Македонија
Во објект во Струга се вршеле гинеколошки прегледи на диво, два часа инспекторите се бореле да влезат внатре
Државниот санитарен и здравствен инспекторат затвори уште една дива гинеколошка ординација во Струга во која работела докторка вработена во струшката општа болница. Полицијата и инспекторите два часа преговарале со сопствениците на објектот кои не им дозволувале да влезат во ординацијата на „Кеј 8 Ноември“ за да направат вонреден надзор по добиена дојава дека во ординацијата се врши гинеколошко – акушерска дејност без потребните дозволи.
„По двочасовно преговарање со сопствениците на објектот, инспекторите и полицијата влегоа во посочениот простор, кој имал 25 м2 и бил опремен за ординација за гинекологија и акушерство, при што затекнататата фактичка состојба индиректно укажува дека во него се вршела гинеколошко акушерска дејност. Притоа објектот воопшто не бил обележан за дејноста. Просторијата во која се одвивала гинеколошко акушерската дејност е во сопственост на д-р З.П.Ш. доктор специјалист по гинекиологија и акушерство, вработена во ЈЗУ ОБ Струга“ велат од Инспекторатот.
При надзорот на инспекторите им бил покажан договор за отстапување на користење на простор од 01/2021 година, каде стои дека просторијата се издава на времено користење на ПЗУ Д-р Благоја Парталоски.
„Наведената приватна здравствена установа ПЗУ Д-р Благоја Парталоски има решение издадено од Министерството за здравство од 1999 година, дека исполнува услови (простор, опрема и кадар) за вршење на специјалистичко гинеколошко акушерска дејност на горе споменатата адреса, а која во моментот нема носител на дејност бидејќи д-р Парталоски е во пензија од 2009 година а има отстапувања и во однос на просторот“, утврдил Инспекторатот.
По увидот, кој се уште е во тек, Инспекторатот ќе издаде решение за забрана за вршење на дејност поради неисполнување на услови за вршење на дејност, а истовремено ќе го извести и Министерството за здравство за одземање на дозволата за работа.
Ова е втора дива ординација во Струга што ја затвора Инспекторатот. Минатиот месец беше затворена дивата ординација на директорот на болницата Мухамед Асани кој дома прегледувал пациенти, а случајот го пријави пациентка на која по породување со царски рез и биле извадени матка, јајник и бубрег.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

