Македонија
Во државата има многу големи осила, оваа фарса е во контекст на изборите и ќе доживее фијаско: Димитриевски пред судот во Куманово
„Сакам првично да ја информирам јавноста дека јас верувам во институциите на системот и сметам дека во оваа зграда зад мене и покрај тоа, не само во оваа, во државата има многу големи осила.
Сепак, постојат и внатре пчели што ги почитуваат Уставот и законот на оваа држава и оставам на иституциите да се произнесат по ова обвинение, кое во целост е монтирано и има една единствена цел, а тоа е да ме делегитимира во јавноста и да ме прикаже во друго светло, да го наруши мојот дигнитет и авторитет“, рече претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и кандидат за претседател на државата, Максим Димитриевски, на денешната прес-конференција пред Основниот суд Куманово по рочиштето од процесот што се води против него по приватна кривична пријава за наводна злоупотреба на службена положба и овластувањето.
Тој посочи дека ова не е првпат во пресрет на избори да се соочува со вакви притисоци и додаде: „Еве јавно овде ќе потврдам, а тоа ќе го кажам и на следното рочиште во судницата, дека ќе се ставам во интерес на заштита на јавниот интерес, а не на приватниот интерес. Значи, нити сум спречил ниту имам намера да спречам спротивно на законот некој да гради згради, висококатници, но кога се работи за интерес на училишта, школски диспанзери, медицински објекти, јас сум должен да го штитам. Оваа фарса е во контекст на изборите и сметам дека таа ќе доживее фијаско, но ете ќе оставиме на времето, па нека се произнесат повисоките органи, а јас овде јавно ветувам дека ќе се заложам максимално во следниот период од позицијата за која претендирам, да го демонтираме овој узурпиран судски систем, кој постои во соработка со обвинителскиот и Министерството за внатрешни работи во целост. Затоа што во континуитет се случуваат вакви нарачки од носители на високи политички функции од власта, или во конкретниот случај, луѓе од високиот ‘лидершип’ на СДСМ, да ги злоупотребуваат институциите на системот и да ме доведат и мене и луѓето како мене во ваква состојба. Но, ова не ме обесхрабрува, дополнително ме мотивира во моите намери од Македонија да направиме поубаво место за живеење“.
Запрашан на кого мисли кога вели ‘лидершипот’ на СДСМ и власта, Димитриевски одговори:
„Па тие се ‘лидершипот’, ги знаете сите. Претседателите, потпретседателите, поранешните носители на високи функции, вечни министри итн. И тоа е јавно. Јавноста во Куманово тоа го знае. Направете една анкета помеѓу граѓаните и ќе ви биде јасно. Погледнете ги првично луѓето што ги застапуваат тужителите и сè ќе ви биде јасно.
Димитриевски додаде: „Недозволиво е во една држава да се носи одлука на Уставен суд, уште необјавена, адвокатот или страната на тие што го застапува случајот во постапката го објавува пред Уставнот суд да го објави тој акт. Тоа ви покажува длабока поврзаност со највисоки судски органи во власта. Како е тоа можно? Па можно е кога функциите во независната судска власт се избираат од страна на политичарите. Тука е заробен нашиот систем во Македонија. Значи, ние имаме систем кој во целост е узурпиран и кој е во функција на политичката елита што е на власт, без разлика дали се едните, или другите. Затоа Максим Димитриевски заедно со својот тим се бори против такво нешто и мислам дека од позицијата што ја барам од граѓаните ќе добијам можност да го демонтирам тоа во целост и во Македонија никогаш повеќе да не биде исто“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.
Македонија
„Авиончето на браќата Рајт“ отвори расправа: СДСМ ја прашува Сиљановска зошто со колегите од Европа не разговара за платите
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со потребата од нов, поголем владин авион.
Од СДСМ велат дека претседателката најчесто летала со владиниот авион -13 пати, а притоа не соопштила колку тие летови ги чинат граѓаните.
„Сите тие сакаат да се луксузираат на грбот на народот, ништо не им е доволно големо, ништо не им е доволно. Само за платите на работниците кога ќе стане збор, тие се доволни, никако да ги покачат. 600 евра минимална плата за нив е премногу, авионите им се мали“, велат од партијата.
СДСМ тврди дека лет со владиниот авион може да чини и до 40 илјади евра, и дека комерцијален лет во економска класа е значително поевтин.
„Кој претседател досега воопшто ја отворал темата за големината на авионот? Ги праша ли Гордана Сиљановска нејзините колеги претседатели што мислат за тоа што македонските работници имаат најниски плати и во Европа? Што мислат за тоа што минималната плата во Македонија е најмала во регионот? Или што животниот стандард на македонските граѓани е најнизок? За тоа не и се зборува за Сиљановска, само за луксузи и авиони“, велат од СДСМ.
Претходно денес, претседателската Гордана Сиљановска-Давкова рече дека владиниот авион е стар 25 години, купен на старо, и дека според неа треба да се размислува за набавка на нов, но поголем авион.
Говорејќи по свеченоста во Институт за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, таа во деминутив го нарече „владиното авионче“, посочувајќи дека нејзини колеги претседатели од регионот го нарекувале „авиончето на браќата Рајт“, бидејќи е најмало и најстаро.
Сиљановска-Давкова изјави дека користењето на владиниот авион понекогаш овозможува пофункционално извршување на државните обврски и дека може да биде и поевтино од комерцијалните летови. Сепак, додаде дека не е пријатно што авионот е стар 25 години и купен на старо.
Македонија
Донесени пресуди за случајот „Премин“, обвинителството најави жалба
Денеска, во Основниот кривичен суд Скопје, беше објавена неправосилна пресуда во предметот со кодно име „Премин“, застапуван од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Обвинителството за гонење на организиран и корупција. Во предметот беа опфатени повеќе царински службеници од Царинските испостави Ново Село и Дојран. Со пресудата, дванаесет обвинети лица се огласени за виновни за сторени кривични дела Примање поткуп и Злоупотреба на службената положба и овластување.
Четворица обвинети се осудени на ефективни казни затвор во траење од една година и шест месеци до три години, додека на останатите осум лица им се изречени условни осуди.
Четворица обвинети на почетокот на главната расправа го признаа делото и тогаш судот ги осуди на ефективни казни затвор во траење од 2 години до 2 години и 8 месеци.
Воедно, на 14 лица во предметот осудени за кривичното дело Примање поткуп судот им изрече и казна забрана за вршење на должност на службено лице, во времетраење од две до осум години, индивидуално определена за секој од нив.
Предлогот на обвинителството за одземање и конфискување на имотната корист прибавена со кривично дело беше делумно прифатен од страна на судот и паричните средства се вратени на еден од обвинетите.
Останатите привремено одземени парични средства пронајдени при извршените претреси се одземени и тоа 18.230 евра, 263.210,00 денари, 4860 швајцарски франци, 443 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.
Обвинителството незадоволно од висината на казните и од висината на одземените парични средства најавува дека ќе го искористи правото на изјавување на правен лек по писмено добивање на пресудата.
Истражната постапка за овој случај беше отворена во октомври 2024 година кога беше спроведена полициска акција под кодно име „Премин“ поради основано сомнение дека обвинетите распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран, во временскиот период од 21.03.2023 година до 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат.

