Македонија
Во Скопје 74 нови пациенти од Ковид-19, во болниците во земјата се лекуваат вкупно 912 лица
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализарани 74 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 666 лица сомнителни и потврдени на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Во последното деноноќие на интерните и на хируршки клиники имало 30 приеми.
Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 20 примени пациенти и 10 биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени 4 нови болни, а 10 пациенти биле примени на Клиниката за детски болести.
Во изминатите 24 часа дома биле пуштени 76 оздравени пациенти.
Во моментот во ковид-центрите на интерните и на хируршките клиники се лекуваат 306 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 142 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 149 пациенти, а на Иститутот за белодробни заболувања кај децата во Козле има 40 пациенти. На Клиниката за детски болести има 11 деца позитивни на Ковид-19, а на ГАК има 9 позитивни пациентки.
Од Министерството за здравство информираат дека во ковид-центрите во земјата во изминатите 24 часа се лекуваат вкупно 912 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 88 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 67 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 36 пациенти, во Велес се лекуваат 70 болни, а во Куманово 147 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19.
Во ковид-центарот во Охрид се хоспитализирани 100 пациенти, во Прилеп – 116, во ковид-центарот во Гостивар – 41, а во Струга – 18 болни.
Во болницата во Струмица хоспитализирани се 77 пациенти, во Кочани – 34, во Кичево – 21, во Кавадарци – 71, а во Гевгелија – 26 лица позитивни и суспектни на коронавирусот, информираат од Министерството за здравство.
Според нивните анализи, вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот, кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците во земјата е 1.577 и има околу 260 празни болнички кревети во ковид-центрите.
Од Министерството потенцираат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород и доколку има потреба, одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворени гласачките места, граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и Град Скопје
Денеска во земјава се одржува вториот круг од локалните избори, на кои граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и во Град Скопје. Право на глас имаат 1 013 375 избирачи, од кои 474 304 гласаат и за градоначалник на главниот град.
Во првиот круг на 19 октомври беа избрани 44 градоначалници, а денеска се гласа во Центар, Карпош, Аеродром, Куманово, Кичево, Струга, Тетово, Пробиштип, Кочани, Валандово и други.
Гласачките места се отворени од 7 до 19 часот.
Изборниот процес го следат 1 598 набљудувачи – 933 домашни и 651 меѓународен. Државната изборна комисија најави дека првичните резултати ќе ги соопшти вечерва, околу 23 часот.
Вчера гласаа болните лица и затворениците, а гласањето се одвиваше непречено.
Македонија
Сончево време со температура до 23 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 18 до 23 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има слаба маглa. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 21 степен, јавува УХМР.
Во понеделник попладне, во текот на ноќта и во вторник ќе има повремени локални врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за неколку степени. Од среда повторно се очекува стабилно и суво време.
Македонија
ДИК: Без неправилности помина денешното гласање на болните и затворениците, гласовите ќе се бројат утре
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор и лицата кои се пријавиле за гласање, а се сместени во установите за вонсемејна грижа.
Гласањето на оваа категорија гласачи се одвива во општините каде се одржува вториот круг на локалните избори и Градот Скопје.
Од вкупно 4.826 болни или немоќни лица кои можат да го остварат своето право на глас на вториот круг од локалните избори, до 20:00 часот гласале 3327 гласачи. Во 14 казнено поправни установи, каде што своето право на глас можат да го остварат 1256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор, до 18:30 часот гласале 588 гласачи. Од 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа до 18:30 часот гласале 125 гласачи.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните и немоќните лица, затворите и домовите за стари лица, не се објавуваат денес посебно. Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвараат денес. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре после 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа.

