Македонија
Времето денес сончево, за викенд дожд, грмежи и ветер

Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 21, а максималната ќе достигне од 31 до 37 степени. UV=8
Во Скопје ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност и со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 36 степени.
До петок ќе се задржи стабилно и многу топло време. Во сабота во попладневните часови се очекува локален развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме. Во недела и понеделник ќе дува засилен северен ветер што ќе предизвика опаѓање на температурата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Коцевски и Абази на регионална конференција за соработка во санкционирањето на воените злосторства

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски и Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази учествуваат на Регионалната конференција на јавни обвинители за соработка во обработката на предмети за воени злосторства што се одржува во Бриони, Република Хрватска.
Форумот, организиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), со поддршка од ЕУ и Владата на Обединетото Кралство, го отворија хрватскиот Генерален државен обвинител Иван Турудиќ, министерот за правда, администрација и дигитална трансформација на Хрватска Дамир Хабијан, како и Главниот обвинител на Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали Серж Брамерц.
Дискусијата се фокусираше на механизмите за јакнење на регионалната соработка, заемното уважување на доказите и поддршка на жртвите и сведоците.
Во Република Северна Македонија нема активни постапки за воени злосторства, но македонското обвинителство е посветено на јакнење на каналите за меѓународна соработка кои треба да гарантираат дека ниту едно злосторство каде било во светот нема да остане неказнето, истакна јавниот обвинител Коцевски пред учесниците на форумот.
“Воените злосторства се најтешките форми на нарушување на човековите права и на хуманитарното право. Тие се санкционирани и во македонскиот Кривичен законик. Ефикасниот кривичен прогон на воените злосторства е прв чекор кон помирување и траен мир”, рече Коцевски.
Македонија
Алиу: Стратегијата за соработка со СЗО за периодот 2026 – 2030 е патоказ за иднината на здравствениот систем

Денеска се одржа промоција на Стратегијата за соработка со Светската здравствена организација за периодот 2026-2030 година, на која присустуваа министерот за здравство, Азир Алиу, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, како и претставникот на СЗО Аким Али, координаторот за Обединети Нации, Рита Колумбија, и Лесли Милер од УНИЦЕФ.
Министерот за здравство, Азир Алиу, истакна дека стратегијата е целосно усогласена со нашата Национална развојна стратегија, со обврските од процесот на пристапување кон Европската Унија и со Рамката за одржлив развој на Обединетите Нации.
„Во претстојниот период ќе бидеме посветени на зајакнување на партнерствата со Светската здравствена организација и УНИЦЕФ со посебен фокус на вакцинацијата, како и со УНФПА во делот на унапредување на здравствената заштита на мајките и децата. Министерството за здравство продолжува активно да работи на главните приоритети: процесот на дигитализација, транспарентност и отчетност пред граѓаните, и правичен здравствен систем кој функционира во интерес на граѓаните“, посочи министерот Алиу.
Д-р Аким Али од Светската здравствена организација истакна дека оваа стратегија не е само здравствена политика – таа е градење стабилност, доверба и уште поправедна иднина за сите во државата.
„Со Стратегијата, Северна Македонија се приклучува на заедничките европски напори за зајакнување на отпорни и подготвени здравствени системи за иднината“, истакна д-р Али.
Координаторот на Обединетите Нации, Рита Колумбија посочи дека стратегијата за соработка со земјата покажува како глобалните обврски се преточуваат во национално дејствување – целосно усогласено со здравствената и развојната агенда на земјата.
„Здравјето не може да се разгледува изолирано; тоа е поврзано со образованието, животната средина, климата, социјалната заштита и дигиталната трансформација. Стратегијата обезбедува рамка за заедничко делување врз овие врски“, заклучи Колубија.
Македонија
ДУИ: Вработување на Албанците има само за роднините на Изет Меџити

Демократската унија за интеграција реагираше на изјавите на Изет Меџити дадени за време на посетата кај едно семејство во Гази Баба.
„Изет Меџити синоќа уште еднаш покажа дека за него лагите и манипулациите немаат граници,“ изјави Решат Ахмети на прес конференцијата.
„Тој тврдеше дека за една година владеење на ВЛЕН биле вработени двојно повеќе Албанци отколку за целото владеење на ДУИ. Таква лага заслужува да биде запишана во Гинисовата книга на рекорди. Вистината е сосема поинаква и дека кога Меџити зборува за „вработувања“, мисли само на своите роднини и најблиски. Додека илјадници граѓани на Чаир и Скопје со години чекаат за една чесна можност, неговиот клан собира по две или повеќе плати,“ рече Ахмети.
Тој го повика Меџити јавно да покаже само две имиња на луѓе од Чаир кои добиле работа во изминатата година, а не се негови семејни членови или пријатели. „Само две имиња, ништо повеќе,“ подвлече Ахмети.
Ахмети потсети и на список од десетици имиња поврзани со непотизмот на Меџити, од неговиот братучед Бурим Латифи, директор на МЕПСО, до брачниот пар Имери, кои, како што рече, „се само дел од мрежата на блиски луѓе што ги вработува и унапредува Меџити“.
„Оваа листа е само мал дел од она што граѓаните на Чаир и Скопје многу добро го знаат: дека за Изет Меџити политиката отсекогаш била средство за вдомување на семејството и пријателите, а не за служење на граѓаните,“ истакна Ахмети.