Македонија
Вработени издавале државјанства на лица што не се во Македонија и од нив добивале пари, МВР поднесе кривични пријави
Велешката полиција до Обвинителството поднесе кривична пријава против А. Б. (33) и 30-годишната А. С., двајцата од село Мелница, општина Чашка, поради злоупотреба на службената положба и овластувањето.
„А. Б., вработен во Управата за водење на матичните книги, издавал изводи и поднесувал барања за изводи за лица што не се присутни во државата, односно за лица државјани на Република Турција, што е спротивно на Законот за водење на матичните книги. Тој во период од три години посредувал при поднесување на документација за лица што сакале да стекнат македонско државјанство и од секое лице стекнувал противправна имотна корист од 400 до 800 евра. На тој начин бил оштетен државниот буџет“, објави МВР.
А. С., вработена како советник за државјанства во Министерството за внатрешни работи, примала документи – барања за прием во државјанство за лица што бараат државјанство по потекло, без да бидат присутни и лично да го поднесат барањето, што е спротивно на Законот за државјанството. Таа ја примала целата документација, која претходно била доставувана кај првопријавениот и кој ја доставувал кај неа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.

