Македонија
Врховните судии ќе ја преиспитуваат пресудата за „мерцедесот“ на Јанкулоска
За вонредното преиспитување на затворската казна за ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, за набавката на „мерцедесот“, ако нема дополнителни промени во распоредот, месецов треба да одлучуваат судиите Фаик Арслани, Џемали Саити, Африм Фидани, Снежана Бајлозова и Јелица Крстевска.
В. д. претседателот на судот, Фаик Арлсани, двапати одби да одговори на нашите прашања. Арслани по жалбите во Судскиот совет дека нема доволно судии во највисокиот суд направи промени во распоредот на судиите, а тоа се однесува и на кривичниот совет, кој треба да одлучува дали ќе ѝ ја прифати или одбие жалбата на Јанкулоска. Ова следува по разрешувањето на судиите Јово Вангеловски и Рахилка Стојковска, кои беа членови на кривичниот совет.
На 24 јуни Врховниот суд ѝ го прифати барањето на Јанкулоска за вонредно преиспитување на пресудата и ѝ го одложи издржувањето на затворската казна. Судијката Добрила Кацарска првично ја осуди Јанкулоска на шест години затвор за злоупотреба на службената положба и овластувањето, а Апелациониот суд ѝ ја намали казната на четири години.
Извршувањето на казната се одложи бидејќи бебето на Јанкулоска немаше наполнето една година. Во меѓувреме, Врховен го прифати нејзиното барање за преиспитување на пресудата со привремена мерка за одлагање на извршувањето на казната, дури судиите не одлучат за пресудата.
На ист начин од затворска казна се спаси поранешниот премиер и министер Владо Бучковски кога Врховниот суд го одложи издржувањето на затворската казна, а потоа случајот го врати на повторно судење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

