Македонија
Во петок конститутивна седница на Собранието

Во петок, во 13 часот, ќе се одржи конститутивната седница на новиот состав на Собранието.
Седницата ја закажа и со неа ќе претседава претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.
Во рок од 10 дена претседателот на државата е должен од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Владата да го довери на кандидатот на партијата, односно на партиите кои имаат мнозинство во Собранието.
Претходно, Државната изборна комисија ги додели уверенијата за освоените мандати на претставниците на политичкикте партии.
Првиот човек на комисијата, Александар Чичаковски оцени дека изборите поминале мирно и дека биле спроведени според европските стандарди.
Новиот состав на Собранието ќе има 120 пратеници. Македонските партии добија 100, албанските 20 мандати. Па така ВМРО ДПМНЕ има 51, СДСМ 49, ДУИ 10, БЕСА 5, Алијанса за Албанците 3 и ДПА 2./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пријавени осум случаи на непотребни операции на срце, ќе ги оценуваат и експерти од Словенија, Италија и Австрија

Јавна здравствена установа пријавила осум случи за извршени непотребни кардиохируршки интервенции во интерната комисија што ја формира Министерството за здравство по скандалозните тврдења на кардиологот Сашко Кедев дека во земјата за пари се прават операции на срце и кај пациенти што немаат медицинска потреба. Интерната комисија утре ќе се состане и овие осум случаи ќе бидат првите што ќе ги разгледа, а меѓународната комисија, пак, ќе почне со работа штом заврши потпишувањето на договорите за ангажирање на експертите.
„Во интерната комисија се доставени медицински досиеја за осум случаи. Комисија ќе ги обработи сите детаљно со цел да се утврди вистината врз основа на медицинските факти. Комисијата утре ќе се состане и овие досиеја ќе бидат првите случаи по кои ќе биде постапено. Како Министерство за здравство веднаш направивме интерна комисија составена од медицински експерти, правници и економисти. Нејзината задача е да ги утврди фактите и да постапува врз основа на медицинските докази според највисоките меѓународни стандарди и прецизни методолошки правила во кои се дефинирани. За членовите на меѓународната комисија постапката е при крај, треба да се заврши административниот дел – потпишувањето на договорите, за да може јавно да ги кажеме имињата. Се работи за светки признати имиња од Словенија, од Италија и од Австрија“, рече денес министерот за здравство Азир Алиу и нагласи дека побарал и вонреден стручен надзор од Лекарската комора.
Министерот Алиу, работењето на комисиите, кое сега е фокусирано на кардиолошките и на кардиоваскуларните интервенции, го нарече „терапија за здравствениот систем“ и најави дека ќе се прошири на сите сегменти и дека никој, ниту од јавното ниту од приватно здравство, нема да биде поштеден ниту, пак, неправедно стигматизиран.
Освен осумте случаи за непотребни операции, пријавени не од пациенти, туку од јавна здравствена институција, Министерството за здравство на сите расположливи алатки не добило друга пријава или претставка. Минатата недела здравствените власти повикаа сите што се сомневаат да ги пријават случаите, дури и ако не ја чуваат документација оти таа треба да стои во архивите на здравствените институции.
Македонија
(Видео) Шукова го повика Орце Ѓоргиевски на јавно соочување за Вардариште

Каја Шукова, кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, денес одржа прес-конференција на која ја критикуваше работата на ВМРО ДПМНЕ и сегашната градоначалничка Данела Арсовска во врска со еколошкиот проблем на Вардариште.
„Доста беше бегање од одговорност. Доста беше глумење на ВМРО ДПМНЕ за да ја покријат сопствената нестручност и да ја лажат јавноста дека градоначалниците немаат надлежност за екоцитот Вардариште. Законот е јасен – отпадот е локална надлежност! ВМРО ДПМНЕ четири години ја игнорираа својата обврска да го решат овој проблем,“ рече Шукова.
Таа потенцира дека според законот, градоначалниците се директно одговорни за управување со комуналниот и комерцијалниот отпад, јавната чистота, донесување мерки за селекција и транспорт на отпадот, реализација на проекти за подобрување на состојбата со отпадот, како и за соработка со други општини и Градот Скопје.
„Орце Ѓоргиевски и ВМРО ДПМНЕ или го немаат прочитано законот за управување со отпад, или свесно го игнорираат за да ја префрлат вината кога јас бев министер за животна средина. Тоа само зборува колку Ѓоргиевски е неук, а сака да раководи со Скопје,“ рече Шукова.
Таа оцени дека Вардариште денес изгледа како „црна еколошка дупка“ и дека наместо претоварна станица, таму има отворена депонија со чести пожари, што е резултат на „неработата на градот, односно на неспособноста на ВМРО ДПМНЕ и нивната Данела Арсовска“.
Шукова истакна дека таа и СДСМ знаат како да го решат проблемот: „Итно оградување и 24-часовен надзор на Вардариште, со расчистување и забрана за пристап. Потоа следи изградба на затворена, еколошка претоварна станица со систем за селекција, контрола и транспарентност. Вардариште ќе стане функционална, безбедна локација – а не еко-бомба под прозорите на скопјани.“
Таа го повика Орце Ѓоргиевски на јавен дуел пред граѓаните: „Нека ги донесе сите негови ‘аргументи’ дека од Вардариште ќе направи парк. Јас ќе ги донесам фактите, законите и резултатите. Граѓаните ќе судат кој има решение, а кој има само празни ветувања и пропаганда.“
Македонија
(Видео) Петровска: Законот е јасен, АНБ ги декласифицира документите

