Македонија
Во судница презентирани слики и снимки со Јанева и купче со по 500 евра пред неа
Банкноти од по 500 евра, во сноп на кои стои назнака „НЛБ Тутунска банка”, и Катица Јанева на сликата е презентирана пред судот, а таа е направена на 4.2.2019 година во нејзиното престојувалиште каде што беше успсено, по отворањето на предметот „Империја”.
Низа од фотографии беа презентирани од обвинетата Катица Јанева. Дел од нив се направени во нејзиното престојувалиште во Скопје, но и во просториите на СЈО каде се гледа како држи документ кој подоцна при претресот во нејзината канцеларија е одземен од Обвинителството за гонење организиран криминал и е дел од доказите. Јанева на фотографиите најчесто седи на гарнитурата, која исто така е одземена од нејзиното престојувалиште при нејзиното апсење.
Пред Јанева на масичката освен парите има и слатки, пепелник, цигари.
Меѓу фотографиите кои се докази ја има и Катица Јанева фотографирана во ресторан „Ден и ноќ”, како се обидува да стави плик во чанта.
Се презентираа и снимки, на кои Јанева вели: „Што ќе одлучи ќе видиме”, додека пред неа стои снопче со пари во апоени од по 500 евра.
Снимките и сликите се извадени од телефонот на обвинетиот Бојан Јовановски, со вештачење направено од МВР. По презентирањето на доказите, Јовановски пред судот кажа дека истите се небитни и дека не се поврзани со диспозитивот од обвинението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лани подигнати 22.000 кубни метри отпад од диви депонии, Комунална апелира поскоро да стапи во сила Законот за формирање на комунална полиција
Во текот на 2025 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале и транспортирале вкупно 21995 кубни метри отпад од стотици диви депонии лоцирани во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад е отстрането во скопските општини Центар и Чаир.
„Екипите на Претпријатието речиси секојдневно интервенираа на неколку локации каде што се одлага отпад на јавни и на сообраќајни површини, најчесто на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), на аголот со улицата Максут Садик, веднаш крај детското игралиште, каде што континуирано се отстрануваа големи количества непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад“, велат од Комунална.
Воедно, во текот на минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје врачила 607 записници за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број записници – вкупно 227, се изготвени во скопската општина Чаир.
ЈП Комунална хигиена-Скопје објави дека нема ингеренции на терен да ги санкционира прекршителите на Законот за јавна чистота и од тие причини апелира што поскоро на сила да стапи Закон за формирање комунална полиција, како најефикасен начин да се превенира загадувањето на животната средина и да се заштити јавното здравје.
Македонија
УКИМ: 82 студенти ја завршија Програмата за изучување на холокаустот
На 26 јануари 2026 година во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) се одржа Комеморативниот настан „УКИМ се сеќава“ со кој се одбележа Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.
На Комеморативниот настан се обратија амбасадорката на Израел, Вивиен Ајсен, пратеничката Рашела Мизрахи, директорот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикаријо и раководителот на Универзитетската програма за изучување на холокаустот, проф. д-р Мишо Докмановиќ. На настанот и зборуваше и Ефрат Барух Алтарац, снаа на последната преживеана Еврејка од Штип.
Во рамките на настанот беа доделени и сертификатите за завршените универзитетски курсеви за изучување на холокаустот на 82 студент на УКИМ, кои во изминатиот семестар ја следеа програмата организирана на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Со тоа бројот на студентите кои ја следеле оваа програма во изминатите три години се искачи на вкупно 375 студентите.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е еден од двата европски универзитети кои во 2023 година го добија престижниот грант на Конференцијата на еврејските материјални побарувања од Германија од Њујорк, што овозможува реализација на програмата на курсеви за изучување на холокаустот до 2027 година.
Македонија
Влен: „Безбеден град“ не казнува минимална грешка, туку ги штити животите
„Влен“ соопшти дека Законот за „Безбеден град“ е еден од најважните закони донесени во државата, бидејќи во својата суштина ги штити животите на граѓаните и гарантира безбедност на јавните простори.
Според „Влен“, законот не е насочен конказни, туку кон создавање услови секој граѓанин да се движи без страв и без ризик по животот. „Безбеден град“, како што наведуваат, значи побезбедни улици за пешаци, велосипедисти, корисници на електрични тротинети и лица со попреченост, како и јавни простори што им служат на луѓето, а не на сообраќаен хаос.
Во соопштението се истакнува дека законот има за цел директно да ги намали смртоносните сообраќајни несреќи и да ја подобри безбедноста на патиштата, особено на автопатите, регионалните патишта и градските булевари, каде што ризикот е секојдневен и реален. „Влен“ наведува дека „Безбеден град“ претставува модерна алатка за управување со јавната безбедност, која одговара на современите предизвици и ја доближува државата до европските стандарди.
Се посочува дека современите европски градови користат интегрирани системи за следење и брз одговор, со цел зголемување на безбедноста, намалување на прекршоците и поефикасна работа на институциите, а „Безбеден град“ е чекор во таа насока.
„Денес, современите градови во Европа користат интегрирани системи за следење и брз одговор, бидејќи тие ја зголемуваат безбедноста, го намалуваат просторот за прекршоци и ги прават институциите поефикасни и попрофесионални. “Безбеден град“ е токму таков чекор кон држава која функционира подобро за своите граѓани. Во врска со имплементацијата на системот, нагласуваме дека толеранциите на камерите ќе бидат идентични со оние што веќе ги применуваат полициските радари: толеранција од 6 км/ч за брзини до 100 км/ч и 8 км/ч за брзини над 100 км/ч. Ова јасно покажува дека целта не е казнување, туку спречување на прекршоци што ги загрозуваат животите на луѓето. Толеранцијата се однесува само на помали прекршоци и не се однесува на случаи на кривични сообраќајни прекршоци“, велат од „Влен“.
„Правилата постојат за да се почитуваат и да го заштитат животот. Безбедноста не е казна, безбедноста е колективна одговорност“, порачуваат од „Влен“, додавајќи дека „Безбеден град“ е закон за побезбедно, поуредно и похумано општество.

