Македонија
Гаши бара од институциите да откријат кој им се заканува на пратениците на ДУИ
Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска информира дека пратениците на ДУИ добиле електронски пораки со закани од непознат испраќач и апелира надлежните институции да го истражат инцидентот.
Вознемирен од овие пораки, како што информира собраниската прес-служба, претседателот Гаши веќе се обратил до колегите од ДУИ и до надлежните институции да го истражат инцидентот.
„Претседателот на Собранието најостро осудува секаков облик на закани, обиди за насилство или поттикнување насилство. Пратениците се директно избирани од граѓаните и додека слободата на говор е неприкосновена, таа не смее да ја загрозува слободата на другите. Анонимноста во испраќањето такви пораки или на социјалните мрежи може да му даде на испраќачот чувство на неказнивост, но мора да признаеме дека нашите институции се активни и способни. Претседателот Гаши е уверен дека испраќачот ќе биде идентификуван и соодветно санкциониран“, стои во соопштението.
Во демократско општество, како што се наведува, нема место за закани, ниту за вознемирување во било која форма.
„Претседателот Гаши ги повикува и охрабрува сите надлежни институции веднаш да постапат во овој случај. Претседателот Гаши нагласува дека сочувствува и ја споделува вознемиреноста на пратениците и нивните семејства. Во моментот кога институциите ќе достават било каква информација за предметниот случај, медиумите ќе бидат веднаш известени од страна на Кабинетот на претседателот“, се вели во соопштението.
Министерството за внатрешни работи синоќа информира дека на 25 овој месец во 13:58 часот во полициската станица „Центар“, претставник на една политичка партија пријавил дека на 23 јули 2024 година во 18:15 часот, од непозната електронска адреса, на службените електронски адреси на неколку пратеници во Собранието била испратена порака со заканувачка содржина.
Од МВР посочија дека за настанот е известена Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје и дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.

