Македонија
Вучиќ, Рама и Заев разговараа за обновување на иницијативата за регионална соработка
Лидерите на Србија, Албанија и Северна Македонија – претседателот Александар Вучиќ, премиерите Еди Рама и Зоран Заев денеска одржаа состанок преку интернет-конференциска врска за обновување на иницијативата за регионална соработка започната минатата година.
Активностите на иницијативата за регионална соработка беа одложени поради пандемијата Ковид-19 и изборите во Северна Македонија и Србија и тројцата лидери се согласија дека кризата ја нагласи потребата од натамошно интензивирање на меѓусебната соработка и регионалната економска интеграција.
За време на средбата преку интернет, претседателот Вучиќ и премиерите Рама и Заев истакнаа дека оваа иницијатива е целосно во согласност со Берлинскиот процес и дека е добра основа за подготовка на земјите од Западен Балкан за претстојниот Самит на Западен Балкан што ќе се одржи во Софија во ноември во рамките на Берлинскиот процес со кој оваа година копретседаваат Бугарија и Северна Македонија.
Лидерите на Србија, Албанија и Северна Македонија се согласија дека е многу важно сите шест земји од Западен Балкан да учествуваат во иницијативата за регионална соработка и во таа насока денеска и официјално го поканија Косово да се приклучи на иницијативата и како резултат на рамката поставена на самитот во Вашингтон во септември годинава меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти.
„Претседателот Вучиќ, и премиерите Рама и Заев, исто така се согласија да формираат постојана работна група од претставници на сите земји од иницијативата за да се забрза спроведувањето на договорените активности во рамките на регионалната соработка.Лидерите на Србија, Албанија и Северна Македонија, учесници на денешната онлајн средба, се согласија дека иницијативата за регионална соработка е добра основа за идентификување на заеднички инфраструктурни проекти за развојната агенда на регионот кои можат да бидат опфатени со Економско-инвестицискиот пакет на ЕУ за Западен Балкан што неодамна го усвои Европската kомисија“, се вели во соопштението.
Тројцата лидери изразија надеж дека наскоро и Црна Гора и Босна и Херцеговина ќе се приклучат на иницијативата со што ќе се постигне подобра и посеопфатна економска соработка помеѓу сите држави во регионот. Тие се согласија за отворени граници без ПЦР-тестови почнувајќи од понеделник (02.11.2020 година), а во меѓувреме во пресрет на состанокот во Софија ќе се работи на продлабочување на соработката во јавното здравство и меѓусебната помош.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Андоновски учесник на најголемиот светски конгрес за мобилни оператори – MWC26 во Барселона: во фокусот проектот „Роаминг како дома“
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска е во работна посета на Барселона, Шпанија каде учествува на MWC26 (Mobile World Congress) – најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди и дигитални решенија во светот.
Во рамки на својата посета, министерот се задржа на лобирање за принципот „роаминг како дома“, со цел понатамошно унапредување на условите за граѓаните и бизнисите преку намалување на трошоците за роаминг и приближување кон европските стандарди.
Министерот Андоновски беше дел од GSMA Ministerial Programme, каде се дискутираше за клучни политики и приоритети поврзани со поврзливоста, дигиталната инфраструктура, безбедноста и идните мрежни технологии.
„Ова е најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди во светот. Заедно со претставници на Влади и претставници на приватниот сектор, разговараме за прашањата кои најмногу ги засегаат нашите граѓани и корисниците, а тоа за нас секако е проектот „Роаминг како дома“ – што значи цени како дома за користење на мобилни услуги, СМС пораки и интернет било каде во Европската Унија. Можам да кажам дека од владите и од нашите меѓународни партнери добиваме голема поддршка за овој проект, но и разбирање од големите телеком оператори“, истакна Андоновски.
Министерот додаде: „Во текот на денот имав можност да се сретнам со мобилни оператори кои се присутни во Македонија, но и со бројни светски производители на опрема, даватели на облак (cloud) услуги, каде што разговаравме за најважните прашања кои во моментов го засегаат секторот на дигитализација: изградба на дата центри, вештачка интелигенција, сајбер безбедност и целосна дигитална трансформација на општеството.“
Македонија
Сиљановска-Давкова со претставници на Фондацијата Роми за Европа и Ромскиот образовен фонд: образованието е клучен фактор на социјалната мобилност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Лолита Хасани Грасман, советник за институционална соработка и комуникација во Фондацијата Роми за Европа со седиште во Брисел и Реџепали Чупи, директор на Ромскиот образовен фонд за нашата држава и Србија, со седиште во Букурешт.
На средбата, соговорниците ја информираа претседателката за тековните активности насочени кон развој на вештини, образовни програми, зголемување на можностите за вработување и одржливо економско учество на Ромите.
Гостите изразија желба и надеж за соработка со Владата заради унапредување на економската инклузија на ромската заедница како и нејзино економско зајакнување. Исто така, беше најавено дека Ромскиот образовен фонд планира да отвори ХАБ центар во Шуто Оризари којшто ќе работи со деца, родители и наставници на дигитализација, нови методологии на учење и развој на вештини за идно вработување и лидерство.
Претседателката нагласи дека образованието е клучен фактор на социјалната мобилност, оти помага во градењето самодоверба и лидерство. Според неа, младите образовани Роми стануваат инспиративни модели во заедницата и носители и двигатели на позитивни промени. За неа, инклузијата во предучилишното и основно образование директно влијае врз понатамошниот успех на ромските ученици, бидејќи без квалитетно образование, можностите за пристојно и достоинствено вработување се ограничени.
Таа смета дека пристапот до образованието на децата Роми е приоритет, оти само преку рана и континуирана образовна вклученост, можеме да обезбедиме социјална интеграција, заштита од ризици и еднакви можности за иднината. Според претседателката, економската и образовната интеграција на Ромите е важна за општествениот развој, оценувајќи дека партнерството со меѓународните организации може да придонесе за зајакнување на нивните можности и шанси за долгорочна интеграција. Заедничките иницијативи се клучни за унапредување на положбата на ромската заедница и напредок, смета таа.

