Македонија
„Во Скопје се губи и она малку зеленило што остана“ – градскиот парк да се прогласи за заштитено подрачје
Биологот Кирил Арсовски – Пржо, кој се занимава со истражувања на националниот биодиверзитет и урбаната екологија повика Градскиот парк во Скопје да се прогласи за заштитено подрачје, објаснувајќи дека овој дел од градот ги исполнува условите да биде внесен во таа категорија.
Како што вели, поради интезивното и агресивното урбанизирање на Скопје, се’ повеќе се губи и она малку зеленило во градот. Бидејќи не се почитуваат ни основните урбанистички правила и стандарди се појавува потребата Градскиот парк во Скопје, да се прогласи за заштитено подрачје.
Градскиот парк, како најголема зелена површина во градот е дом на многу видови, мали живеалишта и екосистеми.
Екологот Арсовски – Пржо објаснува дека според неколкуте спорадични истражувања знаеме дека паркот привремено или постојано го населуваат околу 90-тина видови птици, езерата се дом на многу видови на влечуги и водоземци, а паркот на илјадниците безребетници. Зеленилото во паркот има и ретки примери на гинко, багреми и две огромни стари стебла од џиновска секвоја меѓу другото.
Градскиот парк, вели тој, со своите езерца може да се смета и за еколошко-историски наследник на старите Вардарски ракави, езера, рипариски шуми и влажни ливади што значи чува и дел од старите екосистеми на Скопје. Само според библиографската анализа, Градскиот Парк во Скопје заслужува да биде заштитен во категоријата III Споменик на природата според Законот за природа и IUCN.
„Споменик на природата природно или природно-културно обележје од исклучителна или единствена вредност поради неговата реткост, естетски квалитет или културно значење. Градскиот парк поради неговото историско, културно, естетско, а сега и еколошко значење ги исполнува условите за оваа категорија“, вели билогот.
Понатаму, тој објаснува дека урбани паркови може да се заштитени споменици и тоа не е никаков еколошко-правен преседан, а пример за тоа се: Дворката градина во Сремски Карловци, Каменичкиот Парк во Сремска Каменица, Паркот Бландаш во Кикинда, Жупанискиот парк во Зрењанин и секако Дунавскиот парк во срцето на Нови Сад.
Се апелира дека со цел заштита на паркот од идни, себични и недомаќински харања и уништувања, МЖСПП и Град Скопје мораат под итно да ги започнат истражувањата на просторот. Законска заштита не значи ништо сама по себе, вели екологот, но е прв чекор кон покажување на грижа кон природното наследство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муртезани, поранешниот генерален директор во МЕПСО и МЖ е кандидат за министер за европски прашања на Алтернатива
Орхан Муртезани е кандидатот од Алтернатива за министер за евроинтеграции, додека Љуљзим Алиу е предложен за заменик министер за образование, а Сафије Садики Шаини за заменик министерка за односи меѓу заедниците, информира Алтернатива.
Муртезани е поранешен генерален директор во МЕПСО и во Македонски Железници – Транспорт, како и актуелен секретар за односи со јавноста и портпарол на Алтернатива.
На оваа средба се разговарало и за кандидатот за заменик министер за образование и наука, при што исто така едногласно било одлучено да биде проф. д-р. Лулзим Алиу, универзитетски професор и продекан на Педагошкиот факултет, поранешен заменик министер за образование, а моментално секретар на Секретаријатот за стратегиски политики во Алтернатива.
„Бидејќи Алтернатива презеде одговорност и за заменик-министерот во Министерството за етнички заедници, за ова име Централното претседателство едногласно одлучи кандидат на Алтернатива за оваа функција да биде Сафије Садики Шаини – универзитетски професор, поранешен пратеник и потпретседателка на Алтернатива“, стои во соопштението.
На средбата се разговарало и за оставката на поранешниот претседател на Алтернатива, Африм Гаши, кој е избран на функцијата Претседател на Собранието на Република Северна Македонија.
„Судејќи дека во интерес на партиското претставување е партијата да има претседател со полн легитимитет, Централното претседателство на Алтернативата одлучи да му предложи на Централното собрание да донесе одлука за организирање на вонреден конгрес за избор на новиот претседател на Алтернатива“, соопштија од партијата.
Македонија
Лифт потиснал и заробил куче, го спасија пожарникари од Прилеп
Центарот за управување со кризи информира за несекојдневна ситуација во Прилеп каде пожарникари спасиле куче заглавено во лифт.
„Пожарникарите од ТППЕ Прилеп, покрај гасењето на пожарите во населени места и на отворено имале имале уште една помала техничка интервенција за безбедно извлекување на куче коешто било потиснато и заробено од лифт во ООУ ‘Кочо Рацин’. Интервенирано е со едно возило и двајца пожарникари“, велат од Центарот за управување со кризи.
Македонија
Филипче: Младите бараат нешто ново, не бараат ригидна партиска структура
„Сметам дека оваа организациска поставеност на партијата го дала својот максимум во некои минати времиња. Луѓето бараат нешто ново. Младите бараат нешто ново, не бараат ригидна партиска структура во којашто ќе слушнат наредба во која не учествувале. Сакаат да дадат свој придонес. А ќе дадат свој придонес кога ќе може да комуницираат на соодветен начин и соодветно ќе бидат вклучени и вреднувани“, истакна Венко Филипче на првата од осумте партиски трибини во рамки на кампањата на СДСМ за избор на претседател.
Тој рече дека е овој модел на организација мора да се менува со цел да се прилагоди на потребите и начините на комуникација на луѓето во денешно време, но и да се обезбеди поголема и постојана вклученост на членовите.
Филипче смета дека е потребно основата на политиките и одлуките да доаѓаат од најниско кон највисоко ниво, каде на база на реалните потреби на граѓаните понатаму ќе обликуваат решенијата.
„Најголемиот проблем со којшто се соочивме изминатиот период и кое луѓето најдиректно ни го кажуваат е дека имале затворени врати. Едноставно не можеле да си ги кажат ни барањата, ни потребите и идеите. И што прават луѓето? Нормално се повлекуваат. Така да ако се отвори партијата, ако се симне структурата кон општинските организации каде што ќе се градат политиките и после тоа дојдат до централното ниво каде што понатаму ќе се дообликуваат е вистинскиот пристап. Само така ќе можеме да кажеме дека сме креирале политики согласно реалните потреби на луѓето“, рече Филипче.