Македонија
В недела во Скопје изменет сообраќаен режим поради настанот „Вело Фиеста“
МВР ги известува граѓаните дека на подрачјето на Скопје, утре, недела (19 септември), во периодот од 18 до 23 часот, поради реализација на манифестацијата „Вело Фиеста“ во организација на Град Скопје, на дел од улицата „Димитрие Чуповски“, на потегот од крстосницата со улицата „Даме Груев“ до крстосницата со улицата „11 Октомври“, сообраќајната полиција ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што моторните возила ќе се пренасочуваат по околните улици.
Ресорното министерство апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите што ќе ги даваат полициски службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филков: Криумчирањето мигранти не познава граници, одговорот мора да биде заеднички
Министерот за правда Игор Филков денеска учествуваше на настан посветен на новиот Пакет за миграција и азил, организиран од Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија.
Во своето обраќање, министерот истакна дека криумчарењето на мигранти е еден од најбрзо растечките облици на организиран криминал во светот – сериозен безбедносен и хуманитарен предизвик со кој ниту една држава не може да се справи сама.
Република Македонија ги има ратификувано сите релевантни меѓународни инструменти, вклучително и Протоколот на Обединетите нации против криумчарење на мигранти. Сепак, клучниот предизвик останува доследната примена на стандардите и зајакнувањето на меѓународната соработка.
,,На национално ниво, значајна е улогата на надлежните органи во откривањето, гонењето и пресудувањето на овој вид криминал. Неопходно е криумчарењето на мигранти да се третира преку инструменти карактеристични за борбата против организираниот криминал. Во тој контекст, пристапот „следи ги парите“, поддржан со ефикасна меѓународна соработка, е од суштинско значење, особено имајќи го предвид растечкото влијание на современите технологии врз начинот на извршување на овие кривични дела. Затоа, финансиските истраги насочени кон криминалната инфраструктура претставуваат клучен сегмент во борбата против овој феномен”, рече Филков.
Во таа насока, министерот информираше дека Министерството за правда активно работи на подготовка на нови системски закони, при што во новиот Кривичен законик и во работната верзија на Законот за кривичната постапка се инкорпорирани најновите меѓународни стандарди, особено во делот на финансиските истраги, процесните права и заштитата на жртвите.
Тој посочи и на зголемениот обем на меѓународна правна помош во последните години, при што во 2024 година биле заведени 46 предмети за кривичното дело „Криумчарење на мигранти“, а во 2025 година – 56 предмети, најчесто со европски држави, што ја потврдува интензивната меѓународна соработка во оваа област.
Македонија
Бислимоски и РКЕ очекуваат расчистување на случајот со „Тритерол Петрол“: Постапено е согласно закон
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и претседателот Марко Бислимоски се отворени за соработка со сите институции со цел да се расчисти посочениот случај кој е споделен во јавноста од страна на Финансиската полиција, соопштија денеска од таму по информацијата во медиумите дека Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), поради сомнение за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
„РКЕ ја информира јавноста дека во конкретниот случај за постапката за одземање на лиценца на Тритерол Петрол е постапено согласно Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, со тоа што на ист начин и во исти рокови е постапено и за други компании баратели на лиценци.
РКЕ нема да коментира детали со цел да остави институциите на системот професионално да си ја вршат работата“, соопштија од Регулаторната комисија.
Според претходно изнесените информации Бислимоски, спротивно на Законот за енергетика и правилата за лиценци, не отпочнал постапка за одземање лиценца за вршење енергетска дејност – трговија на големо со сурова нафта и нафтени деривати (вклучително еуродизел, биодизел, еуросупер, екстра лесно масло и течен нафтен гас) – на компанијата „Тритерол Петрол ДООЕЛ“ Скопје, иако, за тоа постоеле законски основи поради неисполнување пропишани услови.
Македонија
Силувале 13-годишно девојче, ја удирале и навредувале: осомничени четири лица од Неготинско
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Силување на дете кое не наполнило 15 години казниво според член 188 став 3 од Кривичниот зкаоник.
Осомничените на 14.02.2025 година се договориле и со возило зеле 13-годишно девојче-жртва од Неготино со кое еден од осомничените претходно се познавал.
Детето го однеле локација надвор од неготинското село Криволак и сите имале сексуални односи со жртвата, удирајќи ја и навредувајќи ја, по што ја вратиле во Неготино.
Во текот на претходната постапка осомничените беа обезбедени со мерки на претпазливост, а со поведувањето на истрагата јавниот обвинител побара од судот мерките да се заменат со ефективен притвор, особено бидејќи прибраните докази до овој момент упатуваат на сомненија за тешко кривично дело за кое е запретена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.

