Македонија
Во Скопје 147 санкционирани возачи, од нив 35 за брзо возење
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (18.11.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 147 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 35 санкции, девет мерки за возење без возачка дозвола, седум санкции за возење под дејство на алкохол.
Изречени се осум мерки за користење мобилен телефон при возење, три санкции за некористење сигурносен појас, три мерки за минување на затворен сигнал – црвено светло…
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минчев: Рационална, професионална и европска администрација, со поддршка на СИГМА се усогласуваат клучните реформски приоритети
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Баграт Тунјан, раководител на тимот за стратешко планирање и државен менаџер за Република Македонија во рамки на СИГМА – заедничката иницијатива на ОЕЦД и Европската унија.
Фокусот на средбата беше насочен кон рационализирање, координирање и унапредување на јавната администрација која ќе може да одговори на потребите на граѓаните и бизнис секторот, со посебен акцент на носењето на Законот за висока раководна служба, кој ќе воспостави јасни, транспарентни и мерливи критериуми за избор и управување со раководните кадри – модел што ќе ја спречи партизацијата и ќе го гарантира принципот „најдобрите на најодговорните позиции“.
Дополнително, се разгледуваа и измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), реформата на системот за плати и подобрувањето на регулативата која треба да ја направи администрацијата попрегледна, покохерентна и пофункционална, со јасни надлежности и подобра меѓуинституционална координација.
Преку овие реформи, заложбата на Министерството за јавна администрација е создавање административна машинерија која ќе работи поефикасно и поодговорно како темел на модерна и европска државна служба кон која се стремиме.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Родово одговорното буџетирање е клуч за подобри јавни политики
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека родово одговорното буџетирање претставува системско решение за општествените потреби и трансформативен инструмент за креирање правични политики. Таа се обрати на отворањето на меѓународниот форум „Одиме Глокално 2.0: Одржлива родово одговорна иднина“, што денес и утре се одржува во Скопје.
„При секое планирање на државниот буџет мора да се има предвид родовата димензија, ако сакаме да бидеме просперитетни“, рече претседателката, нагласувајќи дека родово одговорното буџетирање не е техничка постапка, туку алатка за транспарентност, отчетност и поправедна распределба на јавните средства.
Сиљановска-Давкова истакна дека родовата еднаквост и климатската отпорност се темелни за идните политики, а граѓанските организации, локалните власти и руралните заедници имаат значајна улога во адаптацијата кон климатските промени.
Таа посочи дека Република Северна Македонија веќе направила чекори кон системско интегрирање на родовата перспектива во буџетскиот процес, но имплементацијата е во тек и бара понатамошна институционална поддршка.
На форумот се обратија и амбасадорот на Австрија Мартин Памер, заменик-амбасадорката на Шведска Елизабет Далберг Фриск, Андреј Лепавцов од Министерството за надворешни работи и Марија Ристеска од Мрежата за родово одговорно буџетирање.
Македонија
Милошоски и францускиот амбасадор Риголе: Потребно е продолжување на процесот на проширување на ЕУ
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари средба со амбасадорот на Француската Република во Република Северна Македонија, Кристоф Ле Риголе. На средбата се разговараше за продлабочување и унапредување на соработката меѓу двете држава, продолжување на процесот на проширување на Европската унија како и приближувањето на земјата кон членство во ЕУ.
Потпретседателот Милошоски ги поздрави традиционално добрите и пријателски односи меѓу РС Македонија и Француската Република при што нагласи дека меѓу двете држави постои отворен и конструктивен дијалог и континуирано унапредување на соработката во мноштво сфери од заемен интерес. Во изминатите години се забележува динамизирање на политичкиот дијалог на високо и највисоко ниво, кој што е конструктивен и пријателски.
Амбасадорот Риголе истакна дека Француската Република ја има усвоено Стратегијата за Западен Балкан, со цел да ја поддржи Европската унија во приближување на регионот кон Европа како и да го зајакне политичкиот дијалог со земјите во регионот.
Двајцата соговорници се согласија дека имајќи ги предвид геополитичките тенденции и случувања потребно е процесот на проширување на Европската унија да продолжи и земјата да го продолжи својот пат кон полноправно членство во ЕУ.

