Македонија
Врвниот потенцијал да се стави на располагање на пациентите: Алиу потпиша меморнадум за соработка со приватните здравствени установи
Министерот за здравство Азир Алиу денес ги посети трите најголеми приватни здравствени установи во земјата – „Ремедика“, „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев“ – со цел потпишување заеднички меморандум за соработка.
Со овој меморандум се воспоставува рамка за соработка помеѓу Министерството за здравство и приватните здравствени установи, со која ќе се овозможи ангажирање здравствен кадар – специјалисти од приватниот сектор во јавните здравствени установи во случаи на зголемени потреби, недостиг на кадар или други приоритетни здравствени барања, информираат од Министерството.
„Законоското функционирање на сите здравствени установи, како јавни така и приватни, е наш највисок императив. Целта е врвниот потенцијал на здравствениот систем да им се стави на располагање на пациентите преку мапирање и ставање на потребните ресурси во интерес на граѓаните“, истакна министерот Алиу.
Меморандумот предвидува Министерството тековно да ги идентификува јавните здравствени установи со потреба од дополнителен кадар, да обезбеди административна и правна поддршка, како и да ја координира соработката. Од друга страна, приватните здравствени установи се обврзуваат да обезбедат квалификуван здравствен кадар, кој ќе биде ангажиран под јасно утврдени услови и во согласност со етичките и професионалните стандарди.
Со овој чекор Министерството за здравство го унапредува партнерството со сите здравствени капацитети во државата, со крајна цел – подобрување на квалитетот и на достапноста на здравствените услуги за пациентите, велат од таму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изминатата седмица санкционирани 𝟣𝟤𝟥 непрописно паркирани возила на територија на општина Центар
ЈП Паркинзи на Општина Центар во периодот од 15.12. до 21.12.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 123 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, известува ПОЦ.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ во наредниот период ќе продолжи со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, соопшти ПОЦ.
Македонија
Општина Аеродром со нова алатка за директна оцена на нејзината работа од граѓаните
Општина Аеродром воведува нов, транспарентен и целосно анонимен начин преку кој граѓаните ќе можат да дадат оцена и мислење за квалитетот на работењето на Општината, како и за работата на секој вработен поединечно.
„Целта на оваа иницијатива е директно вклучување на граѓаните во процесот на унапредување на локалната самоуправа, преку идентификување на позитивните практики, како и на областите во кои постои простор за подобрување. На тој начин, Општина Аеродром се стреми кон поефикасно, поодговорно и поотворено институционално работење.
Анкетата е кратка, трае помалку од една минута, целосно е анонимна и при нејзиното пополнување не се прибираат лични податоци. Граѓаните можат да учествуваат со скенирање на QR-кодот поставен на официјалните информативни банери, по што се отвора кратка анкета што се пополнува со неколку клика“, велат од општина Аеродром.
„Секоја оцена, мислење и искуство од граѓаните ќе послужи како значајна основа за унапредување на услугите и за подобрување на вкупниот квалитет на работењето на општина Аеродром.
Општина Аеродром изразува благодарност до граѓаните за укажаната доверба и за активното учество во процесите што придонесуваат кон развој на поодговорна и сервисно ориентирана локална самоуправа“, се додава во соопштението на општина Аеродром.
Македонија
Прекинат прагот на алармирање, престануваат да важат мерките и препораките за загадувањето
Прекинат прагот на алармирање, престануваат да важат мерките и препораките за загадувањето, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Во согласност со податоците од Државниот автоматски мониторинг-систем на 22.12.2025, среднодневните концентрации на ПМ 10 се под дефинираниот праг на алармирање од 150 mg/m3 и епизодата со надминување на прагот на алармирање за ПМ 10-честички е прекината во Скопје и Струмица“, се наведува во соопштението.
Од Министерството велат дека мерките и препораките за надминат праг на алармирање се прекинуваат.

