Македонија
„Вреди“: Бујар Османи е супермајстор на корупцијата во оваа држава
Коалицијата Вреди ја потсетува јавноста дека Бујар Османи, како министер за здравство во Владата на Никола Груевски, во 2008 – 2011 година, беше обвинет во судскиот процес „Пациент“, каде што е осомничен за корупција и фаворизирање во јавните набавки на бугарска компанија од Благоевград, на која, како што велат, ѝ дал 6,5 милиони евра.
„Но, Бујар Османи никогаш не ја заборавил оваа навика на корупција со тендери. Така, Бујар Османи, додека бил во должноста на претседавањето со ОБСЕ, на компанијата донатор на ДУИ, ‘Евровиа’ ѝ дал тендер вреден 1,8 милиони евра, а исто така, за овој самит Бујар Османи има спроведено уште еден тендер за возила со цена десет пати повисока, со што на компанијата ‘ABC RENT A CAR’ ѝ дал 1 милион евра. За чудење, оваа компанија континуирано добива тендери во последните три години од Бујар Османи. Како да не беа доволни само овие, Бујар Османи ѝ доделил два тендера од 150.000 евра на компанијата ‘Арбериа’, која е донатор на ДУИ“, се наведува во соопштението од Вреди.
Оттаму додаваат дека капакот на целата корупција на Бујар Османи е тендерот за компанијата „Еуроинвест медиу“ од Зајас на Али Ахмети, на која Бујар Османи наводно ѝ дал тендер од 800.000 евра.
„Ова е кандидатот на Европскиот фронт, кој глуми дека се бори против Русија и ја штити Европа, а единственото нешто со кое треба да се гордее е корупцијата. Како и да е, нему и на неговата партија им останаа уште неколку дена до исклучување од сцената, за да го отворат патот на проевропската и некоруптивната опција. Затоа, Вреди!“, порачаа од Коалицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.