Македонија
Во Македонија пристигнаа уште 14 граѓани на Авганистан
На Меѓународниот аеродром Скопје попладнето пристигнаа 14 граѓани на Авганистан, вработени во Обединетите нации и членови на нивните семејства.
Станува збор за продемократско население кое е во опасност од талибанските власти, а за кои Северна Македонија им обезбеди привремен престој до заминување во трета држава. Со ова земјава ја продолжува активната улога во меѓународната операција за помош на граѓаните на Авганистан.
![]()
По слетувањето беше спроведена стандардната процедура со безбедносна проверка и заштита и ПЦР-тест.
Овие цивили ќе бидат привремено сместени во Скопје, а трошоците во целост се покриени од Обединетите нации.

Во земјава во моментов престојуваат 568 граѓани на Авганистан за кои институциите се ангажирани со сета поддршка и помош. Од земјава до сега заминаа 85 граѓани на кои траен престој им обезбедија Франција, Грција, Ирска, Португалија, Бразил и САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сè повеќе случаи со лажни сообраќајки, охридската полиција со апел до граѓаните да не наседнуваат
СВР Охрид ја известува јавноста дека деновиве, повторно зачестија случаи кога, засега непознати лица, преку телефонски јавувања на нивните фиксни или мобилни телефони, се обидуваат да ги измамат граѓаните, претставувајќи се како полициски инспектори.
Притоа, тие им кажуваат дека членови на нивните семејства направиле сообраќајни незгоди и дека треба итно да дадат пари за наводна помош при понатамошната постапка за членот на нивното семејство да не оди во затвор и да биде ослободен од кривичен прогон.
„Aпелираме до граѓаните да не наседнуваат на ваквите телефонски јавувања и веднаш да ги пријават на телефонскиот број 112 или лично во најблиската полициска станица. СВР Охрид презема мерки за пронаоѓање на сторителите и целосно расветлување и документирање на ваквите пријавени настани“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Митески го доби мандатот за градоначалник: Аеродром ќе добие значајни проекти, кои ќе го подобрат квалитетот на животот
Дејан Митески денеска го прими уверението и официјално ја презема функцијата градоначалник на Општина Аеродром.
„Од овој момент започнуваме со работа – посветено и искрено. Нема време за чекање! Ќе бидам градоначалник кој слуша и е достапен за сите. Во следниот период Аеродром ќе добие значајни проекти кои ќе го подобрат квалитетот на животот на сите жители – повеќе уреденост, зелени површини и подобра инфраструктура“, рече Митески.
Тој додаде дека Аеродром ќе биде општина за сите аеродромци – без разлика на партија, верување или припадност.
Македонија
За подарок од 50.000 евра, директорот на Платежната агенција му доделил на апликант финансиска помош од ИПАРД-програмата
Полицијата уапси пет лица, меѓу кои и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој во најновиот коруптивен скандал во земјата. Директорот е осомничен дека зел мито од апликант за да му одобри финансиски средства од ИПАРД програмата.
Од МВР соопштија дека вчера во попладневните часови се уапсени пет лица поради постоење на основано сомнение дека првоосомничениот Џ.Н.(77) сторил продолжено кривично дело „давање поткуп“ и кривично дело „давање награда за противзаконито влијание“, додека три лица А.Ф.(44), Ј.К.(35) и И.С.(57) како посредници сториле кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а Ф.Ф.(47) сторил продолжено кривично дело „примање поткуп“.
Првоосомничениот – управител на правно лице, од крајот на февруари годинава до вчера, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, во повеќе наврати, директно и преку посредници му ветил подарок – парични средства од значителна вредност на директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ.
Останатите тројца осомничени од кои еден даночен референт во УЈП РД Скопје и еден државен службеник вработен во Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство, искористувајки го своето реално влијание и службената положба побарале и го поттикнале директорот на агенцијата да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши.
Имено, иако правното лице на првоосомничениот не ги исполнувало условите предвидени во Јавниот повик бр.01/24 за доставување на барања за користење на средства од ИПАРД Програмата за мерка 3, директорот по применото ветување за подарок од значителна вредност во износ од 50.000 евра, во текот на вчерашниот ден потпишал договор за користење на финансиски средства со правното лице и притоа примил дел од паричните средства во износ од 400 евра кои при претрес се пронајдени и одземени.
При извршени претреси на други локации пронајдени се парични средства во значителна вредност, велат од МВР.

