Македонија
Во завршна фаза активностите за оне-стоп-шоп на Ќафасан – Ќафтане
Во завршна фаза се активностите за воспоставување на концептот оне-стоп-шоп на граничниот премин Ќафасан – Ќафтане со Република Албанија. Воспоставувањето на концептот за гранични контроли со едно застанување ја зголемува соработката помеѓу државите и ја забрзува регионалната интеграција. Ова се главните пораки од денешната средба на директорот на Царинската управа, Стефан Богоев, со директорот на Царинската управа на Република Албанија, Генти Гажели, остварена на граничниот премин Ќафасан – Ќафтане.
„Со Царинската управа на Албанија имаме исклучителна соработка и драго ми е дека денес сме во завршна фаза на воспоставување на концептот за заеднички контроли оне-стоп-шоп на граничниот премин Ќафасан – Ќафтане. Со ова ќе се овозможи спроведување на граничните контроли со едно застанување, што ќе ја олесни трговијата, ќе го забрза транспортот на стоки и ќе овозможи побрз проток на патници“, истакна директорот Стефан Богоев.
На граничниот премин за земјите од „Отворен Балкан“ е воспоставена приоритетна лента за сите товарни возила за стоки што поминуваат во рамките на зелените коридори, како и за компаниите со статус на овластен економски оператор.
Во моментот, како што потенцира Богоев, во подготовка се проекти зголемување на бројот на сообраќајни ленти и автоматизација на овој граничен премин, со поддршка на Владата и финансиски средства обезбедени од Светската банка и од инструментот на ЕУ за претпристапна помош – ИПА.
„Сите овие активности се во насока на побрзо завршување на царинските постапки, намалување на трошоците и подобрување на конкурентноста на домашните компании на меѓународниот пазар, како и за побрза интеграција на нашата држава кон ЕУ“, изјави Богоев.
Директорот на Царинската управа на Република Албанија, Генти Гажели, истакна дека воспоставувањето на оне-стоп-шоп на граничниот премин Ќафасан – Ќафтане ќе го подобри квалитетот на живот и бизнисот не само за жителите на Република Албанија и РС Македонија туку и во земјите од регионот.
„Тука сме денес да најдеме решение за да се имплементира овој многу важен проект, кој ќе придонесе да се развие бизнисот во двете држави“, вели Гажели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Брисел
На покана на Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО.
Министерскиот состанок претставува уште една можност министрите да разменат ставови во однос на донесените одлуки од Самитот на НАТО во Хаг, кои се важни за иднината на Алијансата, како и да разменат мислења за напредокот во зајакнувањето на индивидуалните способности и капацитети за овозможување ефективна колективна одбрана и безбедност.
Во фокусот на дискусиите се очекува да бидат разменети информации за заедничките напори за продолжување на континуираната поддршка за Украина, како и размена на ставови за одговор на актуелните безбедносни предизвици и закани, вклучително и дестабилизирачките активности на малигните актери и стратешките конкуренти, кои имаат за цел да ја нарушат воспоставената безбедносна архитектура и меѓународниот правен поредок, извести Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
На маргините на министерскиот состанок, предвидено е министерот Муцунски да оствари и повеќе билатерални средби, меѓу кои и со шефот на американската делегација, заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, како и да учествува на тематски состанок посветен на Коридорот 8.
Македонија
Делови од Гази Баба и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 11.30 часот, дел од улица Коце Металец и Филип Филиповиќ (од улица Рударска до Трафиките за храна пред паркингот), без струја ќе останат и зградите на два Баќа градители и зградата на Ул.Коце Металец Бр2 (општина Гази Баба)
– во период од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците на ул.Струшка (општина Карпош).
Македонија
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи ќе има во западните и јужните делови. На повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд и слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност до крајот на неделата, следува период на претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во западните и јужните делови. На некои од повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Минималните температури ќе бидат насекаде позитивни.

