Македонија
„Вреди“: Формирањето албанска академија е рефлексија на одредени негативни состојби во државата, иницијативата доби широка поддршка
„Имаме разбирање за ставот на нашите партнери бидејќи прашањето за формирање албанска академија е чувствително, но наша цел како „Влен“ не е да им нанесуваме политичка штета на нашите коалициски партнери, туку да го спроведуваме она што сме го ветиле пред гласачите.
Секако, нашите програмски заложби нема да ги приспособуваме за личен комфор во Владата. Договорот за формирање на Владата е јасен за одредени прашања кои високо ја сензибилизираат едната јавност, како правичната застапеност во институциите за Албанците или прашањето за албанска академија за Македонците да се поведуваат иницијативи и да се обидуваме да наоѓаме заеднички прифатливи решенија“, велат од коалицијата „Вреди“.
Според нив, така функционира секоја демократска влада составена од партии со разни идеолошки и политички определби. Формирањето албанска академија е рефлексија на одредени негативни состојби во државата поради што во некои институции сѐ уште нема место за Албанците.
Од „Вреди“ соопштија дека денес се одржал состанок на политичкото координативно тело на „Влен“, при што биле дадени политичка поддршка и поголем легитимитет на новата иницијатива за академија на Албанците за наука и уметност.
Од „Вреди“ додаваат дека создавањето на оваа академија е важен чекор кон подигање на стандардите на образованието и научната креативност во нашата земја. Обезбедувајќи платформа за истражувачите, уметниците и интелектуалците од албанската заедница, академијата, како што велат, ќе овозможи размена на знаења и таленти поттикнувајќи нова култура на совршеност и иновации.
Членовите на координативното тело се согласиле дека оваа иницијатива, и покрај острите реакции, било да се тие од албанска или македонска страна, има своја благородност бидејќи се работи за знаење, култура и граѓанство, а не за создавање разлики во нашето мултиетничко општество, ниту за освојување политички поени.
По состанокот, членовите изразиле уверување дека оваа иницијатива ќе понуди нови можности за соработка и развој помагајќи во подобрувањето на квалитетот на образованието и научната креативност.
„Влен“ нагласува дека оваа иницијатива ќе биде референтна точка за сите оние што се заинтересирани за напредокот на знаењето и уметноста создавајќи поволна средина за иновации и креативност.
„Остануваме целосно посветени на обезбедување академија на Албанците за наука и уметност да ги постигне своите амбициозни цели носејќи големи придобивки за нашето општество.
Ги повикуваме сите истражувачи, уметници и интелектуалци да се приклучат на оваа важна иницијатива и да придонесат за изградба на посветла иднина за албанската наука и уметност“, истакнуваат од „Вреди“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Велеа решен проблем со транспортерите, а не е, ќе понесе ли Николоски одговорност
Вицепремиерот Николовски велеше не се секирајте проблемот на транспортерите е решен, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем, но еве не е решен, укажа претседателот на СДСМ, Венко Филипче на средбата со Општинската организација на СДСМ во Гевгелија. Филипче посочи дека дел од компаниите веќе се селат во Бугарија и во Хрватска.
„Гледате како излажа вицепремиерот Николовски за транспортерите. Што велеше, не се секирајте, завршен е проблемот, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем. Еве, не е така. Ќе понесе ли одговорност затоа што не ја зборел вистината? Зборувавме со неколку компании. Веќе се селат во Бугарија и во Хрватска. Таму ќе ги регистрираат транспортните компании“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче нагласи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно ја доведе државата до состојба на изолација и без јасен план за напредок, што носи сериозни последици врз економијата, компаниите, граѓаните.
„Целосно не изолираа, целосно не изолираа. Ќе го враќаа името, ќе обезбедеа подобра преговарачка позиција. Ништо од тоа. Ништо. Ние сме изолирани, слепо црево на Балканот. Нема план како напред, кажува премиерот, што не кажуваше пред изборите 2024 дека ќе го запре целосно европскиот пат и нема да има уставни измени. Тој велеше и ветуваше, ќе има подобра преговарачка позиција за земјата. Затоа му дадоа поддршка луѓето, не за да го запре европскиот пат на земјата којшто трае од 1991 прва година“, рече Филипче.
Тој додаде дека премиерот Мицкоски нема право да ја држи изолирана државата и да ја загрозува иднината на граѓаните.
„Тој нема право да го прави тоа, тој нема никакво право, ни морално, ни политичко, да ја запре земјата, да ја изолира, да не стави целосно на страна, под силно влијание на српско-унгарски интереси, на медиумска мрежа којашто не ја кажавме ние, ја анализираа независни истражувачки новинари.Кажаа дека таква мрежа, која што шири антиевропски наратив, проруски наратив е контролирана од Орбан. 40% од медиумите кај нас се под контрола на Орбановата мрежа на медиуми“, рече Филипче.
Македонија
Воена вежба на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро, надлежните апелираат на внимателност до месното население
СВР Охрид известува дека, утре (17.02.2026 година) од 04 до 09 часот, на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро кај караулата во струшкото село Радожда, воена вежба ќе реализираат припадниците на македонската и белгиската армија.
„При извршување на вежбовните активности, ќе биде употребена маневарска муниција поради што, апелираме до месното население на адаптирање на своите обврски и внимателност при нивното извршување како и придржување до насоките на униформираните службени лица задолжени за безбедноста на подрачјето“.
Македонија
Филипче: Премиерот се луксузирал со владин авион на одмор додека нема пари за плати
„Гледаме како се луксузирал премиерот, како го користел владиниот авион да оди на одмор без никаков срам. Треба да одговори на прашањето кој бил со него во авионот? Треба да одговори на прашањето зошто најавуваат купување на нов владин авион, за повторно да го користи во приватни цели за приватни патувања?“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на попладневната средба со партиското членство од општинската организација на СДСМ Гевгелија, во рамки на теренските активности на партијата.
Филипче ја критикуваше власта за луксузирањето и што велат од партијата, негрижата за животниот стандард на граѓаните. Тој нагласи дека во време кога граѓаните се соочуваат со постојани поскапувања и ниски примања, власта се луксузира на грбот на народот.
„Тоа ли е целта? Во време кога не сака да им зголеми плати на работниците, прават такви трошоци, луксузирање на сметка на сите граѓани. Сите граѓани го плаќаат керозинот за тој авион“, истакна Филипче.
Се осврна на животниот стандард и одбивањето на власта да ја зголеми минималната плата.
„Ние ги премоливме, дававме закони два пати, ова е втор пат како го даваме законот за минималната плата. Луѓето не можат крај со крај да врзат. 600 евра плата не е луксуз, минимална плата. Основни потреби не може да задоволува луѓето. Колку е сметка за струја, колку е потрошувачка кошничка, не може да преживеат. Нема слух, нема слух“, порача Филипче.
Тој заклучи дека Владата нема визија и нема план за подобрување на животниот стандард, туку само задолжувања и луксузирање, додека граѓаните едвај преживуваат.

