Македонија
Во Ѓорче Петров организирано готвење на вишокот храна за оброци за 100 загрозени фамилии
Спроведувањето на проектот „Храна за сите, сиромаштија за никој“ на асоцијацијата „Ајде Македонија“, кој е во завршна фаза, денеска ќе биде заокружено со настан што ќе се одржи во 9 часот во близина на црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров. На овој настан ќе се приготвуваат оброци за 100 загрозени фамилии.
Настанот има цел да ги пренесе визијата и целите за намалување на гладот, користењето на храната како важен ресурс, но и грижата за луѓето што не можат да си дозволат достоинствен оброк. Учество на настанот ќе земат вработените од „Осигурување Македонија“, како и дел од учениците од средните угостителски училишта.
Преку проектот „Храна за сите, сиромаштија за никој“ идните професионални угостители (готвачи, пекари, слаткари) изминатиов период се едуцираа за важноста на паметното искористување на храната како ресурс, намалувањето на фрлањето и помагањето на тие што немаат. Целта е да се стигне до училишта без отпад од храна и идни млади професионалци со висока свест.
Акцијата се реализира со поддршка на програмата СЕЕДЛИНГ, што ја спроведува Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа (REC) во рамките на проектот: „Воведување на целите за одржлив развој во училиштата од Југоитсочна Европа – СЕЕДЛИНГ“. Програмата се финансира од Австриската развојна агенција (ADA), оперативната единица на Австриската соработка за меѓународен развој (ADC) и „Осигурување Македонија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дефокус не го полни фрижидерот, потребна е 600 евра минимална плата, велат од СДСМ
Со дефокус нема да ја тргнете темата за 600 евра минимална плата. Дефокус не го полни фрижидерот, истакнуваат од СДСМ.
„Со дефокус не можете да ја тргнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари. Повеќе не можете така да поминувате. На сите им е сè јасно. План за ребаланс на буџетот и кратење на луксузот ви дадовме. Прифатете го предлог-законот, откажете се од авионот, мебелот и луксузирањето. Дајте им на работниците тоа што го заслужуваат за пристоен живот.
Џабе ви се 40% од медиумите во сопственост на Орбан – гладен стомак не можете со пропаганда да го убедите дека е сит. Луѓето живеат тешко додека вие ги полните џебовите со тендери“.
Секојдневно ја задолжувате државата за вашите тендери, ги полните своите џебови додека луѓето едвај врзуваат крај со крај, реагираат од СДСМ за ВМРО-ДПМНЕ.
„Вашите црни кампањи, така наречени новинари како Латас, Ивона, Геро и „суперхероите“ како Бетмен не поминуваат повеќе. Вашите Алфа/Алта мрежи не можат да го запрат незадоволството кај народот.
Прифатете го законот заради работниците – доста беше од вашите игри.
Ќе дојде ден кога правосудството ќе биде слободно – сите ќе одговарате“.
Македонија
Поради одрон на патниот правец Катланово – Велес, сообраќајот се одвива по една коловозна лента
Од 08:40 часот поради одрон на патниот правец А1 Катланово – Велес, на 2,5км после Б.П. Детоил сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од 20 – 25 метри, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево
Македонија
Артан Груби ќе одговара за милионскиот криминал, следува одговорност, велат од ВМРО-ДПМНЕ
По повеќе од година дена поминати во бегство на граничниот премин Блаце е приведен поранешниот вицепремиер во коалицијата на СДС и ДУИ, Артан Груби, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Потсетуваат дека поранешниот вицепремиер Артан Груби се поврзува со сериозен криминал и корупција во периодот на владеење на СДС и ДУИ.
Осомничен е, како што велат, за проневера во службата за случајот со државна лотарија.
„Штетата на државата од неговите постапки е над 8 милиони евра со индиции сумата да биде и значително повисока.
Во јавноста беа изнесени сомнежи дека заедно со тогашниот директор на Државна лотарија, Бајрами, биле спроведувани спорни тендерски постапки и исплаќани аванси кон деловни партнери.
СДС знаеле за криминалот на Груби и молчеле и не реагирале.
СДС за да опстане ден повеќе на власт ги толерирале злоупотребите кои се случувале во Лотарија под раководство на Бајрами, а под покровителство на Груби тоа го потврди и извештајот на ДЗР.
Јавноста очекува институционална разрешница“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, борбата против криминалот и корупцијата е приоритет, а секој што постапувал спротивно на законот ќе мора да одговара согласно правниот поредок.

