Македонија
Во случајот за Тот сведочеше девојката што повикала брза помош: Видов како го шутира
Како сведок на одбраната, денес, на судењето за убиството на ракометарот Денис Тот сведочеше Рената Соколовска, девојката што повикала итна помош. Таа рече дека го познавала ракометарот Тот, излегувале во иста дискотека. Вечерта пред да биде убиен Тот кусо време седела на истата маса заедно со него и тројцата обвинети. Сведочи дека во еден момент Тот и Андреј Костовски, третообвинетиот, се скарале.
„Андреј почна да се кара нешто со Тот во сепарето, каде што седеа. Не сум сигурна дека се искараа, но така ми изгледаше. Прашав еден другар на Денис што е работата, ми рече: ништо, ништо“, рече Соколовска.
Таа не била сведок на тепањето пред дискотеката оти во тој момент, како што објасни, била кај својот автомобил, паркиран подалеку од влезот на дискотеката. Но, кога забележале дека има некаков метеж, застанала да види што се случува.
„Видов како Клементина мава во нешто, не бев сигурна дали шутира предмет или човек, не се гледаше убаво. Поздастанав да видам, видов како таа пак се враќа, маваше во него, не можев ни да претпоставам дека некој може да мава во човек. Излегов и видов дека е човек и дека е Денис. Викав Денис, Денис, не реагира. Не знаев дали паднал сам или нешто друго се случило. Повикав итна помош. Ми личеше дека им треба многу време да дојдат, но другите ми рекоа дека поминале десет минути. Јас се јавив три-четири пати пред да дојдат. Андреј му даваше вештачко дишење. Анџело беше тука, се обидуваше да го разбуди“, сведочеше Соколовска.
Денис Тот, според нејзиното сведочење, често доаѓал во дискотеката, се случувало да биде пијан, но никогаш не правел неред.
Дека нешто се случило во дискотеката пред да излезат, сведочеше и Виктор Серафимовски. Тој рече дека сите пиеле виски и Денис Тот, исто како и самиот сведок, бил пијан.
„Цело обезбедување дојде внатре, ни пристапи. Починатиот одеше од маса на маса, беше во видно алкохолизирана состојба, и јас бев“, рече Серафимовски.
Пред судот рече дека не знае дали одејќи од маса на маса, Тот ги вознемирувал другите гости, но бидејќи било доцна, решиле да си одат. Тој излегол прв од дискотеката и не забележал како се случило Тот да заврши на земјата.
„Се слушна галама, викање, како расправија. Анџело зад мене некому му рече ‘што ме маваш, бе’. Не мислев дека е нешто сериозно. Кога се свртев, дечкото беше на земјата“, рече Серафимовски објаснувајќи дека не видел дали некој го удира оти погледот му го попречувало такси-возило. Си заминал заедно со Андреј и третиот сведок на одбраната, Даниел.
Бранителите на денешшното судење рекоа дека обвинетите немале заеднички мотив да го убијат Тот, туку, едноставно, за да заштедат, оти живеат во иста населба, решиле со едно такси да си одат дома кога се случила тепачката. Нивниот став е и дека ниту еден од ударите на обвинетите не бил смртоносен. Смртоносен бил ударот во теменотилната регија од падот.
27-годишниот хрватски ракометар Денис Тот, кој играше за РК „Бутел“, почина во април годинава по тепачка пред дискотека во Скопје. За неговото убиство од април годинава во притвор се 28-годишниот Анџело Ѓорѓиевски, 19-годишната Клементина Лефковска и 22-годишниот Андреј Костовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

