Македонија
Врховните судии ќе расправаат за затворот на Груевски
Кривичниот суд во Скопје потврди дека до највисокиот суд ги доставил списите за предметот „Тенк“, во кој на двегодишна затворска казна беше осуден експремиерот и бегалец, Никола Груевски, за набавката на „мерцедесот“. Тоа значи дека Врховниот суд сега ќе може да ја разгледува жалбата на адвокатите на Груевски за вонредно преиспитување на пресудата со која беше осуден Груевски.
„Со оглед дека со доставата, конечно, се создадени услови за постапување по предметот и по претходно доставениот вонреден правен лек од страна на одбраната на обвинетиот Н.Г., предметот „Тенк“, заедно со списите од раздвоената постапка, веднаш се доставени на надлежно постапување во Врховниот суд на РСМ“, информира Кривичниот суд.
Врховниот суд петти месец не можеше да одлучува по жалбата на осудениот бегалец Никола Груевски бидејќи списите за предметот „Тенк“ во раздвоената постапка за ексминистерката Гордана Јанкулоска беа доставени на одлучување во Апелациониот суд во Скопје. На ова реагираа адвокатите дека е оневозможено правото на жалба. Од Кривичниот суд во Скопје појаснија дека жалбата на Јанкулоска, која е редовен правен лек, има приоритет пред вонредниот правен лек што го поднел Груевски.
За Груевски судот по барање на СЈО определи притвор во неколку од предметите што ги застапува, меѓу кои за „Титаник“, „Траекторија“, ТНТ, „Талир“…
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 13:00 часот, улица Бунарџик. (Општина Илинден)
– во периот од 09-00 до 15-00 часот, дел од корисниците на улиците: Мице Козар и Ѓуро Салај. (Општина Ѓорче Петров)
Македонија
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 3, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува период на стабилно и релативно топло време. Во текот на ноќите и во утринските часови ќе има појава на магла на одредени места и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.
Македонија
Сообраќајот на граничниот премин Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално
Сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

