Македонија
Вработен во МВР зел поткуп од 300 евра, Судот му одреди притвор од 30 дена

Судот му определи триесетдневен притвор на вработен во МВР кој зел поткуп од 300 евра од странски државјанин.
Полицијата поднесе кривична пријавa против Л.Б. (57) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“. Пријавениот, вработен во МВР, на 23 февруари од странски државјанин побарал 300 евра за да не изврши службено дејствие, односно да не поднесе барање за поведување прекршочна постапка против него за сторен прекршок од Законот за странци за кој би му била изречена парична казна од 540 до 1600 евра.
Завчера во службената просторија на пријавениот тој ги примил парите од странскиот државјанин. Од страна на Основниот суд на пријавениот му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Министерот Лимани се сретна со членови на делегација од Црна Гора – целта на посетата, размена на искуства за вклучувањето на Ромите во општеството

Министерот за социјална политика демографија и млади, Фатмир Лимани денеска одржа работен состанок со претставници на неколку министерства и граѓански организации од Црна Гора.
Делегацијата од Црна Гора со членови од министерствата за човекови и малцински права, за просторно планирање, урбанизам и државен имот, за внатрешни работи, за здравство, за социјална заштита, семејни прашања и демографија, Совет на Ромите, невладини организации и медиуми се во дводневна посета на земјава во организација на Совет на Европа.
Целта на посетата е размена на информации и искуства со ресорните министерства, институции и организации за добрите практики во Република Северна Македонија во делот со вклучувањето на Ромите, имплементација на Стратегијата за инклузија на Роми 2022-2030 и Националните Акциони Планови од приоритетните области.
На средбата министерот се осврна на политиките и проектите кои се реализираат во нашата држава, а се во насока на заштита и унапредување на правата на Ромите. Овие политики и проекти овозможуваат инклузија на децата Роми во предучилишното образование, поголема информираност на припадниците на ромската заедница преку Ромските Информативни Центри, идентификување на лицата неевидентирани во матичните книги на родени и помош при обезбедување на лични документи и привремено згрижување и социјална интеграција на бездомните лица сместени во прифатниот центар Визбегово.
Министерот Лимани изрази задоволство од денешната посета која овозможува подобрување на соработката помеѓу двете држави, а со цел унапредување на правата и можностите за нашите сограѓани Роми. Тој порача, дека Министерството останува отворено за сите прашања кои ќе имаат позитивно влијание за унапредување на состојбите во Црна Гора, како наша пријателска држава.
Македонија
(Видео) Пред Кривичен се бара правда за „Феликс“: Држава која не превенира и санкционира, охрабрува насилство!

Пред Кривичниот суд во тек е протест на кој се бара правда за кучето Феликс, кое беше претепано со метална шипка, а умре по два месеца во агонија.
Протестот се случува денес, кога требаше да биде одржано првото рочиште, но на крајот беше одложено бидејќи еден од обвинетите и неговата одбрана го немаат примено обвинителниот предлог, ниту пак решението за одлука за предложената мерка за обезбедување присуство.
Активистите пред судот најавија поднесување на Иницијатива за измена и дополна на Кривичниот закон до Владата, со внесување на нови прецизно дефинирани категории – нови квалификувани форми на кривично дело мачење на животни.
„Феликс се мачеше 52 дена и умре, затоа што беше мирно бездомно куче кое не се ни обиде да се одбрани или нападне. Кое и покрај сето зло кое му беше нанесено, им веруваше на луѓето кои неполни 2 месеци се бореа за негов живот. Тука сме зошто бараме одговорност и затворски казни за сторителот и соучесниците“, порачаа активистите.
Се додава дека во нашата држава сведоци сме на фрапантни и секојдневни случаи на насилство врз животните, безумие и суровост на начини кои не може а да ги смисли нормален ум, без граници; насилство кое неминовно ескалира, доколку не се препознае и казни соодветно. Тоа се девијантни и непресметани лица околу нас, нашите деца, семејства.
„Држава која не превенира и санкционира, охрабрува насилство! Бараме зголемување на санкциите предвидени со член 233 (Убивање и мачење на животни) особено по правно лице, и воведување на нови, квалификувани форми на извршување на ова дело. Конкретно, покрај зголемување на казните, бараме: 1) воведување на засебно кривично дело: Борби со животни; 2) засебно кривично дело: Напуштање на животни; 3)воведување на засебна безбедносна мерка – Забрана за чување и стекнување животни, која може да се изрече за најтешки случаи на злоупотреба на животни кога околностите на извршувањето упатуваат на опасност од повторување на кривично дело“, појаснуваат активистите, додавајќи дека нивните барања се базираат на успешни европски примери во законодавството, меѓу кои Хрватска, Италија, Франција, Полска.
Протестот го иницираеше здружението „Анима мунди“, а е поддржан и од иницијативата „Зелен хуман град“.
Обвинетите Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски се товарат за убивање и мачење животни“, Член 233 став 1 од Кривичниот законик кој гласи „тој што ќе усмрти животно без оправдана причина или грубо го злоупотребува или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години”.
Македонија
Муцунски се сретна со амбасадорот на БиХ: потврдени одличните билатерални односи и можност за нивно продлабочување

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска, го прими амбасадорот на Босна и Херцеговина, Драган Јаќимовиќ.
На средбата беа потврдени одличните билатерални односи и соработка меѓу двете земји кои се одвиваат во континуитет во областите од заемен интерес. Во овој контекст, беа разменети мислења за можностите за натамошно продлабочување на билатералната соработка, пред сè на економски план.
Соговорниците разговараа и за актуелните политички состојби во двете земји, како и нивната перспективата во процесот за интегрирање во Европската Унија при што се согласија дека проширувањето на Унијата ќе биде поттик не само за земјите од регионот, туку и суштински интерес за земјите-членки.
Министерот ја потврди поддршката за европските и евроатлантските аспирации на БиХ, притоа потенцирајќи ја подготвеноста, за размена на искуства во оваа област.