Македонија
В среда јавна презентација на проекти за урбанистичка визија за Дебар Маало

Јавната презентација на проекти за урбанистичка визија за Дебар Маало ќе се одржи в среда (12 јуни), од 10 до 14 часот на паркингот пред Општина Центар.
„Дебар Маало како една од најатрактивните локации за живеење во Скопје е под постојан притисок на интензивна градба. Ваквата состојба резултира со намалување на јавните простори и намалување на комплетниот квалитет на живeење. Оттаму, потребно е да се промени начинот на гледање на просторот и да се бараат простори што може да го надоместат изгубеното или да го искористат потенцијалот на постојните локации“, велат од Институтот за комуникациски студии.
Студенти по архитектура, под менторство на проф. д-р Дивна Пенчиќ, детектираа десетина атрактивни и подобни простори и локации во Дебар Маало и изработија макети и постери за нивно идно користење и изградба.
На настанот жителите на населбата и други граѓани ќе може да ги видат урбанистичките решенија и визиите на студентите за подобрување на условите за живеење во Дебар Маало.
Јавната презентација се одржува во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, која ја реализира Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од британската амбасада во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Каналот и детската градинка во Хасанбег стануваат реалност

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска заедно со претседателот на Собранието Африм Гаши, министерот за социјална работа, демографија и млади Фатмир Лимани и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, беше на посета во скопската населба Хасанбег (Ченто) каде најави наскоро започнување на два капитални проекти за оваа населба.
„Ветување неисполнето со години од минатите влади сега станува реалност! Хасанбег конечно ќе ги добие атмосферскиот канал и државната детска градинка кои одамна беа ветени, но никогаш реализирани“, изјави Меџити.
„Да не заборавиме: страшните поплави во 2016 година однесоа 23 животи и уништија домови, земјишта и бизниси. Но, тогашната влада не ги презеде неопходните мерки за да спречат слични трагедии во иднина. Недостатокот на соодветна дренажа беше еден од главните фактори за катастрофалните штети. Сега, оваа грешка ќе биде исправена!“, рече Меџити.
Тој најави дека оваа значајна инвестиција, вредна 38 милиони денари, ќе овозможи изградба на канал во должина од 1.350 метри и ширина од 4 до 10 метри, во зависност од близината на куќите.
„Овој проект не е само инфраструктурна интервенција, туку посветеност на безбедноста, животот и достоинството на жителите на Хасанбег“, изјави првиот вицепремиер Меџити.
Проектот ќе се реализира со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со општина Гази Баба, со што ќе се означи важен чекор кон правдата и безбедноста за жителите од овој крај.
Македонија
Герасимовски: Центар ја совлада екипата на Кисела Вода во фудбал на 41-те маџирмаалски средби

Денеска, екипата на општина Центар, предводена од градоначалникот Горан Герасимовски издвојува победа против екипата на Општина Кисела Вода, на ревијалниот натпревар во рамки на 41-те Маџирмаалски средби.
„Игравме фанта – стара, но добро зачувана игра, со што ја негуваме традицијата и спортскиот дух на нашата заедница. Гордост ми е што и оваа година сме заедно на овие прекрасни Маџирмаалски средби! Нашата традиција живее преку спортот, дружбата и заедништвото, а мојата поддршка ќе продолжи и во иднина. Изненаден сум од оваа позитивна енергија, од ова другарство и од целокупната организација, ви симнувам капа. Да славиме уште многу години! Да сте ми живи и здрави, мои Центарци, мои Маџирмаалци!“, истакна Герасимовски.
Маџирмаалските средби, по 41-ви пат почнаа вчера, традиција којашто се одржува со децении и го чува духот на Маџир Маало, како едно од најстарите и најавтентичните скопски маала. На самото отворање, Герасимовски потенцираше дека има голема чест што заеднички со маџирмаалците се одбележуваат овие денови.
„Маџир Маало е едно од најстарите и најавтентичните скопски маала – место со душа, каде што се чувствува посебната магија на градот. Нека оваа прекрасна традиција продолжи уште многу години!“, рече Герасимовски.
Македонија
Перински во Гази Баба: Домот на културата „11 Октомври“ во Ченто по скоро 40 години, повторно ќе стане центар на културата

Во рамки на теренските посети на општините насловени „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и градоначалникот, Бобан Стефковски, извршија увид на започнатата реконструкција на Домот на Културата „11 Октомври“, лоциран во паркот во Ченто. Градоначалникот Стефковски информираше дека домот ќе се простира на 1.000 метри квадратни, ќе има три нивоа, ќе биде енергетски ефикасeн и целосно инклузивен со лифт и тоалети за лица со посебни потреби, со капацитет за 180 гледачи.
„Повеќе од четири децении ова место беше најцрната точка во општина Гази Баба во кое се вршеа и девијантни појави, а за помалку од 18 месеци од денес ќе прерасне во центар на културата. Вкупната инвестиција е 84.240.000 денари обезбедени од првиот јавен повик на Владата и изразувам благодарност за финансиската поддршка на инфраструктурни проекти во општините која од историска важност и ќе донесе забрзан развој кој ќе ги реши децениските проблеми на граѓаните“, изјави градоначалникот Стефковски.
Ова е еден од четирите проекти кои ќе се реализираат во општина Гази Баба со средства од државниот буџет, за кој Општината аплицираше на првиот владин јавен повик.
„Повеќе од 40 години, скоро сите политички гарнитури ветуваа реконструкција и инвестиција за подобрување на условите за овој Дом, но, тоа досега, за жал, не се случи. Оваа Влада, преку првиот повик, успеа и овозможи средства за обнова на објектот, кое е култно место за жителите на Гази Баба. Сега, како резултат на нашата посветеност за поддршка на општините, како и посветеноста на градоначалникот Стефковски да ги детектира потребите на граѓаните и да аплицира на повикот, Домот на култура ќе стане центар на креативност и културни настани, место каде што ќе може да се собираат нашите деца, културни друштва и сите љубители на уметноста и културата. Оваа Влада со дела потврдува дека е вистински пријател на општините. Како и досега, така и од сега, ќе продолжиме да инвестира во проекти коишто се врз основа на потребите на граѓаните. Јас се надевам дека за многу кратко време, ова многу битно место за жителите од ова населено место, ќе прерасне во вистински храм на културата и заедно ќе се радуваме на многу убави настани“, изјави министерот Перински.
И премиерот Мицкоски не го криеше задоволството од почетокот на реконструкцијата на Домот на културата и јавно им честиташе на сите оние кои биле вклучени во процесот да ја детектираат потребата од овој проект.
„Продолжуваме и натаму да инвестираме проекти во општините, да поддржуваме капитални инвестиции. Нѐ очекува динамична пролет и реализација не само на проектите од првиот, туку и на оние од вториот јавен повик кои се финансираат со наша поддршка“, потенцираше премиерот.
Серијата посети на министерот за локална самоуправа Перински, продолжуваат и во следните денови, веќе од утре, ќе се реализираат средби со управата на Општина Чаир, како и со локалните жители.