Македонија
Вработените во МИА продолжија со протестите

Со оглед на тоа што барањето на вработените во АД МИА за зголемување на платите не се најде на дневен ред на владината седница одржана на 1 август 2023 година, тие денеска за време на паузата и со времетраење од половина час повторно излегоа на предупредувачки протест пред просториите на Агенцијата.
Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници од почеток ги поддржува колегите во МИА бидејќи оценува дека нивните барање се сосема реални и предупредува дека Агенцијата има исклучително важна улога во целокупното медиумско информирање во земјата.
Вработените во Медиумската информативна агенција на новиот протест ги повторија барањата за зголемување на платите и порамнување на трошоците за живот. Исто така, вработените во МИА најавија дека по неповолниот развој на настаните одново ќе ги разгледаат другите форми на реакција, односно преминување на протестот во нова фаза, што би можело да претпоставува и прекин на определен период на дистрибуција на вести.
Новинарите и медиумските работници во МИА очекуваат дека многу бргу ќе се изнајде решение во полза на двете страни, а со тоа и не би имало дополнителни импликации врз целиот медиумски простор во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес сончево и топло, од четврток промена на времето

Утрото ќе биде ведро и посвежо, а преку денот се очекува претежно сончево и топло време, со слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 6 до 14 степени, додека максималните ќе достигнат од 27 до 33.
Во Скопје ќе преовладува сончево време, со утринска температура до 12 и дневна до 33 степени, информира УХМР.
До среда ќе се задржи стабилно и топло време. Од четврток попладне следува период на променливо облачно време со локални врнежи. Во петок се очекуваат и гремежи, како и умерен до засилен југоисточен ветер.
Температурите ќе бидат во постепено опаѓање, особено за време на викендот.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Њујорк: Време е кормилото на ОН да му го довериме на жена

Во рамки на учеството на 80. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на состанок на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција за жените.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова истакна дека иако Пекиншката декларација останува темел на борбата за родова еднаквост, напредокот е нееднаков, кревок и често реверзибилен.
„Насилството врз жените останува неказнето, фемицидот ја осквернува светоста на животот, а жените сè уште се соочуваат со бариери во пристапот до ресурси, лидерство и одлучување,“ рече таа.
Претседателката посочи и на кризата во Обединетите нации, институција основана за заштита на мирот, а денес исправена пред бројни конфликти низ светот. Таа апелираше на храбро лидерство од жени, велејќи:„Ако сме сериозни во врска со мирот, време е да го довериме кормилото на ОН на жена.“
Во нејзиниот говор таа подвлече дека родовата еднаквост не е феминистичка привилегија, туку хуманистички императив, потенцирајќи дека жените се носители на исцелување, сочувство и надеж.
Учесниците на состанокот ја потврдија потребата од посветеност, конкретни политики и ресурси за реализација на визијата од Пекинг и за создавање праведни и просперитетни општества.
Пекиншката декларација, како што потсети Сиљановска-Давкова, повикува на еднакви права и пристап за сите – жени и мажи, девојчиња и момчиња – и тој повик, рече таа, останува ургентен и денес.
Македонија
ДИК со податоци: Пет отфрлени листи за градоначалници

Според податоците добиени од Државната изборна комисија, за претстојните локални избори се потврдени вкупно 861 кандидатска листа – 303 за градоначалници и 558 за членови на советите на општините и на Град Скопје.
Во тек е постапка за отстранување на неправилности кај дел од листите во општините Куманово, Аеродром, Карпош и во Град Скопје.
Според податоците, 8 листи за градоначалници и 20 советнички листи се во постапка на дополнување и корекција по добиени забелешки од општинските изборни комисии.
Досега, се отфрлени 5 листи за градоначалници, по една во општините Бутел, Центар, Куманово, Аеродром и Град Скопје.
По завршувањето на процесот на потврдување, ќе следува ждрепка за утврдување на редоследот на кандидатите на гласачкото ливче. Ждрепката ќе се одржи на 25 септември 2025 година.