Македонија
Вo „Систина“ спасен животот на 45-годишен пациент заболен од Ковид-19 со ЕКМО технологија
Со примена на ЕКМО технологија во клиничката болница „Аџибадем Систина“ е спасен животот на 45 годишен пациент заболен од Ковид-19. Астрит Селимај бил примен во исклучително тешка здравствена состојба со прилично напредната ковид–пневмонија. Поради тоа прво бил ставен на респиратор, а по конзилијарното мислење на тимот доктори од „Аџибадем Систина“ и инфектолог од ГОБ „8-ми септември“, пациентот бил префрлен на ЕКМО апарат, кој всушност бил пресуден за неговото преживување. Астрит е првиот пациент во Македонија кој е излекуван од Ковид-19 со примена на оваа технологија.
За неговото здравје се погрижи искусен тим доктори од болницата „Аџибадем Систина“ – д-р Митко Караѓозов, шеф на тораковаскуларна хирургија, проф. Д-р Александар Николиќ, шеф на кардиохирургија, д-р Димче Славески, шеф на кардиохируршка анестезија, д-р Никола Шиков, шеф на општа – интензивна нега, д-р Хараламбос Сидиропулос, специјалист по инфектологија и д-р Патриција Каламарес, инфектолог од ГОБ „8-ми Септември“.
„ За првпат кај пациент со Ковид-19 е применета технологија на ЕКМО која ја поседува Клиничка болница „Аџибадем Систина“. ЕКМО-машината му овозможи на пациентот да преживее, состојбата со плуќата се подобри, ЕКМО апаратот се исклучи, по што пациентот дишеше на респиратор. Откако и со респиратор состојбата се подобри, параметрите беа во граница на нормала се исклучи и респираторот, пациентот се врати во нормален живот. И еве за среќа, за наша голема радост си оди дома. Горди сме затоа што “Ацибадем Систина“ уште еднаш докажа дека е голема болница со врвна технологија и медицина и дека може да се справи и со најтешките компликации коишто ги предизвикува Ковид-19“, истакна Шефот на тораковаскуларна хирургија во „Аџибадем Систина“, м-р. д-р Митко Караѓозов.

Д-р Димче Славески шефот на кардиохируршка анестезија вели дека ЕКМО апаратот е последна опција и шанса за живот за критично болните од Ковид-19.
„ Кога кај пациентот дури ни респираторот не може веќе да се обезбеди доволна оксигенација на организмот останува само ЕКМО апаратот, кој всушност е замена за белите дробови на организмот. Значи, во фаза кога респираторот веќе не можеше да обезбеди адекватна оксигенација на пациентот, конзилиумот доктори одлучи да му дадеме шанса и да го ставиме на ЕКМО машина, односно на вено-венска екстракорпорална мембранска оксигенација, која ја заменува работата на белите дробови“ изјави д-р Славески.
ЕКМО апаратот е нова надеж во третманот на тешко болни пациенти со Ковид-19, вели инфектологот од ГОБ „8-ми Септември“ Патриција Каламарес. Таа смета дека заедно со тимот од „Аџибадем Систина“ постигнале огромен успех во третманот и лекувањето на коронавирусот.
„ Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е прва на Балканот којашто го примени ЕКМО апаратот за лекување на ковид-пациeнт. Без ЕКМО технологијата, пациентот немаше да преживее. Отсега па натаму сметам дека овој апарат ќе се применува и при лекувањето на други пациенти со тешки компликации. ЕКМО aпаратот е единствената машина која може да му подари нов живот на пациентот“, вели д-р Каламарес.
По 25 дена борба за живот, 45-годишниот Астрит конечно, со насмевка на лицето, заминува кај своето семејство. Немал претходни заболувања, ситуацијата со коронавирусот му се влошила многу брзо, а докторите од „Aџибадем Систина“ му го спасиле животот.
„ Дојдов на 10 август со ваше возило. Му благодарам на Господ, лекарите и сиот персонал за целосниот третман тука, а посебна благодарност до Д-р. Никола Шиков, кој најмногу се грижеше за мене. Пресреќен сум што се враќам дома кај семејството по 25 дена. Немав други заборувања. Не сум бил болен од ништо друго“, рече 45-годишниот пациент.
Скоро еден месец траеше борбата за живот на Астрит. Благодарение на ЕКМО технологијата и искусните доктори од „Аџибадем Систина“ тој сега е во добра здравствена состојба.
„ Ќе му треба период на рехабилитација, но сите анализи покажуваат дека е во добра кондиција, вели Никола Шиков, специјалист по анестезиологија со интензивно лекување“.
Клиничката болница „Аџибадем Систина“ нуди врвна нега за лекување и третман на Kовид-пациенти, со максимална безбедност во и посебно-изолиран дел во болницата наменет само за третман на позитивни пациенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

