Македонија
Во дискотеката било мирно, диџејот не забележал дека Тот се расправал или тепал со обвинетите
Диџејот Здравко Теодоров, кој вечерта кога се случило претепувањето на ракометарот Денис Тот пуштал музика во диското, рече дека внатре немало нарушување на јавниот ред и мир. За настанот дознал од медиумите. Тој рече дека дискотеката „Привилиџ“ има свое обезбедување. Опиша што се случувало критичната вечер.
„Јас за настанот дознав во петокот кога објавија медиумите. Таа вечер пуштав музика во дискотеката. Не го видов тој настан. Во дискотеката не забележав нарушување на јавниот ред и мир, од пултот каде што се пушта музика има целосна прегледност. Оваа дискотека завршува со работа во зависност од тоа колку луѓе има внатре. И да биде полно, во 4 часот наутро завршуваме. Кога има помалку луѓе, кога ќе си отиде последниот, затвораме. Јас од дискотеката си отидов околу 2.30 часот критичниот ден. Не знам кога точно се затворила. Пред дискотеката вообичаено има обезбедување. Не можам да кажам дали и вечерта имало обезбедување. Ако забавата завршила, немало луѓе внатре, обезбедувањето си отишло“, изјави Теодоров.
На 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, обвинетите заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот, тврди скопското Обвинителство. По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди, од кои кај оштетениот најпрвин настанала коматозна состојба, а следниот ден починал.
Од дружба и пиење во диското до смртоносни боксови и клоци. Ракометарот Денис Тот од дискотеката излегол во друштво со осомничените за неговото убиство по три часа забава. Тие имале резервација, пиеле виски и ред бул, немало расправии, ниту индиција дека нешто ќе се случи. Внатре влегле триесетина минути по полноќ, а излегле околу 3.30 часот по полноќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.

