Македонија
Вработените во здравството на протест побараа повисоки плати, решение за оние на договор на дело и за одливот на доктори и медицински сестри
																								
												
												
											Незадоволни од непотпишувањето на анексот на колективниот договор, вработените во здравството денес излегоа на протест пред Министерството за здравство.
Со анексот платите на вработените треба да се покачат 15 отсто. Љубиша Каранфиловски, претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, порача до политичките партии што претендираат да ја добијат власта да се заложат ова барање да биде исполнето и да седнат со нив и да се договорат, да кажат какво решение предлагаат.
На протестот потенцирана беше и потребата да се формира комисија, што побргу да се доврши изработката на колективниот договор и да се стави на маса и да се потпише.
Претседателот на Синдикатот на Клиничкиот центар, Предраг Серафимовски, рече и дека има здравствени работници што 20 години работат по договор на дело на клиниките, без здравствено и пензиско осигурување. Состојбата ја опиша како егзодус во здравството, постои, вели, максимален одлив во странство кај сите профили.
Говорејќи на истата тема, Даница Стојкова, која работи како медицинска сестра на Клиниката за гинекологија, рече дека ако некогаш имало 4 сестри со еден доктор, денес има три доктори со кои работи една медицинска сестра. Платите не стигнуваат, здравствените работници иднината ја бараат во странство, а во здравствените установи сè повеќе влегува несоодветен, неспособен медицински кадар, а нивната работа ја извршуваат вработените, кои се доста повозрасни од нив, рече таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Без струја делови од Сопиште, Петровец и Гази Баба
														Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08.00 до 14.00 часот, дел од корисниците од дел од с.Долно Соње.(Општина Сопиште)
· од 08.30 до 11.30 часот, корисниците од с. Горно, Средно и Долно Коњари. (Општина Петровец)
· од 08.30 до 11.30 часот, корисниците од с. Чифлик. (Општина Сопиште)
· од 08.30 до 11.30 часот, корисниците од с. Катлановска Сушица. (Општина Петровец)
· од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Вера Вучкова Жежељ, во нас. Хиподром. (Општина Гази Баба)
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
														Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено претпладне. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а нови локални врнежи од дожд повторно се очекуваат во петок и во деновите од викендот.
Македонија
Во Битола по 67 пат одржана традиционалната Ноќна атлетска трка
														Во рамките на одбележувањето на 4 Ноември, денот на ослободувањето на Битола, на Широк Сокак се одржа традиционалната Ноќна атлетска трка, во организација на Сојузот на спортови на Битола, со поддршка на Општина Битола.
Оваа манифестација, која се одржува по 67-ми пат е најстарата спортска манифестација во Битола. Годинава учествуаа над 700 учесници, основци, средношколци, студенти, граѓани и ветерани. Натпреварите се одвиваа во 24 категории, во машка и женска конкуренција.
Дел од наградите на најдобрите натпреварувачи им додели градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека манифестацијата претставува симбол на спортскиот дух и заедништвото на битолчани.
„Горд сум што во очи денот на ослободувањето на Битола можеме да ја прославиме спортската традиција на нашиот град. Ноќната трка е симбол на упорност, младост и љубов кон Битола. На сите учесници им честитам на храброста и ентузијазмот, а на победниците им посакувам уште многу успеси,“ рече Коњановски.

