Македонија
Во Скопје, Штип и Битола утре и задутре ќе биде одбележана 75-годишнината од холокаустот на македонските Евреи
Седумдесет и пет годишнината од холокаустот на македонските Евреи во Втората светска војна, годинава ќе биде одбележана со низа случувања во спомен на овој трагичен настан, во организација на Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, а под покровителство на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.
Дводневната комеморативна програма ќе започне утре, со прием кај градоначалниците на Скопје, Битола и Штип, по што ќе биде положено свежо цвеќе на споменикот на депортираните Евреи. На настанот во трите градови ќе присуствува делегација на владата предводена од министри и високи претставници.
Вечерта во Македонската филхармонија во Скопје, ќе се одржи комеморативна вечер со концерт од отворен тип. На настанот ќе се обратат Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, заменик министерот за одбрана на Државата Израел Ели Бен Дахан, претставникот на Американски еврејски комитет и претставник на ОБСЕ претседавачот за борба против антисемитизам, рабин Ендру Бејкер, и претседателката на Еврејската заедница во Македонија Берта Романо Николиќ.
Комеморативната програма продолжува в понеделник во Скопје со симболичниот „марш на живите“, кој ќе почне од Музеј на Град Скопје и ќе заврши во Империал Тобако ТКС (бивш Монопол), од каде што биле депортирани македонските Евреи. На настаните кои се дел од комеморативната програма дополнително ќе присуствуваат странски државни делегации и високи државни претставници на земјите од соседството, домашни претставници на институциите на локално и национално ниво, како и претставници на заедниците на Евреите од Македонија и други земји.
За време на Втората светска војна од Македонија биле депортирани 7114 Eвреи и биле одведени во логорот на смртта Треблинка во окупирана Полска. Собирањето на Евреите од повеќе градови низ Македонија започнало ноќта помеѓу 10. и 11. март 1943, по што биле донесени во Скопје во зградата на Монополот. Транспортот на Евреите од Македонија започнал на 22. март 1943 година, а до 29. март истата година биле депортирани сите македонски Евреи во Треблинка, од каде никој не се вратил.
Овој месец во пресрет на комеморацијата, на 5 март 2018 година, Собранието на Република Македонија ја усвои Декларацијата посветена на 75 годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија, додека ден подоцна, на 6 март, Владата на Република Македонија ја усвои работната дефиниција на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот за борба против антисемитизам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

