Македонија
(Видео): Потпишување на договорот за промена на името меѓу Македонија и Грција
Од Грција во живо го пренесуваме потпишувањето на договорот со Грција во Псарадес на грчката страна од Преспанското Езеро. По ова делегациите од двете земји ќе се упатат во Отешево на македонската страна, каде се предвидени билатерални разговори и свечен ручек.
Македонската делегација ја предводи премиерот Зоран Заев, а во нејзин состав се замениците претседатели на Владата, министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, министерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и министерот за надворешни работи Никола Димитров. Во Псарадес тие се пречекани од страна на претседателот на грчката влада, Алексис Ципрас и од грчката владина делегација.
Потписот на договорот ќе го стават министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, заедно со медијаторот во преговорите, амбасадорот Метју Нимиц, по што свои обраќања ќе имаат премиерите Заев и Ципрас.
За време на целата церемонија, и во двете земји ќе присутсвуваат потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации Розмари Ди Карло, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија и Заменик-претседателка на Европската комисија, Федерика Могерини,и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан.
Потпишувањето на договорот ќе го следат и протести. Населението од Северна Грција се мобилизира за утрешните протести во Преспа. Демонстрациите ги организира „Комитетот за одбрана на грчкиот карактер на Македонија“ кои организираат и автобуски превоз за оние кои ќе сакаат да учествуваат на протестот. Во Битола, протестен марш ќе одржи опозициската ВМРО ДПМНЕ, која смета дека договорот е штетен и е во спротивност на националните интереси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

