Македонија
Галески: Додека владата и Арсовска си ја префрлаат топката, 1000 семејства страдаат без плати
Вистинска штета е што додека Владата и Градот си ја префрлаат топката едни на други, едните велат дека на другите им должат два милиони евра, а првите велат дека не е точно, најмногу трпат граѓаните кои се вработени во ЈСП, над илјада семејства, кои не добиваат плата редовно, и оние кои ги користат услугите на ова јавно претпријатие, а чие користење е доведено во прашање, рече советникот во Град Скопје, Луке Галески, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него „вистинска штета е што дури и да ја донесеме оваа одлука денес, ќе ги залечиме раните на претпријатието, но нема да го решиме проблемот. Прашање на време е кога повторно ЈСП ќе заглави вака. Иако помагаме не го решаваме проблемот затоа што изворот на проблемот е двостран, Владата и неспособноста на градската администрација“.
Галсеки истакна дека прашања кои заслужуваат одговори се: „Зошто ако Владата должела два милиони евра на ЈСП, Градот и Арсовска не кажаа збор за тоа дека на пример Клинички должи два милиони евра на Водовод, каде Арсовска си направи политичко харикири, зошто директорот на Улици и патишта молчи што Градот му должи милион евра и зошто ако Арсовска сето ова го има на товар, со толку многу долгови, прави тендери и троши пари за анкети“.
„Госпоѓо Арсовска, ако продолжите вака вашиот рејтинг оди кон нула. Помина месец дена од политичкото разидување со ВМРО-ДПМНЕ, а денес на дневен ред разговараме за банкротирано претпријатие, банкрот, хаос, огромни долгови, матни ликови за кои се говори дека одат по институции и договараат тендери, и една политички чудна но логично криминална и медарски расположена коалиција составена од една партија на власт, друга партија на власт, којашто полутајно ја поддржува градоначалничката, и секако Арсовска со неколку луѓе околу неа. За жал, вака изгледа Скопје кога Арсосвска го води“, рече Галески.
Тој укажа дека за првпат по формирањето на ЈСП претпријатието не е во состојба да ја извршува функцијата за која е формирано. Тоа, додаде Галески, говори дека менаџерката на Градот не менаџира со она што е основна функција на претпријатието и за ова може да се бараат изговори во ВМРО-ДПМНЕ, но факт е дека таа си го постави директорот.
„Директорот е предвесник на полутајната коалиција. И да ги кажеме состојбите какви што се и зошто СДСМ за состојбите во ЈСП го обвинува ВМРО-ДПМНЕ. На вакво прашање не треба да се ловат политички поени, но доколку ги гледаме низ политичка призма фотографијата на која до директорот во седиштето на СДСМ седат советници од СДСМ кажува дека ова не е професионален кадар, туку кадар по медарскиот карактер на Арсовска“
Галески потенцираше: „Жално е што се расправа за ова, градоначалничките имате мед, медот го добивате, ама треба да знаете дека по медот доаѓа и пелинот, со здравје да си го носите“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

