Македонија
„Вреди“: Бујар Османи е курбан без бајрам на ДУИ на овие избори
Бујар Османи е, едноставно, курбан без бајрам на ДУИ на овие избори. Тој никогаш не може соодветно да ги претставува Албанците, велат од коалицијата „Вреди“ коментирајќи дека тој е првиот и единствен Албанец со предмет во специјалното обвинителство, каде што е обвинет за корупција во случајот наречен „Пациент“.
„Пациентот Бујар Османи не може да победи против доктор Таравари, бидејќи Таравари ВРЕДИ, а Бујар лаже. Пациентот Бујар Османи не може да влее надеж кај Албанците, бидејќи ниту како министер за надворешни работи, ниту како претседавач со ОБСЕ, не виде можност ниту еднаш да излезе во одбрана на суверенитетот на Република Косово, ниту пак да ја посети. Напротив се радуваше и промовираше фотографии со Вучиќ. Пациентот Бујар Османи не може да има полна уста со Европа бидејќи тој беше првиот политичар на нашиот континент кој по руската агресија во Украина, ја отвори вратата и во Скопје ја пречека десната рака на Владимир Путин, Сергеј Лавров. Што имаш да зборуваш за Европа кога и ја отвараш вратата на Русија?“, велат од Вреди.
Понатаму додаваат дека Османи не може да бара меѓународен ветинг, затоа што мора прво да почне од себеси и од пријателите, бидејќи тој и неговата партија влегоа со двете нозе во судството, а одат и до таму што инсистираат по секоја цена амнестија и враќање на Никола Груевски.
„Пациентот Бујар Османи не може да зборува и да ги злоупотребува стратешките сојузници, затоа што треба само да ги анализирате фотографиите од неговиот промотивен митинг во скромната сала Кале, каде што беше опкружен со политичари на американската црна листа, од насилници на М-НАВ, од Артан Груби – кралот на казината и партнер на српското подземје, од експоненти на ДУИ блиски до Дака Давидовиќ, од Дрин Ахмети – најмладиот милионер инвеститор и сопственик на СОРАВИА, од Перпарим Бајрами – извршител на највалканите бизниси и десна рака на Артан Груб, кој ќе биде запаметен по тоа што ги внесе онлајн казината во секој дом. Со овие луѓе од црни списоци и црни злосторства, овој ли ќе ни кажува за Америка и Европа? Пациенту, Америка не поддржува криминал и корупција, не надевај се напразно“, велат од Вреди.
Коалицијата најави дека во наредниот период ќе ги открие сите коруптивни афери и злоупотреби на Бујар Османи на функциите што ги водел, а такви скандали, како што велат, имало на сите функции што ги извршувал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска-Давкова: Грозоморен напад врз словачкиот премиер, се молиме за негово здравје
Македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова реагираше на веста за атентатот врз словачкиот премиер Роберт Фицо.
„Бев длабоко шокирана кога ја слушнав веста за грозоморниот напад врз словачкиот премиер Роберт Фицо. Се молиме за негово здравје и брзо закрепнување! Нашите мисли се со неговото семејство и со народот на Словачка“, напиша Силјановска Давкова.
I was deeply shocked to hear the news of the heinous attack against the Slovak Prime Minister Robert Fico. We pray for his health and swift recovery! Our thoughts are with his family and the people of Slovakia.
— Гордана Силјановска Давкова (Gordana Siljanovska) (@gogamkd) May 15, 2024
Словачкиот премиер Роберт Фицо е затрелан по владин состанок, околу 150 километри североисточно од Братислава.
Обидот за атентат се случил кога Фицо отишол меѓу насобраните луѓе.
Според информациите, премиерот на Словачка бил застрелан со два до три куршуми во градите и стомакот. Со хеликоптер итно бил пренесен во болница во Братислава.
Напаѓачот е уапсен на самото место.
Словачките медиуми јавуваат дека состојбата му е многу тешка и ќе биде опериран.
Македонија
Министерство за правда изрази благодарност до турските власти за екстрадицијата на Палевски
Министерството за правда изрази благодарност до турските власти за преземањето на сите неопходни мерки за екстрадицијата на Љупчо Палевски-Палчо, кој вечерва од Турција е пренесен во земјава и спроведен во истражниот затвор Шутка.
– Министерството за правда и министерот Кренар Лога изразуваат голема благодарност до турските власти, особено до министерот за правда на Република Турција, Јилмаз Тунч за нивната брза реакција и преземањето на сите мерки за екстрадиција на Љупчо Палевски. Целата постапка се спроведе во релативно краток период за неполни пет месеци. Ова е добар знак за општеството и порака дека правдата ќе ве стигне, каде и да сте, стои во објавата на Министерството за правда.
Љупчо Палевски Палчо по пет месеци стигна во затворот во Шутка откако заврши постапката за екстрадиција од Турција.
Палевски со возила без полициски ознаки пристигна во истражниот затвор Скопје затоа што во отсуство му е одредена мерка притвор.
Македонија
Палевски екстрадиран, по пет месеци, стигна во Шутка
Љупчо Палевски Палчо по пет месеци стигна во затворот во Шутка откако заврши постапката за екстрадиција од Турција.
Палевски со возила без полициски ознаки пристигна во истражниот затвор Скопје затоа што во отсуство му е одредена мерка притвор.
Претходно неговата партја Десна објави на „Фејсбук“ дека тој слетал во Скопје.
И Министерството за внатрешни работи потврди дека Палевски стигна во затворот во Шутка.
„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека денеска (15.05.2024) полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка на МВР во соработка со турската полиција го завршија процесот на екстрадиција од Република Турција на Љупчо Палевски (59) од Скопје, за кого беше распишана меѓународна потерница за истрага за кривични дела „грабнување” и “убиство“ по издадена наредба XV KO бр 3047/23 од Основното јавно обвинителство Скопје. Лицето е пренесено во КПУ Затвор Скопје“, велат од МВР.
Палевски е првоосомничен за убиството на Вања Ѓорчевска од Скопје и Панче Жежовски од Велес.