Македонија
Во ковид – центрите во Скопје се хоспитализирани 26 нови пациенти
Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во Скопје се хоспитализирани 26 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 443 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 15 приеми и тоа тројца пациенти биле хоспитализирани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, двајца во ковид центарот на Клниката за Неврологија, четворица болни се хоспитализирани на Клиниката за дерматовенерологија, еден пациент на ОРЛ, тројца на Клиниката за нефрологија и двајца на Клиниката за очни болести.
Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало пет нови приеми на пациенти, а шест на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 10 оздравени пациенти.
Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 22 пациенти, на Клиниката за неврологија 30 болен, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 49 пациенти со симтоми на корона вирусот, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 26 пациенти, на Клиниката за очни болести 16 пациенти, а на ОРЛ 26 болни.
Во ГОБ 8 Септември има вкупно 108 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 146 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 30 пациенти, од кои 7 деца и 21 возрасен.
„И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 30-тина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка“, велат од Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Јаревски: Стевчо Јакимовски е алиби мајстор кој се плаши од ревизија бидејќи е свесен дека ќе излезат на виделина злоупотребите што ги правел
Стевчо Јакимовски знае дека следи ревизија на неговата криминална работа и дека ќе излезат на виделина сите криминали кои ги правел, затоа плаче, наместо да честита.
Стевчо Јакимовски е причината зошто Карпош e бетонска џунгла, во која интересот на граѓаните беше на последно место, истакна на прес-конференција Тони Јаревски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Стевчо Јакимовски по поразот кој го доживеа во Карпош, се уште не може да се помири дека дојде крајот на неговото изживување врз карпошани.
Јакимовски тоне во своите солзи, говори за некакви изборни нерегуларности во кои само тој верува. Јакимовски е свесен за неговите злоупотреби кои ги има направено во Карпош и во страв дека сите работи ќе излезат на виделина, Стевчо плаче.
Алиби мајсторот Стевчо, се плаши од ревизија во општината и затоа му порачуваме овие неколку дена што му останаа да не потпишува никакви документи, бидејќи добивме информации дека презема очајнички слугувања кон мафијашите што ги штити“.
Храбриот Стевчо, вели Јаревски, треба да знае две работи, а тоа е дека народот во Карпош го порази и дека ќе има ревизија на неговото работење.
„Карпош се ослободи од Стевчо и неговите другарчиња од градежната мафија. Сотир Лукровски и ВМРО-ДПМНЕ ќе ја препородат општина Карпош“.
Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец октомври 2025 година.
Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 06 Ноември 2025 година.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа:
06.11.2025– А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ
07.11.2025– М, Н, Њ, О, П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.
Македонија
Во Скопје се одржува меѓународен студентски симпозиум посветен на предизвиците во новиот свет на дигиталната ера
Во организација на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ денес и утре во Скопје се одржува меѓународен студентски симпозиум посветен на предизвиците во новиот свет на дигиталната ера. Студенти од Македонија и повеќе други земји презентираат свои трудови и дебатираат за најновите трендови во технолошкиот развој, а собирот го отвори министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која посочи дека вакви настани ја потврдуваат посветеноста на академската заедница кон развој на знаењето и критичката мисла – две вредности без кои нема напредок ниту одговорен однос кон иднината.
„Јасно е дека современата технологија, а особено вештачката интелигенција во поново време е неразделен дел од секојдневието и сите професии. Создава нови можности за напредок, но истовремено поставува и низа прашања на кои мораме одговорно да пристапиме, а одговорност најмногу се очекува од младите, затоа што се најголеми носители на дигиталното знаење, но и оние кои први ги забележуваат неговите ограничувања“, рече Јаневска.
Министерството за образование и наука, велат од таму, активно работи на создавање услови што ќе овозможат младите да стекнат релевантни дигитални компетенции и практични вештини. Преку модернизација на наставните програми, опремување на образовните установи со современа технологија, поддршка на истражувањата и поттикнување на иновациите, како што рече министерката, се стремиме да создадеме образовен систем кој ќе одговори на потребите на новото време.
“Покрај техничките знаења, сакаме да го поттикнеме и критичкото размислување, креативноста и етичката свест кај младите луѓе, затоа што тие се основа на вистинскиот напредок“, додаде Јаневска, посочувајќи дека истражувањата, идеите и препораките што ќе произлезат од симпозиумот ќе бидат вреден придонес кон заедничките напори за изградба на подобар дигитален свет во кој технологијата ќе служи на човекот, а не обратно.

