Македонија
В четврток прскање против комарци во Скопје

Град Скопје информира дека на 29 август, четврток, во раните утрински часови ќе се изврши авионска дезинсекција против ларви од комарци, на подрачјето на Скопје. На истиот датум, во текот на денот ќе се изврши и терестрична дезинсекција против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, таа ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во истиот термин.
Се известуваат пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бислимоски ќе побара цената на водата да ја одредува РКЕ место советите на општините за да се намали загубата, која сега изнесува 64 отсто

За да се намали загубата на водата за пиење, која на национално ниво во просек изнесува речиси 64 отсто, неопходно е Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) да ја определува конечната цена на водата. Ова е клучното барање на учесниците на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“ во организација на Здружението на даватели на комуналните услуги – АДКОМ.
За тоа да се случи, неопходно е да се направат измени на сет закони за кои е потребен општествен и политички консензус, посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
„Потребно е двотретинско мнозинство, со кое ќе се донесат измените на законите во оваа област и ќе се овозможи РКЕ, наместо советите на општините, да ја утврдува конечната цена на водата. Начинот на кој сега се определува цената не е во ред: долга е процедурата, поделена е во повеќе фази и не го дава посакуваниот резултат. Ние заедно со АДКОМ ќе поднесеме иницијатива до Собранието за да почне процедурата за промена на законската регулатива. Имаме методологии, кои се поттикнувачки, и веруваме дека ќе влијаеме на подобрување на економските перформанси на претпријатијата, оптимизирање на нивната работа и намалување на загубите на водни услуги “, рече претседателот на РКЕ, Бислимоски.
Неопходни се стабилни и самоодржливи јавни комунални претпријатија за да се направи промена на дотраената водоводна инфраструктура, што ќе влијае врз намалувањето на загубите.
„Ние немаме Б-опција да работиме без јавните комунални претпријатија. Мора да поставиме систем што ќе биде економски одржлив, а не да се одржува врз основа на донации. Да ги поттикнеме оптимално да работат, но и да се остави можност да направат профит, пари што ќе ги инвестираат во енергетска ефикасност и во нови капацитети за обновливи извори“, вели Бислимоски.
Македонија
Директор на „Комуналец“ во Кичево отворил дива депонија, МВР поднесе кривични пријави

Против директор на „Комуналец“ во Кичево и четворица вработени поднесена е кривична пријава за несовесно работење во службата и загрозување на животната средина и природата со отпадни материи.
Од МВР велат дека директорот на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ во Кичево, З. Ј., во периодот од 2020 година до денеска постапувал спротивно на прописите за заштита на животната средина и природата.
„Формирал дива депонија на повеќе илјади квадратни метри во населена зона во Кичево за која давал задолженија на вработените секојдневно да складираат, оставаат или расфрлаат отпадни материи. З. Ј. постапил спротивно и на одредбите од Законот за управување со отпадот и Законот за заштита на животната средина затоа што депонија ја формирал на државно земјиште во населениот дел на Кичево, без одлука на Советот на Општина Кичево, без градежна дозвола и без да поседува интегрирана еколошка дозвола и елаборат за заштита на животната средина“, велат од МВР.
Ваквата состојба, како што се додава, била констатирана со записник за извршен инспекциски надзор на Државен инспекторат за животна средина. На 4.6.2025 полициски службеници ги затекнале Б. Б., С. А., Д. Ј. и Ф.Т ., сите вработени како возачи на ЈКП „Комуналец“, како истураат комунален отпад на дивата депонија од специјални возила за собирање отпад.
Фото: илустрација
Македонија
Седум години од потпишувањето на договорот од Преспа

На денешен ден, 17 јуни, 2018 година, Скопје и Атина го потпишаа договорот од Преспа, со кој се затвори долгогодишниот спор меѓу двете земји. Потпишувањето беше организирано во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското Езеро.
Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите, Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување, Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
Осум месеци по потпишувањето, договорот беше ратификуван во македонското Собрание и во грчкиот парламент. На 12 февруари 2019 година договорот и официјално стапи во сила и Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.
Договорот наиде на негодувања од двете страни на границата, а во земјата беше спроведен и неуспешен референдум проследен со прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ На референдумот гласаа само 36,91 отсто од гласачите, од кои 91,47 процент беа „за“, а 5,64 отсто „против“. Голем број граѓани во тој период се изјаснија дека ќе го бојкотираат референдумот. Во периодот на референдумот беше забележана огромна меѓународна кампања, при што голем број лидери на држави и челници во ЕУ го повикаа македонскиот народ да се согласи на промена на името и ветуваа почеток на преговорте со Унијата, што до денес не се случи.
Договорот де факто овозможи Грција да не стави вето на приемот на Македонија во НАТО и се обврза дека нема да стави вето ни за приемот на Македонија во ЕУ. Вето за почеток на преговорите со ЕУ подоцна стави Бугарија.