Секој од нас кога е избран на која било јавна функција презема одговорност да го застапува интересот на државата и на граѓаните.
Сите ние, без оглед на тоа дали сме дел од опозицијата или власта, имаме одговорност и должност да поставуваме прашања, но и да даваме одговори, точни и прецизни. Во никој случај и за ничии интереси, а најмалку за лични и теснопартиски, на граѓаните не смее да им се соопштуваат нецелосни, конфузни и недоречени информации. Тоа е неодговорност, истакна Славјанка Петровска пратеничка од редовите на СДСМ.
Нагласи дека пратеничката група на СДСМ бара итна декласификација на целата документација поврзана со случајот во Агенцијата за национална безбедност, што власта сака да го претстави како наводен скандал.
„Докази нема, детали нема, само штуро соопштение и бледи изјави, кои упатуваат на скриените мотиви на власта, а тоа е овој случај да го злоупотребат и да го претворат во манипулација.
Декласификацијата е чекор кон обелоденување на вистината, а не манипулацијата. Декласификацијата ќе ги даде одговорите на сите прашања што изминативе денови се поставуваат, а власта избегнува да ги одговори криејќи се зад класифицираните документи.
А за декласификација не е потребна судска одлука или насока, како што излажаа од АНБ. Законот за класифицираните информации вели дека „тој што класифицира, тој и декласифицира“. Или попрецизно член член 14: „Промената на степенот на класификацијата го врши создавачот“.
Според неа, има уште еден аргумент дека АНБ веднаш, без одлагање, може да изврши декласификација, а тоа е членот 20, во кој, како што рече, стои: „Информацијата која е одредена со степен на класификација нема да се смета за класифицирана информација ако со неа се прикрива кривично дело, пречекорување или злоупотреба на функцијата или некој друг незаконски акт или постапка“.
„Значи, ако се земат предвид сите претходни изјави од власта за наводна злоупотреба и незаконско работење, овој член овозможува итна декласификација, без изговори и одолжувања.
Втор чекор кон вистината е итно свикување на Комисијата за надзор над работата на АНБ. Ние пратениците, кои сме членови на Комисијата, мора да спроведеме надзор во работата на АНБ и да извршиме увид во документацијата што ќе биде декласифицирана за да може потоа да ја известиме јавноста за наодите и сознанијата од надзорот.
Со декласификацијата се надминува и пречката за свикување на седницата, а тоа е поради немање безбедносен сертификат на претседателот.
Со ваков прагматичен пристап многу бргу ќе се одговорат сите прашања и ќе се растера маглата што ДПМНЕ ја пушта надевајќи се дека на овој начин да се заборават досегашните скандали и ова ќе им биде изговор за спојувањето на АНБ и АР“.
За Петровска, досегашниот однос на власта во институциите од безбедносно-разузнавачкиот сектор докажува дека оваа власт нема капацитет за сериозен чекор, каков што е спојувањето, затоа што, според неа, овој чекор не е механичка операција, туку сеопфатна и сложена интелектуална реформа, која доколку не се спроведе во согласност со државните интереси и околности, ќе предизвика несогледливи последици за државата.
„АНБ е столб на националната безбедност. Таа е клучна институција за заштита на државата, граѓаните и уставниот поредок и не смее да се дозволи нејзина окупација и злоупотреба бидејќи тоа е ризик и закана за безбедноста на земјата и рушење на столбовите на државноста“.