Македонија
Вчера се вакцинирале 10.984 граѓани

На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера, вакцинирани се вкупно 519.106 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 3.905 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 10.984 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 932.603 дози вакцини, а втора доза примиле 409.186 граѓани, соопшти Министерството за здравство.
Со последните бројки, 65 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 62 % од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 57 % од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 47 % од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Вакцинацијата, како што истакнаа од Министерството, се одвива непречено на сите пунктови во државата, а во тек е и теренска вакцинација.
Граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постојните вакцинални пунктовите во државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територијата на целата држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Интернет-страницата vakcinacija.mk е отворена за закажување термини за вакцинација на децата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден

Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден – 20 април. Ваквото поклопување не се случува често, бидејќи источната и западната црква користат различни календари (јулијански и грегоријански), но годинава датумите се совпаѓаат.
Двата најважни празници во христијанството се Божиќ и Велигден, денот на раѓањето и денот на воскресението на Исус Христос. Датумот на Божиќ е утврден – тоа е 25 декември, и во јулијанскиот и во грегоријанскиот календар.
Велигден, пак, секоја година паѓа на различен датум, што многумина збунува. Иако секогаш се слави во недела, правилата за одредување на датумот на овој празник не се едноставни – тие вклучуваат астрономија, математика и вековна црковна традиција.
По годинашното совпаѓање, догодина православната и римокатоличката црква, повторно различно ќе го слават Велигден. Православните верници Воскресението Христово во 2026 година ќе го одбележат на 12 април, а католичките една недела порано на 5 април.
Последното славење на Велигден на ист ден беше во 2017 година, а следното ќе биде на 16 април 2028.
Македонија
Дел од улиците низ Скопје ќе бидат затворени заради верскиот празник Велигден

По повод верскиот празник „Воскресение Христово-Велигден” од попладне ќе биде воведен посебен сообраќаен режим на одредени сообраќајници во централното градско подрачје и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.
Како што соопшти МВР, во периодот од 18 часот во центарот на Скопје по потреба за сообраќај ќе бидат затворени бул.„Партизански Одреди” од крстосницата со ул.„Франклин Рузвелт” до крстосницата со бул.„ВМРО”, бул.„Св.Климент Охридски” од крстосницата со бул.„Илинден” до крстосницата со ул.„Димитрие Чуповски” и ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ од крстосницата со ул.„9-ти Мај” до кружната крстосница со ул.„Св. Кирил и Методиј”.
На автобусите кои што минуваат преку мостот „Гоце Делчев” по потреба ќе им се менува трасата на движење при што истите ќе се движат по бул.„Илинден” и преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”, додека автобусите коишто минуваат преку центарот на градот ќе се движат по ул.„М.Т.Гологанов” па преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”. И во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници.
Во општина Ѓорче Петров по потреба за сообраќај ќе се затвори ул.„Македонска Војска“ пред црквата „Свети Петар и Павле“ на потегот од крстосницата со бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“.
Во општина Аеродром по потреба за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон с. Лисиче.
По потреба за сообраќај ќе бидат затворени и други сообраќајници кои гравитираат околу верските објекти.
Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност

Времето денеска, сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Во крајните источни планински региони ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, поизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 18 до 26 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Во наредните денови следува период на топло време. Во недела ќе се задржи сончево со мала до умерена облачност, а од понеделник променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи.