Македонија
Двајца починати од коронавирус, во Скопје нема новозаразени

Во изминатите 24 часа во болницата „8 Септември“ починал пациент од Прилеп на возраст од 55 години, хоспитализиран на 22 април, кој 13 дена бил приклучен на респираторна машина.
Во болницата во Битола, пак, починал пациент хоспитализиран на 4 мај како сомнителен на Ковид-19, чиј посмртен брис покажал присуство на вирусот, се наведува во дневниот извештај на Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа направени биле вкупно 292 тестирања, а потврдени се 13 нови случаи на коронавирус, и тоа по три во Прилеп и Тетово, Велес-5 и Битола и Куманово по еден.
Институтот за јавно здравје во изминатото деноноќие регистрирал 44 оздравени пациенти, и тоа во Скопје – 5, Куманово – 12, Прилеп – 9, Велес – 12, Битола – 2, Неготино – 2 и Кавадарци и Крушево по еден.
Вкупната бројка на дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1.539 , бројката на оздравени пациенти е 1.057, на починати е 88, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 394.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Гази Баба и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08:30 до 13:30 часот, корисниците од улица Благоја, улица Маџари, Пекара КИС МИ Стефковски и улица Ордан Поп Јорданов (општина Гази Баба )
– во периодот од 09:00 до 10:00 часот, локалите во трговскиот центар до пазарот (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со претставници на „Habitat for Humanity International“ и на „Хабитат Македонија“

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова денеска разговараше со претставници од САД на глобалната мрежа „Habitat for Humanity International“, како и со националниот директор на „Хабитат Македонија“, Зоран Костов и со претседателот на Управниот одбор, Драган Малиновски.
Таа, најпрво им ја честиташе дваесетгодишнината од основањето, посакувајќи им понатамошен успех во реализацијата на благородната идеја за градење свет во којшто секој ќе може да го оствари правото на пристојно живеење.
За неа, импресивна и инспиративна е нивната несебична заложба и неуморна работа насочена кон подигање на квалитетот на домувањето на сиромашните луѓе, неможна без волонтирање, застапување и подигање на јавната свест за поголема солидарност во развојот на заедницата.
„Ние, како и многу други држави мора да вложиме особен напор во унапредувањето на квалитетот на живеењето, секаде и за сите, ставајќи крај на супстандардните услови во некои средини, недостојни за живот“, смета претседателката.
„Претставниците на „Habitat for Humanity International“, со љубов и страст зборуваа за своите ангажмани во справувањето со енергетската сиромаштија и гарантирањето стандарди во нејзиното користење ширум светот, потенцирајќи дека се трогнати од добрината, благодарноста и активноста на македонските граѓани. Тие ја истакнаа незаменливата улога на невладините организации, како кредибилни партнери на овој план и укажаа на неопходноста од постојана и интензивна владино-невладина соработка во функција на остварување подобри резултати“, соопштија од Кабинетот на претседателката.
Македонските претставници ја презентираа својата досегашна работа, насочена кон овозможување инклузивен и одржлив развој на сиромашните средини, како ромските, но и други, со финансиска помош на ЕУ.
Тие ги посочија активните проекти во повеќе од 30 општини, како и пионерските партнерства со институциите за микрофинанисирање.
Соговорниците се согласија за нужноста од стратешки пристап кон домувањето за да се намали, па и спречи егзодусот на најквалификуваниот кадар, како неспорен и докажан промотор на иновации и главен носител на развојот во сите средини.
Македонија
Филипче до Димитриевски: Со предавници на социјадемократската идеја не дебатирам

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на трибината „Се бориме за нашиот дом“ од Прилеп, му одговори на Максим Димитриевски.
„Слушам Максим Димитриевски, пиунот на Мицкоски, барал дуел со мене. Јас со предавници на социјалдемократската идеја и подизведувачи на ВМРО-ДПМНЕ не дебатирам“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ подвлече дека „секој кој решил да ги предаде идеалите за функција не опстанал“, додавајќи дека граѓаните во Куманово веќе ги препознаваат измамите.
„Дали Максим се плаши дека е пуштен низ вода откако еднократно го искористија, тоа ли е стравот? Или пак стравот е затоа што е разоткриен од граѓаните кои ги излажа на претходните избори? И треба да му биде страв затоа што секој кој решил да ги предаде идеалите за функција не опстанал. Сфати Максим дека луѓето полека се враќаат во СДСМ и бегаат од него па лаже дека некој им прави притисок. Сфатија сите дека човекот кој ветуваше правда и вистинска социјалдемократска политика лажел. Се сместија тој и неколкумина околу него удобно во Влада и заборавија на ветувањата. Шуруваат со ДУИ, прават криминал во Куманово, а ветувањата за правда испарија. Затоа граѓаните ќе ги казнат на овие избори“, рече Филипче.
Тој посочи дека Димитриевски „после сите афери и сомнежи за станови, за парцели, ќе треба да се спреми за дуел со правдата, обвинителството и судството.“