетот на животот.
· Дури три четвртини од измените на ДУП-овите се направени по барање на физички или правни лица, што значи дека е воспоставена пракса – планската документација да се менува и адаптира според потребите на надворешни субјекти наспроти иницијативите за измени на ДУП-овите од страна на општината, со кои би се предвиделе повеќе проекти за унапредување на јавниот простор;
· Секое трето барање за градба во периодот 2018-2022 година е одбиено или повлечено, што говори дека постапките за издавање одобрение за градење во општините во определени случаи може да бидат неправедно одолговлечени или, пак, да не е обезбеден ист третман на барателите;
· Барањата за легализација на нелегално изградените објекти доставени во 2018 година се над двојно повеќе од барањата за одобренија за градба доставени во период од цели пет години, од 2018 до 2022 година. Ова недвосмислено говори за последиците од донесувањето закон за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, со што се загрозуваат принципите на владеење на правото и планскиот развој на просторното планирање во земјата;
· Бројот на нелегално изградени објекти говори и за неефикасноста на инспекцискиот надзор. Наместо да бидат урнати, овие објекти чекаат на легализација, и тоа во бројка неколкукратно поголема од легално доставените барања за градба;
· Пополнетоста на работните места во организациските единици за урбанизам просечно изнесува 62 %, а во половина општини не е назначен раководител на организациската единица надлежна за урбанизам. Ова значи дека не е воспоставена целосна и ефикасна контрола и воедно се зголемува можноста за поголеми влијанија на градоначалниците, кои ја добиваат можноста на функцијата да овластат блиски лица“.
Истражувањето е изготвено во рамките на проектот „Заштита од корупција“ со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, имплементиран од Центарот за граѓански комуникации, во периодот од 1 ноември 2021 година до 31 октомври 2024 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Донесени пресуди за случајот „Премин“, обвинителството најави жалба
Денеска, во Основниот кривичен суд Скопје, беше објавена неправосилна пресуда во предметот со кодно име „Премин“, застапуван од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Обвинителството за гонење на организиран и корупција. Во предметот беа опфатени повеќе царински службеници од Царинските испостави Ново Село и Дојран. Со пресудата, дванаесет обвинети лица се огласени за виновни за сторени кривични дела Примање поткуп и Злоупотреба на службената положба и овластување.
Четворица обвинети се осудени на ефективни казни затвор во траење од една година и шест месеци до три години, додека на останатите осум лица им се изречени условни осуди.
Четворица обвинети на почетокот на главната расправа го признаа делото и тогаш судот ги осуди на ефективни казни затвор во траење од 2 години до 2 години и 8 месеци.
Воедно, на 14 лица во предметот осудени за кривичното дело Примање поткуп судот им изрече и казна забрана за вршење на должност на службено лице, во времетраење од две до осум години, индивидуално определена за секој од нив.
Предлогот на обвинителството за одземање и конфискување на имотната корист прибавена со кривично дело беше делумно прифатен од страна на судот и паричните средства се вратени на еден од обвинетите.
Останатите привремено одземени парични средства пронајдени при извршените претреси се одземени и тоа 18.230 евра, 263.210,00 денари, 4860 швајцарски франци, 443 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.
Обвинителството незадоволно од висината на казните и од висината на одземените парични средства најавува дека ќе го искористи правото на изјавување на правен лек по писмено добивање на пресудата.
Истражната постапка за овој случај беше отворена во октомври 2024 година кога беше спроведена полициска акција под кодно име „Премин“ поради основано сомнение дека обвинетите распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран, во временскиот период од 21.03.2023 година до 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат.
Македонија
Поранешен градоначалник на Росоман исплатил личен долг од 500.000 денари од општинскиот буџет
Полицијата поднесе кривична пријава против С.Н.(29) од Росоман поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според информациите на МВР, во периодот од август 2024 година до септември 2025 година, С.Н. во својство на градоначалник на општина Росоман, во два наврати ги пречекорил границите на службеното овластување и од Буџетот на општина Росоман противправно биле прибавени парични средства во вкупен износ од околу 500.000 денари, кои биле присилно наплатени од извршител за личен долг на С.Н..
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.

