Македонија
Во оваа фарса убијците добиваат милост, 12 години за масакрот на сестра ми што преминуваше улица на пешачки премин: семејството на Фросина повика на протест
„Ги повикуваме утре на протест против гнилиот судски систем сите наши пријатели, роднини и сите родители чии деца секојдневно минат на пешачки, како и сите правдољубиви што сметаат дека ова е срамна пресуда и дека е охрабрување за многу следни Васовци да дивеат и сеат смрт на улиците“, напиша на социјалните мрежи таткото на усмртената Фросина Кулакова, Тодор Кулаков, по изрекувањето на пресудата за Васил Јованов.
Сестрата на Фросина, Росица, оценува дека срамната пресуда, како што ја нарекува, е само уште еден триумф на праксата на неказнивост што ја негува нашето гнило судство.
„12 години за животот на Фросина. 12 години за масакрот на сестра ми што преминуваше улица на пешачки премин на зелено. 12 години за искршен череп, распарчено срце и уништена иднина.
Ова не е пресуда. Ова е плукање врз болката на целото наше семејство и врз болката на сите што ја сакаа Фросина. Во оваа фарса убијците добиваат милост, а невините жртви завршуваат во правни архиви.
Кои се тие олеснителни околности? Дека не побегнал? Дека врескал врз мртвото тело на сестра ми за последиците што нејзината смрт ќе ги има врз неговиот мизерен живот? Дека е ‘спортист’? Дека е жив? А Фросина? Фросина немаше ниедна олеснителна околност. Фросина сега има само гроб.
Овој суд не донесе правда. Донесе јасна порака: во оваа земја убиството се исплаќа.
Ова не е пресуда што ја задоволува правдата. Ова е потсмев кон секој родител што плаче над гробот на своето дете. Ова е доказ дека во нашата судска пракса неказнивоста стана правило, а на правдата ѝ се врзани рацете.
Срам да ви е!
Ние нема да молчиме и од нашата болка правиме повик за промена. Излезете со нас на протест за да нема други мајки што ќе го носат товарот на неказнивост, за да нема повеќе откорнати невини животи. За да има правда за Фросина и правда за сите! За сите што утре може да завршат под тркалата на некој монструм. За сите што оваа држава ги предаде! Се гледаме утре во 17 ч пред Универзалната сала – на местото каде што на монструозен начин ѝ беше одземен животот на Фросина – по што ќе се упатиме кон судот кој денес вторпат ја уби.
Нека нашите чекори одекнат во име на правдата. Денес за Фросина, а утре и за сите други потенцијални жртви на корумпираниот систем на неказнивоста“, напиша Росица Кулакова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

