Македонија
„Вреди“ до ДУИ: Не бегајте, дајте одговор, зошто Бујар Османи бил толку чест соговорник со сите српски функционери
ДУИ не може да се претставува за чувар на евро-атланскиот курс на државата, затоа што има зад себе многу неодговорени и сомнителни прашања, оценуваат од „Вреди“.
ДУИ не кажа зошто министерот Бујар Османи одржал 11 средби со српскиот шеф на дипломатијата, а немал ниту една официјална иницијатива со Косово, прашуваат од оваа партија.
„ДУИ не кажа и бега да каже на колку ручеци, вечери и „пријателски прошетки“ присуствувале Али Ахмети и Бујар Османи лично со претседателот на Србија, Александар Вучиќ?
ДУИ нема да ја слушнете да каже колку често Османи се среќавал со српскиот амбасадор во Скопје и зошто не ја информирал јавноста за секоја од тие средби?
ДУИ и должи на јавноста информација за тоа олку пати Османи патувал приватно во Србија и зошто јавноста никогаш не дозна за тие посети.
Додека ДУИ не даде одговор на овие прашања, нека не се лажат дека некој им верува и ги гледа различно од тоа што се, партија на црната листа на нашите стратешки западни партнери“.
Потсетуваат дека партијата што го туркаше како што велат, „Отворен Балкан“ како интеграција со Србија и игнорираше соработка со Косово е токму ДУИ.
ДУИ, според „Вреди“ е истата партија што ја прогласуваше брзата лента на границата со Србија за „историски успех“, но не мрдна прст за премините Блаце и Јажинце спрема Косово или преминот Ќафасан кон Албанија.
ДУИ сака да се претстави како „заштитник“ на Албанците, но нивните дела сведочат за спротивното: огромен број на средби со српските власти, увоз на српски идеи, соработки со Србија, игнорирање на соработката со Косово.
Од „Вреди“ со порака дека европска интеграција не се брани со селективна дипломатија.
„Ако Османи нема време за Приштина, нема кредибилитет да зборува за „српски свет“. Вистинскиот патриотизам се мери во километри автопат, не во селфи-дипломатија со Вучиќ. Албанците заслужуваат транспарентност и затоа секој службен или приватен состанок со Белград мора да биде јавно објавен.
Дотогаш, секоја нивна реакција останува обид да се фрли магла врз сопствените пропусти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче: Техничката влада мора да остане, не се созреани условите за укинување
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче истакна дека техничката влада мора да остане затоа што не се созреани условите за нејзино укинување.
„Сметаме дека е повторно политички трик да се дозволи власта да протне закон со којшто техничката влада формално ќе остане во следниот изборен циклус, а потоа ќе се укине. Ние изнесуваме аргументи и факти зошто техничката влада мора да остане, затоа што условите за нејзино укинување едноставно не се созреани“, изјави Филипче.
Тој потсети дека причините поради кои техничката влада беше воведена во 2015 година и денес постојат, па дури и во поизразена форма.
„Злоупотреба на институциите постои и сега, ако не и побрутална. Па ја видовме за време на локалните избори, злоупотреба на полицијата, на социјалните служби. Така да, едноставно општеството повторно како и тогаш што беше ситуација, не е зрело да се укинува техничката влада. И нема потреба.“, нагласи Филипче.
Укинувањето на техничката влада може да се случи само врз основа на широк политички консензус, а не преку наметнување на еднострани решенија.
„Ако е донесена со консензус, нека се укине со консензус. Значи, вистински, фер, политичка комуникација, третман, е да како нешто било договорено, така да продолжи и понатаму “, потенцираше Филипче.
Македонија
Филков: Криумчирањето мигранти не познава граници, одговорот мора да биде заеднички
Министерот за правда Игор Филков денеска учествуваше на настан посветен на новиот Пакет за миграција и азил, организиран од Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија.
Во своето обраќање, министерот истакна дека криумчарењето на мигранти е еден од најбрзо растечките облици на организиран криминал во светот – сериозен безбедносен и хуманитарен предизвик со кој ниту една држава не може да се справи сама.
Република Македонија ги има ратификувано сите релевантни меѓународни инструменти, вклучително и Протоколот на Обединетите нации против криумчарење на мигранти. Сепак, клучниот предизвик останува доследната примена на стандардите и зајакнувањето на меѓународната соработка.
,,На национално ниво, значајна е улогата на надлежните органи во откривањето, гонењето и пресудувањето на овој вид криминал. Неопходно е криумчарењето на мигранти да се третира преку инструменти карактеристични за борбата против организираниот криминал. Во тој контекст, пристапот „следи ги парите“, поддржан со ефикасна меѓународна соработка, е од суштинско значење, особено имајќи го предвид растечкото влијание на современите технологии врз начинот на извршување на овие кривични дела. Затоа, финансиските истраги насочени кон криминалната инфраструктура претставуваат клучен сегмент во борбата против овој феномен”, рече Филков.
Во таа насока, министерот информираше дека Министерството за правда активно работи на подготовка на нови системски закони, при што во новиот Кривичен законик и во работната верзија на Законот за кривичната постапка се инкорпорирани најновите меѓународни стандарди, особено во делот на финансиските истраги, процесните права и заштитата на жртвите.
Тој посочи и на зголемениот обем на меѓународна правна помош во последните години, при што во 2024 година биле заведени 46 предмети за кривичното дело „Криумчарење на мигранти“, а во 2025 година – 56 предмети, најчесто со европски држави, што ја потврдува интензивната меѓународна соработка во оваа област.
Македонија
Бислимоски и РКЕ очекуваат расчистување на случајот со „Тритерол Петрол“: Постапено е согласно закон
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и претседателот Марко Бислимоски се отворени за соработка со сите институции со цел да се расчисти посочениот случај кој е споделен во јавноста од страна на Финансиската полиција, соопштија денеска од таму по информацијата во медиумите дека Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), поради сомнение за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
„РКЕ ја информира јавноста дека во конкретниот случај за постапката за одземање на лиценца на Тритерол Петрол е постапено согласно Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, со тоа што на ист начин и во исти рокови е постапено и за други компании баратели на лиценци.
РКЕ нема да коментира детали со цел да остави институциите на системот професионално да си ја вршат работата“, соопштија од Регулаторната комисија.
Според претходно изнесените информации Бислимоски, спротивно на Законот за енергетика и правилата за лиценци, не отпочнал постапка за одземање лиценца за вршење енергетска дејност – трговија на големо со сурова нафта и нафтени деривати (вклучително еуродизел, биодизел, еуросупер, екстра лесно масло и течен нафтен гас) – на компанијата „Тритерол Петрол ДООЕЛ“ Скопје, иако, за тоа постоеле законски основи поради неисполнување пропишани услови.

